Изложби Тековни Следни Минати
EN AL

ПРЕКИН ВО ТЕК

29/07/2026


Изложба на Игор Тошевски и ОПА (Опсесивно посесивна агресија)

 

__операција: Конечно!
Оперативни дејствија врз постојаното зјапање во ѕидот на историјата

Интересно е што денес, иако често го слушаме тврдењето дека „ништо не може да се направи“, всушност сè продолжува да функционира. Институциите работат, изложбите се отвораат, делата се намножуваат, музеите собираат и презентираат, кризите се продлабочуваат, воените конфликти се разгоруваат, а историјата изгледа закочена. Проблемот повеќе не е крајот на историјата, туку чувството дека бесконечно бесцелно продолжуваме. Таа состојба е повознемирувачка и од изгледите за дефинитивна катастрофа. Како да се наоѓаме во чуден бекетовски круг.

Веќе долго време ги слушаме барањата современата уметност да биде политички ефикасна, општествено ангажирана, етички одговорна, економски одржлива и институционално релевантна, без притоа темелно да ги преиспитува условите во кои функционира. Во сегашната криза на легитимитетот тие барања стануваат сè попарадоксални, бидејќи уметноста повеќе не може да ја врати романтичната позиција на автономното дело како место на вистината. Ниту целосно да се потпре на Брехтовиот чекан што треба да го обликува светот. И што се случува кога тој чекан ќе престане да функционира? Повторно сме пред прашањата за вистината и функционалноста.

Сепак, некои уметници опстојуваат. Не затоа што мислат дека ќе го спасат светот, туку затоа што самата упорност станува начин за тестирање на границите на претпоставената неизбежност, на бесконечното истрошување што Марк Фишер го опиша како „капиталистички реализам“. Ако уметноста денес сè уште има улога, таа можеби лежи во прекинувањето на оперативните рутини преку кои сегашноста бесконечно се репродуцира. Дури и најмалото двоумење, (не)намерното погрешно преведување, поместување или прекин на очекуваното може да отвори пукнатина во реалноста во која се инсистира дека нема алтернатива.

Но денес како самиот свет да станува огромен оперативен механизам. Што да се прави кога сликите повеќе не служат да бидат видени, туку да управуваат дронови, да тренираат алгоритми, да анализираат тела и лица, да носат одлуки? Алгоритамската логика има тенденција да ги надмине сите аномалии, а со тоа просторот за уметноста се стеснува. Прашањето повеќе не е дали уметноста ќе стане алатка или оружје, туку како да ги направи видливи механизмите што веќе непречено работат. Можеби денес уметноста повеќе не е ниту огледало, ниту чекан. Таа не наликува ниту на темна комора во која постепено се појавуваат скриените слики на светот. Тоа што Валтер Бенјамин го нарече „оптичко несвесно“ на фотографијата, можеме да го прошириме кон едно современо оперативно несвесно: тавтолошка конструкција од протоколи, институционални рутини, јазици, бази на податоци, алгоритми и економии на вниманието што незабележливо ја обликуваат перцепцијата. Во таа смисла, изложбата „Прекин во тек“ се појавува во вистински момент, бидејќи уметниците не се занимаваат ниту со претставување на реалноста ниту со нејзино директно менување, туку со нејзината оперативна мрежа. Не со тоа што работите значат, туку како функционираат.

Изложбата „Прекин во тек“ е сочинета од дела на Игор Тошевски и ОПА (Опсесивно посесивна агресија), кои го покажуваат континуитетот и комплементарноста на нивните практики, односно продолженото траење на делата низ реконтекстуализација и преобмислување.

