Новости Ариане Шпаниер за Музејот на современата уметност
EN

Ариане Шпаниер за Музејот на современата уметност

„Музејот на современата уметност – Скопје содржи неверојатна нарација, посилна и поемотивна од која било друга“ вели познатата германска дизајнерка Ариане Шпаниер, која е авторка на новите визуелни решенија за музејот.

На 13ти ноември се одбележуваат 50 години од отворањето на зградата на музејот, кој беше изграден по катастрофалниот земјотрес во 1963-та година и е донација од Владата на Полска во знак на солидарност.

За овој убав повод, Ариане заедно со поддршка на тимот од МСУ креираа свеж, нов визуелен старт за музејот. Ви пренесуваме како нејзината приказна со музејот почна да станува реалност.

 

Ариане Шпаниер: МСУ содржи неверојатна нарација, посилна и поемотивна од која било друга

Познатата германска дизајнерка Ариане Шпаниер е автор на новите визуелни решенија за Музејот на современата уметност – Скопје. На 13-ти ноември, музејот одбележува 50 години од постоењето на објектот, кој беше изграден по катастрофалниот земјотрес во 1963-та година и е донација од Владата на Полска во знак на солидарност.

Благодарејќи на хуманиот гест на многу светски респектибилни уметници, денес музејот располага со богата и разноврсна колекција, меѓу кои, дела од Пабло Пикасо, Александер Калдер, Ханс Хартунг, Пјер Сулаж, Зоран Мушиќ, Андре Масон, Виктор Вазарели, Алберто Бури, Кристо, Дејвид Хокни, Џаспер Џонс, Хенрик Стажевски, Јанис Гаитис и други значајни уметнички имиња во повоената уметност.

Затоа, Музејот на современата уметност – Скопје е веќе 50 години симбол на солидарноста.

Ариане Шпаниер е родена во Вајмар, Германија и е дипломец по визуелна комуникација на Академијата за уметност во Берлин. Клиентите кои влегуваат во нејзиното дизајнерско студио во Берлин доаѓаат од културното милје, како галеристи, уметници, режисери, музичари, издавачи и архитекти. Студиото е фокусирано на дизајн на книги, каталози, постери, како и идентитети, анимации, илустрации и дигитален дизајн. Од 2006 година Ариане е креативен директор на „Фукт“, годишно списание за современ цртеж. Интернационално е многукратно наградувана, а нејзината работа е публикувана во многу списанија и дизајнерски книги. Таа е член и на „Alliance Graphique Internationale“, а од 2018 година е дел од постојаното жири на годишниот натпревар „Kieler Woche“.

Приказната со МСУ стана моја реалност

Кога ќе се спомене МСУ/МoCА – Скопје нејзина прва помисла е историјата на Скопје, катастрофалниот земјотрес, кој го разруши градот, урбанистичкиот план на Кензо Танге и конкурсот на кој се пријавија познати светски архитекти за изградба на новиот објект на Музејот на современата уметност.

 

„Пред да го посетам Скопје, за градот слушав многу од мои пријатели, уметници од Берлин, кои биле инволвирани на некој начин со музејот, слушав и за изградбата на разрушеното Скопје од пријатели, архитекти во Германија. Кога добив шанса одблизу да го запознаам музејот и да дојдам во Скопје, конечно успеав да го составам мозаикот“.

 

За првпат го посетила Скопје и Музејот на Современата уметност во 2006 година. За време на нејзина резиденција во „Прес ту егзит“ проектот на македонските уметници Христина Иваноска и Јане Чаловски, учествувала и на мал цртачки изложбен настан со „ФУКТ“ магазинот.

 

„Кога за првпат влегов во музејот, врнеше дожд и протекуваше од кровот во самиот галериски простор. Подот беше мокар и некако таа меморија ми остана посилно врежана во главата од самата поставка. Неможев да верувам, бидејќи веднаш ја препознав убавината на објектот, неговата монументалност, стратешка локација на врвот од ридот од каде може да се разгледа градот, запознав луѓе кои беа толку гостопримливи и љубезни со мене, а сепак музејот имаше кров кој протекува, простор каде се презентираат врвни уметнички дела. Тоа боли“ вели Ариане.

