Изложби Тековни Следни Минати
EN

Скопје, одново

18/11/ 2019 – 31/08/ 2020 |

Скопје, одново“ хронолошки го претставува создавањето на колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје по катастрофалниот земјотрес кој го разруши градот во јули 1963 година. Непогодата предизвика културен процут – бројни меѓународни уметници и архитекти помогнаа одново да се изгради македонскиот главен град; дело на заедничката добра волја што досега воопшто не се сретнува во канонските наративи на современата историја на уметноста.

 

Во исто време со меѓународната кампања за обнова на Скопје, предводена од Организацијата на Обединетите нации, во октомври 1963 година Меѓународната асоцијација за пластични уметности ги повика уметниците да ја покажат својата солидарност. Така Скопје денес поседува уникатна колекција на современи уметнички дела, исклучителна и поради фактот што голем број од нив му ги подарија токму водечките претставници на светската современа уметност во двете децении по земјотресот – подвиг кој го поттикна создавањето на Музејот на современата уметност во 1964 година како простор каде што ќе се изложи стекнатото наследство. Александер Калдер, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам и низа други од двете страни на Железната завеса и од Неврзаните му подарија свои дела на Скопје, а Владата на Полска дури финансираше тим на прогресивни млади архитекти за да го изградат објектот што ќе му стане дом на Музејот отворен во 1970 година.

Во атмосфера на транснационална соработка и оптимистички ентузијазам, прибележани во извештајот на ООН од 1966 година со наслов „Скопје, одново“, Музејот на современата уметност поставува разновидна изложбена програма. Под водство на основачкиот директор Борис Петковски, а потоа и на Соња Абаџиева, Музејот организира соло изложби на нови американски уметници, меѓу кои биле и Шила Хикс, Сараи Шерман и Т.Ц. Кенон, а пред јавноста ги претставува поголемите донации на уметниците од Полска, Франција, Југославија, Италија или Чехословачка. Наградата што Музејот ја доделувал на љубљанското Биенале на графичка уметност ја збогатува музејската колекција во Скопје со нови дела.  Доделена на Џаспер Џонс во 1965 и на Метка Крашовец во 1972 година, наградата е одраз на мултимодален, глобализиран уметнички свет во кој уметниците се меѓу себе рамни, а Скопје само еден од мноштвото центри на културата. Поттикнувајќи вакви односи, колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје сведочи за радикално космополитското и мултикултурно наследство во тогашната социјалистичка југоисточна Европа.

 

Кураторки на изложбата се Ана Кац и Кумјана Новакова.

Јавната програма се развива во соработка со Кара Мејнс, програмата за уметничка критика со Кет Хариман.

Визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев.

Дизајнот на изложбата е на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков.

Конзерватори соработници на проектот се Ема Петрова и Љупчо Иљовски.

Уметници: Алекс Кац, Александер Калдер, Алан Д’Арканџело, Ен Шенок, Ана Ева Бергман, Анти Ниеминен, Бернард Чајлдс, Брадфорд Грејвс, Бриџит Рајли, Бурт Шерноу, Кристо, Џејмс Кучиара, Дејвид Хокни, Доменик Капобјанко, Едмонд Казарела, Емилио Греко, Габор Петерди, Гаро З. Антреазијан, Гриша Доценко, Јон Григореску, Иван Козариќ, Џаспер Џонс, Џеф Расел, Џоан Мејер, Џон Џеигл, Леонард Лапин, Луис Камницер, Марвин Липовски, Масаји Јошида, Метка Крашовец, Мина Ситрон Рајт, Мира Спировска, Мирослав Шутеј, Николас Сперакис, Паоло Бони, Петар Лубарда, Роберт Коновер, Роберт Кронбах, Роберт Ерл Гарднер, Сараи Шерман, Сол ЛеВит, Тадеуш Мисловски, Тонис Винт, Волпи Алфредо, Вифредо Лам.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023