„Леонардо или Микеланџело?“ (2012) е проект на ОПА претставен преку серија фотографии и еден чуден осврт, што го истражуваат јавниот режим на видливоста и исклучувањето во светот на уметноста. Наместо изложба, ОПА конструира настан чиј вистински предмет се медиумската циркулација, ексклузивноста, поканата и гласините, играјќи си со желбата да се биде присутен и фрустрацијата да се биде исклучен. Делото се случува како комуникациски протокол, откривајќи дека симболичката вредност се создава и без непосредна средба со него. Денес фотографиите остануваат спорни траги од настанот и повторно отвораат простор за шпекулација околу она што (не) се случило. „Драги Јехона и Владимир, оваа кутија содржи 5000 денари“ (2018) е објект во кој се вкрстуваат подарокот, парите, довербата и личниот однос. Наместо да ја претставува економијата на вредноста, преку самиот објект ја изведува. Делото, досега неизложено, го поставува прашањето каде се наоѓа уметничкото дело и покажува дека вредноста не е содржана само во објектот, туку се создава низ неговата потенцијалност и мрежата на односи што гестот ги активира, како ироничен коментар за поврзаноста меѓу светот на парите и светот на уметноста.

Со „Помеѓу II“ (2026) Игор Тошевски го продолжува истражувањето започнато со проектот „Помеѓу“ (2016), но го поместува кон уште поневидлив слој на музејот. Наместо оригиналните дела и нивното прикривање, појдовна точка стануваат инвентарните описи на избрани дела од Музејот на современата уметност во Скопје. Тие административни текстови, создадени да документираат, преку моделите на вештачка интелигенција произведуваат нови слики. Проектот не ги реконструира опишаните дела, туку ги истражува несовршените, но продуктивни преводи помеѓу јазикот и сликата. Она што се појавува е нов визуелен објект создаден од недоразбирањето помеѓу човечкиот опис и машинската интерпретација. Во инсталацијата „Секој исказ гради соба“ (2011/2016) Тошевски укажува дека јазикот повеќе не произведува само слика, туку простор. Насловот, инспириран од Витгенштајн и неговото разбирање дека јазикот не е огледало на светот, туку услов за неговото појавување, ја придружува инсталацијата составена од црвен тепих под кој останува сокриен непознат предмет. Секоја реченица отвора можност за смисла, но истовремено создава и сопствена слепа точка. Под секоја артикулација останува нешто што не може целосно да биде кажано.

Најновата интервенција на ОПА, „Излет од историјата“, е фотографија во голем формат што прикажува едвај забележлив детал: вертикална рачка на влезна врата и едноставниот двојазичен натпис „влечи“. Одвоена од целината, фотографијата го претвора функционалниот елемент во место на неизвесност. Императивот повикува на дејство, но без јасна насока. Во контекст на изложбата и музејот, „Излет од историјата“ не означува бегство од историјата, туку нè соочува со апсурдот на нејзиното автоматско одвивање. Делото го поставува прашањето дали е можно да се отстапи од однапред зададената траекторија. И како? Особено кога пред нас има ѕид.

Оттука и одлуката изложбата да биде поставена токму во фоајето на Музејот на современата уметност, местото каде што институционалниот механизам започнува да функционира уште пред да се влезе на изложба. Фоајето, или ако преферирате лобито, неизбежно асоцира и на лобирање – невидливите механизми на влијание, преговарање и создавање вредност. Музејот овде не е неутрален простор, туку речиси невидлив оперативен систем. Изложбата не го зазема главниот изложбен простор, туку се појавува пред неговиот праг – токму на местото што не може да се одмине. Во овој оперативен простор, делата на ОПА и Игор Тошевски се одделни целини, но и пунктови за истражување на механизмите преку кои современата уметност добива видливост, вредност и значење. Заедно, овие пет дела исцртуваат мапа на операции поврзани со видливоста, размената, преводот, прикривањето и исчекувањето. Тие не ја илустрираат теоријата, туку ја придвижуваат. Затоа во овој текст можат да се препознаат одгласите на Мартин Хајдегер и неговиот „скршен чекан“, Брехтовиот чекан, Валтер Бенјамин, јазичките светови на Лудвиг Витгенштајн, институционалната критика на Ханс Хааке и Андреа Фрејзер, оперативните слики на Хито Штаерл и машинските визии на Тревор Паглен. Но овие имиња не се повикани да ги оправдуваат делата. Тие се точки на ориентација во полето каде што уметничката практика повеќе не се стреми само да ја претставува реалноста или да ѝ се спротивставува, туку да ги открива, прекинува и повремено да ги пренасочува операциите преку кои таа постојано се конституира.