 

 

Назад во Берлин, во 2008 година, Јане и Христина ја поканиле да дизајнира книга, лого и серија постери за нивниот проект “МоМА на Оскар Хансен“. И преку тој проект за првпат и била доближена историјата на музејот, преку една утопистичка идеја „Што би се случило со Музејот и неговата уметничка програма доколку, архитектот Оскар Хансен, кој учествуваше на полскиот натпревар за нова зграда на музејот, би го добил неговиот невообичаен предлог на музејска зграда, а не полското архитектонско студио „Тигри“, кои ја направија новата зграда на МСУ. Што ако идејата на Оскар за флексибилна архитектонска структура, која може да се отвора и прилагодува во зависност и според потребите на различни поставки беше реализирана?!„

 

„Ете ова беше мојот вовед и запознавање со МСУ од еден многу невообичаен аспект. Потоа ги запознав сегашната директорка на музејот, Мира Гаќина и кустосот Јованка Попова, кои ми дадоа шанса заедно да направиме свеж, нов визуелен старт за музејот и мојата приказна со МСУ почна да станува реалност. Кога читав за катастрофалниот скопски земјотрес од 1963та година, солидарноста на целиот свет да му помогне на градот, донациите на светските уметници, неговиот чудесен облик, кој лебди над градот, големиот илуминативен крст на планината Водно отспротива, и звукот од џамиите, кои се околу музејот, пукнатините во музејот од кои се уште знае да прокиснува дожд… целиот тој микс од емоции поврзан со историјата на вашата земја, па дури и „Скопје 2014“ обид за поставување на нови слоеви архитектурата во градот… сите тие анахронизми ми беа неверојатна инспирација додека го креирав новото видео за музејот и логоата по повод 50 години од постоењето на објектот. Сите тие пукнатини, целиот тој простор кој може да се доразвива и расте, простор кој нуди многу можности, за мене е далеку поголема инспирација за креација, отколку, совршено реновирани бели, а сепак здодевни ѕидови и фасади. Токму тоа беше главниот тригер за мојата инспирација“ објаснува Шпаниер.

Историски гледано МСУ е силен симбол на „ние“ 

„Вашиот музеј содржи неверојатна нарација, посилна и поемотивна од која било друга“ вели Ариане, и продолжува понатаму:

„Визуелниот дизајн е подржувач на она што е внатре, понекогаш новата облека може да направи разлика како некој се чувствува однадвор, но најважно од се е облеката да одговара. Кога мината година повторно го посетив музејот и присуствував на изложбата „Skopje Resurgent“ имав шанса да ги погледнам изложените оригинални договори со светските уметници, кои донираа свои дела на музејот по земјотресот, нивните своерачни потписи, договорите со светските галерии… и навистина беше многу емотивно, а сепак кровот од музејот се уште протекуваше. Сметам дека е редно време вашата држава да се свести за значењето на овој музеј и конечно да превземе нешто во врска со тоа“.

Шпаниер креираше повеќе варијации на логоа и видео, по повод 50 години од постоењето на објектот на музејот.

Логото е скршено, некомплетно и немирно. Буквата М е сеизмички прекршена и може да биде толкувана на различни начини.

„Оваа буква во себе содржи спомени на голема трагедија, на тектонски движења, а сепак со помош на многу светски познати архитекти и уметници е создаден животот на музејот. Од друга страна, гледачот може да се праша себеси: „Дали сакам регуларно М, кое изгледа како кое било друго или ова прекршено, полно со пукнатини и кое никој друг не може да каже дека е негово ја содржи целата автентична убавина во себе?“

Дали сакаме да го оставиме да изгледа како кое било друго М и да заборавиме дека низ неговите пукнатини пробива дожд или да го оставиме вака?

Постои видлива врска со некои анатомски елементи од зградата и буквата М.

И столбовите на зградата исто така се огледуваат во двете вертикални црти на буквата М, но исто и дијагоналите може да ги пронајдете во зградата – нејзините стаклени куполи го осветлуваат подеднакво дијагонално музејското приземје. А гледајќи кон внатрешните скали забележливо е потполно истото нарушување на дијагоналниот пат со хоризонтален кај буквата М (како потпора на скалите со столбот одоздола) за повторно да се преобрази во дијагоналните скалила кои водат кон галеријата на првиот кат.

Постојат и други симболи во самото лого и начинот на кој буквата М е расечена и создава две букви Н и И. На кирилица, доколку се додаде на „НИ“ буквата Е, означува „НИЕ“. Историски гледано МСУ е силен симбол на „ние“, симбол и производ на солидарен напор, нешто што денес е многу важно. Може да биде прочитано и како Н и бројот 1, кој реферира на „Национална институција број 1“.

Логото содржи повеќе значења во себе, но неговата суштина се состои во пораката „што било“, „што е“ и „што може да биде“, една од есенцијалните улоги на современата уметност на едно општество“.

 

Објавено во Точка, 18. 09. 2020