Артур Жмиевски, 1966, Варшава, Полска / Павел Алтамер, 1967, Варшава, Полска
Без наслов (од циклусот Полска школа на колаж), 2022
Колаж, акрилик на хартија, 100 х 70 см
Аквизиција: Подарок
Инвентарен бр.: 05260
Артур Жмиевски и Павел Алтамер, во своите индивидуални уметнички кариери, спаѓаат меѓу најреномираните полски уметници. За време на заедничката резиденција во Јапонија во 2017, тие започнуваат да работат повремено на заеднички проекти со сличен карактер, кој подразбира изработка на спонтано настанати колажи со користење на различни илустрирани уметнички, медицински и други списанија или книги. Колаборативниот проект „Полска школа на колаж“ што се реализираше како резиденција од 1. до 15. јули 2022 година се одвиваше во еден од галериските простори на Музејот на современата уметност во Скопје, според веќе утврдената сатница како и во останатите нивни проекти, односно секој ден од 14 часот до полноќ и во поголемиот дел од времето со присуство на посетителите на музејот. Во текот на тие две недели заедничка работа, уметниците создадоа 30 колажи на картон со користење на акрилни бои и исечоци од стари историски книги, уметнички списанија, медицински илустрации, географски атласи, мапи, постери, фотографии, образовни графикони итн. Посетителите беа повикани да донесат дел од овие материјали, и со тоа да придонесат во создавањето на делата. Резултатот од овој процес е серија на колористички и цртачки впечатливо интегрирани претстави со користените фото-исечоци, кои истовремено може да се разберат како референци на темата на средновековниот „dance macabre“ и на настани, личности или обележја апсорбирани од локалниот историски контекст. Колажите на крајот од резиденцијата беа изложени во истата галерија на Музејот на современата уметност од 14. јули до 25 август 2022 година: https://msu.mk/exhibition/
Биографии
Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео. Во своите дела тој го разоткрива светот на „другите“, кои често минуваат незабележани, притоа инсистирајќи на совесно учество на уметноста во општествениот живот. Тој го снима нивното секојдневие, покажувајќи како физичките и психичките ограничувања ги осудуваат овие луѓе да бидат маргинализирани во општеството. Преку експерименти со учество на избрани групи, тој се обидува да разбере тешки искуства и табу теми. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година. Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, пи Новата Пинакотека во Минхен.
Павел Алтхамер (1967) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава. Работи во различни медиуми како скулптура, перформанс, инсталација, видео, а освен во однос на медумите неговите дела се разновидни и во однос на формата. Тој создава скулпторски автопортрети, се појавува во перформанси и видео, настојувајќи да ја доживее материјалноста на телото и да ги дефинира сопствените ментални граници. Преку акции во кои вклучува цели заедници, тој сака да создава општествени заедници, соочувајќи се со луѓето преку уметноста. Тој го доведува во прашање значењето на монументалните споменици според обемот на неговите дела и случајноста на неговите материјали. Во неговите дела се повикува и на социјалната скулптура на Бојс и на наследството на „Отворената форма“ на Оскар Хансен. Учествувал на најзначајните светски изложби, меѓу кои Документа 10 (1997), на Биеналето во Венеција (2003, 2013), Берлинското Биенале (2012), Skulptur Projekte Münster (2017). Добитник е и на бројни награди, како што е биеналната Награда за современа уметност во Европа „Винсент ван Гог“ во 2004 година.