Сигурно е дека „Прекин во тек“ не означува дефинирана состојба. Прекинот и текот не само што не се извесни, туку можеби се содржат еден во друг. Тоа е ироничен коментар на состојбата во која постојано очекуваме нешто конечно да се случи, додека механизмите непречено продолжуваат да работат. Вредноста на овие дела е токму во тоа што го прават видливо она што најчесто останува во позадина: начините на кои се продуцираат сликите, функционираат институциите, се создаваат вредностите и се обликуваат условите на нашето гледање. Ако денес уметноста сè уште има критичка улога, таа не е само да го одрази светот, ниту да го промени со еден голем удар. Не треба да биде ниту огледало, ниту чекан, ниту темна комора, туку динамично поле што нè поттикнува да ги забележиме невидливите оперативни системи. Уметноста има смисла ако барем понекогаш успее да создаде мал прекин во безмилосно непрекинатиот тек на нештата.

Владимир Јанчевски

 

Игор Тошевски ја третира уметноста како функционална алатка за деконструкција на структурите на моќ, преиспитувајќи го сложениот пресек меѓу политичкиот авторитет, постсоцијалистичкиот контекст и слободата на изразување. Преку проектите како „Досие“, „Обврзување“ и „Територии“, тој систематски ги проблематизира државната пропаганда, цензурата и границите на институционалното изложување. Често ги користи масовните медиуми за да го преиспита концептот на оригиналност и сопственоста над колективната визуелна историја, лоцирајќи го значењето во релацијата помеѓу информацијата (текстот) и нејзиниот визуелен носител (сликата).

 

ОПА (Опсесивно посесивна агресија) е уметничка соработка основана од визуелните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Поаѓајќи од интересот за контекст-специфичното, потенцијалите на јавниот простор, јавната сфера и јазикот на маркетингот, практиката на ОПА се развива преку интервенции, тактички медиуми, мокументарци и стратегии на субверзивна афирмација, со цел критичко преиспитување на општествените, идеолошките и институционалните механизми на моќ. Низ дел од своите проекти ОПА ја користи уметноста како платформа за јавна дебата, создавајќи ситуации во кои границите меѓу фикцијата и реалноста, уметноста и политиката, стануваат намерно нестабилни.

 

Насловна илустрација: ОПА, „Излет од историјата“, 2026, дигитален отисок 

Игор Тошевски, Помеѓу II, 2026, (детаљ), серија дигитални отисоци со текст / Igor Toshevski, Ndërmjet II, 2026, (detaje), seri printimesh dixhitale me tekst

ОПА, Драги Јехона и Владимир, Оваа кутија содржи 5000 денари, 2018, објект (банкноти во плексиглас кутија) / OPA, Të dashur Jehona dhe Vladimir, Kjo kuti përmban 5000 denarë, 2018, objekt (kartëmonedha në një kuti pleksiglasi)

ОПА, Леонардо или Микеланџело? 2012, серија врамени фотографии од фото сесија од настан / OPA, Leonardo apo Michelangelo? një seri printimesh dixhitale të kornizuara nga një sesion fotografik në një aktivitet publik

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Допри ја природата

04/12/2025 - 14/02/2026

Ремек-дела за сите: Музеј во куфер

24/11/2025

15. Биенале на млади уметници: „Утрото започна вчера“

18/11/2025 - 03/03/2026

Истокот e сè уште можен

13/11/2025 - 29/03/2026