EN

Ч’то делат

Уметнички колектив формиран во 2003 година

 

Созревање со музејот (Becoming With the Museum), 2017

Видео, 39’11”

Аквизиција: Подарок 

Инвентарен бр.: 05197

 

Видео делото од рускиот колектив го документира процесот во кој „Что Делат“ работат со група млади уметници и создаваат перформанс, кој го прикажува односот на учесниците со избраните уметнички дела од колекцијата на МСУ. Делото го поврзува макронаративот на различните уметнички дела (кога и како се создаваат, нивното општествено значење) со микронаративот на секој изведувач, кој преку своето тело и лирски текст го објаснува односот со избраното делото. Делото е освежувачко мапирање на музејот и историјата на младата генерација што го активира трансформативниот потенцијал на музејот. Колективот „Что делат“ (Што да се прави?) има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. „Что делат“ се залагаат за еднаквост на сите луѓе, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.

„Откако се запознавме со Музејот на современата уметност во Скопје, се заљубивме во неговиот простор, врската помеѓу внатрешноста и надворешните глетки, неговата слоевитост и се разбира, неговата единствена колекција. Ја искористивме можноста перформативно да работиме во просторот, откривајќи ги овие инспирации.

Музеите се простори во кои среќаваме различни уметнички дела, собрани и изложени на едно место, кои на гледачот му нудат разноликост на искуства. Музеите се создадени да ги засилат овие искуства. Музејот на современата уметност во Скопје со својата точка на гледање над градот е еден од најдобрите примери за ова, чии елегантни цементни површини ни помагаат да ги почувствуваме и доживееме делата достоинствено, како што им прилега.

Работевме пет денови во овој неверојатен простор со група од 5 млади уметници и создадовме перформанс низ изложбениот простор, кој ја обзнанува врската помеѓу овие уметници и одбраните дела. Сакавме да ги поврземе микро-наративите на делата (кога и како се создадени, кое е нивното значење итн) со микро-наративите на секој од младите уметници, кои беа предизвикани со нивните тела и текст да го објаснат својот однос кон овие дела, создавајќи трансформирано и освежено мапирање на Музејот и историјата на помладата генерација, кои го активираат потенцијалот за трансформирање кој се содржи во него.”

Биографија

„Что делат?“, сега познат како „Что делат“, е колектив на уметници, критичари, филозофи и писатели. Нивното име се однесува на романот на Николај Чернишевски „Что Делат?“ и истоимениот памфлет на Владимир Ленин. Колективот е основан во 2003 година во Санкт Петербург, Русија, каде што сè уште е со седиште.

Има девет основни членови, кои доаѓаат од Москва, Нижни Новгород и Санкт Петербург: Олга Егорова ака Цапља (уметник), Нина Гастева (кореограф), Артеми Магун (филозоф), Николај Олејников (уметник), Алексеј Пензин (филозоф ), Наталија Першина-Јакиманскаја ака Глукља (уметник), Александар Скидан (поет и критичар), Оксана Тимофеева (филозоф) и Дмитриј Виленски (уметник).

The biography is from Wikipedia under the Attribution-ShareAlike Creative Commons License

Entire entry wikipedia.org/wiki/Chto_Delat_(art_collective)

Претходни изданија