Новости Нови Донации: Јонас Стал и Ч‘то делат
EN

Нови Донации: Јонас Стал и Ч‘то делат

Холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал (Jonas Staal) и рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Ч‘то делат“ (Што да се прави?) подарија уметнички дела на Музејот на современата уметност – Скопје, така што, уметничката колекција на музејот е збогатена со уште неколку значајни дела од реномирани светски уметници.

Уметникот Јонас Стал ја подари својата инсталација „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која е дел од изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова.

 

Рускиот колектив „Ч‘то делат“ го подарија нивното видео „Becoming With the Museum“ за идната постојана поставка на МСУ. Ова видео беше продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамки на „Крик фестивалот“, кој во 2017 година се одржа во МСУ.

„Светски познатите уметници се свесни за значењето на нашиот музеј, затоа и донираат свои дела. Музејот на современата уметност – Скопје е симбол на солидарноста на некогашно солидарно Скопје. По катастрофалниот земјотрес 1963 година, се разбуди светската солидарност, не само во материјална помош за срушеното Скопје, туку и за подигнување на духот на настраданите. Многу светски реномирани уметници донираа свои дела во тоа време. Така почна и да се создава уметничката колекција на музејот. Денес, МСУ располага со богата уметничка колекција… од Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џоунс, до Вазарели и многу други. Тој тренд интензивираше последниов период.“ вели директорката на МСУ – Скопје, Мира Гаќина.

 

Инсталацијата „Нови сојузи“ од Стаал е уметничка и политичка кампања, чија појдовна точка е тековната политичка, економска, хуманитарна и еколошка криза во Европа со цел да ги здружи претставниците на трансдемократските движења и организации за да предложи сценарија за некои нови идни сојузи. Воопшто, делата на Стаал се однесуваат на врската помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата и се изложувани во Музејот Stedelijk во Амстердам, M_HKA во Антверпен, Музејот модерна во Стокхолм и Уметничкиот центар Nam June Paik во Сеул, како и 7 Берлинско биенале, 31 биенале во Сао Паоло и 12 биенале во Тајпеј.

 

Подареното видео од рускиот колектив го документира процесот во кој „Что Делат“ работат со група млади уметници и создаваат перформанс, кој го прикажува односот на учесниците со избраните уметнички дела од колекцијата на МСУ. Делото го поврзува макронаративот на различните уметнички дела (кога и како се создаваат, нивното општествено значење) со микронаративот на секој изведувач, кој преку своето тело и лирски текст го објаснува односот со избраното делото. Делото е освежувачко мапирање на музејот и историјата на младата генерација што го активира трансформативниот потенцијал на музејот. Колективот „Что делат“ (Што да се прави?) има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. „Что делат“ се залагаат за еднаквост на сите луѓе, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.

 

Рускиот колектив има соработувано со Документа 12 во Касел во 2007 година, 11-то издание на Биеналето Гвангжу во 2016 година, Програма за практика на Гараж Музејот во Москва во 2017 година…. И имаат изложувано на многу светски биеналиња, уметнички галерии и музеи низ светот како во Шангај, Москва, Мексико Сити, Берлин, Сан Паоло, Ливерпул, Њујорк, Лондон, Љубљана и др.

 

 

 

 

 

Горе: Ч‘то делат, Растење со музејот, перформанс 2017

Насловната фотографија: Јонас Стал, Нови сојузи 2016-2019