Новости Реставрација на „Доблест во потреба“ на Џанфранко Барукело
EN

Реставрација на „Доблест во потреба“ на Џанфранко Барукело

 

Еден од поголемите реставраторско-конзерваторски зафати на Конзерваторскиот оддел во Музејот на современата уметност е реставрацијата на едно од капиталните дела во меѓународната збирка, сликата „Доблест во потреба“ на неодамна починатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 – 2023).

Сликата е дел од големата донација на уметнички дела од редица италијански уметници, донирани во средината на шеесеттите години, како израз на солидарност со настраданото Скопје во катасторфалниот земјотрес во 1963 година.

Во медиумски разновидното и изразито идиосинкратично творештво на Барукело – кое опфаќа сликарство, склулптура, филм, поезија, психоанализа, хепенинг, агрокултура и радикален активизам – сликата „Доблест во потреба“ (1963,  комбинирана техника на платно, 190 х 200 см, инвент.бр. 01864), потекнува од самите почетоци на неговата уметничка кариера, кога создава група сликарски дела клучни за неговото натамошно творештво, слики исполнети со фрагментарни цртежи, минијатурни светови расфрлани по површината на платната. Марсел Дишан за овие дела на Барукело забележал дека бараат учество на гледачот и дека треба „да се гледаат од блиску и во траење од еден час“.  

Но, за разлика од целиот овој циклус кој е типично сликан на бела подлога, „Доблест во потреба“ се издвојува меѓу неколкуте рани платна по својата интензивна портокаловo-црвена позадина и неговите карактеристични цртежи и симболи, кои самиот уметник ги споредува со процеси на мислата и на соништата, нешто што е типично за творештвото на Барукело во целина.

 

 

Во текот на своето постоење, сликата претрпела помали оштетувања настанати делумно од променливите атмосферски услови во одредени периоди во минатото, како и едно главно оштетување на еден дел од површинскиот слој на платното, настанато пред повеќе години од ненадејно протекување на покривот на музејот. Сите овие фактори го оневозможуваа вклучувањето на делото во повремените музејски изложбени поставки.

Конечно, со проектот за реставрација и конзервација подготвен од Одделот за збирки и депо и Конзерваторскиот оддел на МСУ, во соработка со Ема Петрова Николовска, советник конзерватор во Националниот конзерваторски центар – проект финансиски поддржан од Министерството за култура на РСМ и административно одобрен од Управата за заштита на културното наследство на РСМ – сликата на Барукело наскоро ќе биде вратена во оригиналната состојба.

По претходно спроведеното истражување и хемиска, микроскопска, рендгенска и инфра-ред анализа на примероци од површината на платното и фрагменти од бојата, конзерваторите Љупчо Иљовски, Јадранка Милчовска и Ема Петрова Николовска го започнаа процесот на реставраторско-конзерваторски зафати, кој се состои од неколку фази и главно вклучува: темелно чистење на површини од хемиски оштетувања со хемиски средства, фиксирање на боениот слој со јапонска хартија, пеглање на деформациите на платното, антисептичен третман на „блинд-рамот“, инектирање на врзиво, китирање на оштетените места со реставраторски кит и нивелирање со јајчана емулзија што ја следи оругиналната текстура на сликаната површина.   

Со реализацијата на проектот, Одделот за конзервација и реставрација се потврдува како еден од успешните сектори на МСУ, кој по долги години стагнација поради недоволната кадровска, техничка и финансиска поддршка, веќе неколку години бележи нагорна линија со вработувањето на конзерваторот Љупчо Иљовски, придружен од неодамна и со надворешната соработничка, конзерваторот Јадранка Милчовска. Нивната постојана професионална грижа за состојбата на уметничките предмети го овозможува остварувањето на една од суштинските музејски задачи каква што е заштитата на уметничките дела и културното наследство.

 

Џанфранко Барукело, Доблест во потреба, 1963, комбинирана техника, 190х200см (МСУ збирка на сликарство, инв.бр. 01864)