Новости Ч’то делат за донацијата на МСУ
EN

Ч’то делат за донацијата на МСУ

Рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Что делат“ (Што да се прави?) подарија уметничко дело на Музејот на современата уметност – Скопје. Нивното видео „Becoming With the Museum“ ќе биде изложено во рамки на постојаната поставка, која ќе се отвори годинава во МСУ.

Во нивната изјава по овој повод велат:

„Откако се запознавме со Музејот на современата уметност во Скопје, се заљубивме во неговиот простор, врската помеѓу внатрешноста и надворешните глетки, неговата слоевитост и се разбира, неговата единствена колекција. Ја искористивме можноста перформативно да работиме во просторот, откривајќи ги овие инспирации.

Музеите се простори во кои среќаваме различни уметнички дела, собрани и изложени на едно место, кои на гледачот му нудат разноликост на искуства. Музеите се создадени да ги засилат овие искуства. Музејот на современата уметност во Скопје со својата точка на гледање над градот е еден од најдобрите примери за ова, чии елегантни цементни површини ни помагаат да ги почувствуваме и доживееме делата достоинствено, како што им прилега.

Работевме пет денови во овој неверојатен простор со група од 5 млади уметници и создадовме перформанс низ изложбениот простор, кој ја обзнанува врската помеѓу овие уметници и одбраните дела. Сакавме да ги поврземе микро-наративите на делата (кога и како се создадени, кое е нивното значење итн) со микро-наративите на секој од младите уметници, кои беа предизвикани со нивните тела и текст да го објаснат својот однос кон овие дела, создавајќи трансформирано и освежено мапирање на Музејот и историјата на помладата генерација, кои го активираат потенцијалот за трансформирање кој се содржи во него.