За нас Мисија и визија Историја Зграда Библиотека Вработени
EN

За библиотеката

Музејот на современата уметност во Скопје ја поседува најголемата специјализирана библиотека во земјата, каде што се чуваат книги и публикации поврзани со модерната и современата уметност, монографии за значајни домашни и странски уметници, книги за теорија на уметноста и уметничка критика.

Значаен дел од фондот на библиотеката претставуваат и големиот број изданија на МСУ-Скопје, публикувани од музејот од неговото основање во 1964 година до денес: каталози од самостојни и групни изложби, монографско-ретроспективни изданија, книги предавања и теориска литература, меѓу кои и специјализираното списание за современа уметност „Големото стакло“ (The Large Glass).

Библиотеката содржи околу 4.500 книги и каталози од самостојни и групни изложби одржани во земјата и странство, како и повеќе македонски, југословенски и странски стручни периодични изданија од средината на 20 век до денес, меѓу кои се Umetnost, Artforum, Frieze, Texte zur Kunst итн.

Исто така, Музејот поседува и публикации од светски реномирани издавачи, значајни музеи, галерии и меѓународни колекции, потоа важни уметнички манифестации како што се Венециското биенале, Документа во Касел, со текстови од реномирани светски автори – стручна литература со која се образувале генерации историчари на уметноста, уметници и љубители на уметноста.

Како и самата колекција на МСУ-Скопје, Библиотеката на музејот е потврда за долгогодишната посветена работа во презентирањето и чувањето на уметничкото творештво на бројни светски и домашни автори.

Читањето на публикациите од богатиот фонд на библиотеката на МСУ-Скопје, пред нас ја отвора можноста да откриваме повеќе за светот - да го анализираме минатото и да се потрудиме ја разбереме сегашноста, за да можеме да ја проектираме иднината.

Посетете го музејот, каде што стручниот тим ќе ве воведе и ќе ви овозможи пристап до публикациите во кои е собрано големо знаење во областа на културата и уметноста, а можеби во нив се кријат и некои од одговорите на прашањата и темите кои ве интересираат!

Работно време

Библиотеката е отворена за стручната и пошироката јавност, од вторник до четврток, помеѓу 10 и 14 часот, со претходно закажување на посета.


Начин на користење

Публикациите може да се користат само во просториите на музејот.