EN

Дејвид Хокни

| Велика Британија |

Роден во Брадфорд во 1938.

Дејвид Хокни е светски познат англиски уметник кој подеднакво успешно создава дела во медиумот на сликарството, цртежот, графиката, сценографијата и фотографијата. Студирал на Уметничкиот колеџ во Брадфорд (Bradford College of Art) и на Кралскиот уметнички колеџ (Royal College of Art) во Лондон. На почетокот од 1960-те во своите слики ги комбинира апстрактниот и фигуративниот израз, вклучувајќи и текстуални пораки и претстави превземни од  популарната култура, што придонесува критиката често да го смета, заедно со Питер Блејк, Ричард Хамилтон и Р.Б. Китај за еден од главните претставници и претходници на појавата на поп-артот. Но неговата уметност е сепак изразито индивидуална и ги надминува овие категоризации. Мајсторската леснотија и врвниот рафинман со кои ги слика неговите живописни и весели пејзажи, и особено неговите бројни портрети се засновани на белешки од неговиот живот, личните односи во хомосексуалните врски, патувањата и литературните интереси. Покрај сликарството, Хокни како изразито талентиран цртач, својот израз го наоѓа и во графиката во која има создадено повеќе големи тематски серии. Користењето со фотографијата во неговите инвентивни пејзажни фото-колажи, е исто така детерминирано од неговата склоност кон цртежот и настојувањето овој механички медиум да го третира како сликарска техника.

Ги претставуваме делата на Дејвид Хокни вклучени во колекцијата на МСУ:

Портрет, 1967, молив на хартија, 42,5 x 35см | Пејзаж, 1966, офсет, 50×40см

Претходни изданија