Изложбата „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции”, со отворање на 08.04.2025 во 20 часот е втора од изложбите планирани за 2025 година што овозможуваат препрочитување на избрани дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје.
Куратор: Матје Лелиевр
Соработник: Нада Прља
Уметници од колекцијата на МСУ-Скопје:
Пјер Алешински (БЕЛ/ФР), Могенс Андерсен (ДК/ФР), Доротео Арнаиз (ШП/ФР), Ана-Ева Бергман (НОР/ФР), Ларс Бо (ДК/ФР), Виктор Васарели (УГ/ФР), Брам ван Велде (НК/ФР), Владимир Величковиќ (СРБ), Марсел-Анри Вердрен (БЕЛ), Зао Ву-Ки (КИН/ФР), Кармен Грација (АР), Хисао Домото (ЈП/ФР), Серволо Есмералдо (БРА/ФР), Џереми Жентили (ВК/ФР), Кенџи Јошида (ЈП), Анџелика Капорасо (АР), Барбара Квасњевска (ПОЛ/ФР), Пиотр Ковалски (УКР/ФР), Карлос Круз-Диез (ВЕ/ФР), Вифредо Лам (КУ/ФР), Грета Леузингер (ЦХ), Чарлс Лојд (АУСТР), Грегори Масуровски (САД/ФР), Роберто Матта (ЧИЛ/ФР), Зоран Мушиќ (СЛ/ФР), Виргилије Невјестић (ХР), Мерет Опенхајм (ГЕР/ЦХ), Марио Прасино (ТР/ФР), Енрике Пејсере (АР/ФР), Жоан Рабаскал (ШП/ФР), Франсоа Стаљи (ГЕР/ФР), Зора Стаак (СРБ/ФР), Ана Старицки (УКР/ФР), Куми Сугаи (ЈП), Франтишек Тихи (ЧЕ), Курт Форс (ШВЕ), Тери Хаас (ЧЕ/ФР), Етиен Хајду (РО/ФР), Ханс Хартунг (ГЕР/ФР) и Серж Шаршун (РУ/ФР).
Уметници од колекцијата на macLYON:
Даниел Вале-Клајнер (ФР), Анж Литша (ФР), Шурук Хриеш (МА/ФР), Јасмина Чибиќ (СЛ/ВК).
Историјата на уметностa во дваесеттиот век, која е обележана со преселби и егзил на уметниците, ни открива една неверојатна разновидност на животни патешествија и уметничка практика. По Втората светска војна, голем дел од уметниците заминуваат во Париз, како космополитски град и светска крстосница, каде што се формираат многубројни меѓународни уметнички заедници. Париз, во поствоената Европа, е вистинско плодно тло за уметниците кои бегаат од тоталитарните режими, насилните конфликти или авторитарните уметнички доктрини. Со тоа Париз добива димензија на светски град, глобализиран, космополитски. Тој се претвора во меѓународен центар за уметници од целиот свет, а значењето на изразот Втора париска школа станува многу подлабоко од изворното значење.
Во каталогот на изложбата на донации од 1966 година, Борис Петковски, директорот на МСУ-Скопје, истакнува дека „оваа изложба содржи дела од најпознатите француски и светски уметници од поствоениот период. Донираните дела се поделени по категории, а токму изложбата ќе ја истакне нивната поврзаност“. Сепак, ако се анализира разновидноста на француската колекција, чии автори се со разнообразно потекло, се поставува прашањето дали поделбата по национална припадност е соодветна.
Изложбата „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции,“ покрај реномираните автори, покажува посебен интерес за уметничките имиња и правци кои можеби не се многу познати, но денес се дел од француската колекција на МСУ-Скопје. Оваа колекција прикажува една генерација уметници кои живееле во време на длабоки сомнежи, но истовремено и на силна надеж. Со оваа изложба ѝ се оддава омаж на креативноста, како плод на уметничките размени на една генерација во потрага по заеднички јазик. Сите јазици се мешаат правејќи го Париз модерен Вавилон чиј заеднички јазик станува уметноста. Оваа изложба има за цел да воспостави една „фиктивна заедница на уметници“, прикажувајќи ги нивните меѓусебни врски и средби. Таа ги обединува трагите од нивните заеднички простори на креативност: ателјеата, приватните академии, Школата за ликовни уметности во Париз, Салонот на новите реалности и други. Всушност, ова е една поставка која, пред сѐ, настојува да ги прослави овие заеднички патеки и движења.
За да им се оддаде почит на уметниците од колекцијата во Скопје, изборот на делата во оваа изложба е збогатен со уметнички дела од Музејот на современата уметност во Лион. Поаѓајќи од темите за уметничките преселби, патувања и донации, изборот на уметничките дела од мсуЛИОН отвораат, исто така, и простор за меѓугенерациски и меѓуинституционален дијалог помеѓу двата музеја.
Медиумски односи: Ангелика Апсис (МСУ-Скопје), графички дизајн: Илијана Петрушевска (МСУ-Скопје), конзервација: Јадранка Милчовска (МСУ-Скопје), кординација на изборот на дела од колекција на МСУ-Скопје: Ива Петрова Димовски и Благоја Варошанец, печатење на делото на Шурук Хриеш: Промедија.
Изложбата е реализирана во соработка помеѓу МСУ-Скопје, мсуЛИОН, Амбасадата на Франција, Француски институт во Скопје и град Лион.