Изложби Тековни Следни Минати
EN

Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје

21/03/2024 – 29/09/2024

Национална Галерија во Прага

Соработка помеѓу Кунстхале Виена, Националната галерија во Прага и МСУ Скопје

Куратори: What, How & for Whom / WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ, и Сабина Саболовиќ) и Радо Ишток

Интернационалната групна изложба Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје се врти околу необичната колекција на модерни дела на Музејот на современата уметност (МСУ) Скопје, како и историскиот и политичкиот контекст на овој извонреден проект. По големиот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, се појавија големи заложби да се помогне во обновата на разурнатиот град, како голем гест на меѓународна солидарност. Донесена е одлука да се формира музеј на современа уметност како клучен културен елемент на реконструкцијата, а на Скопје му беа донирани илјадници дела од уметници од целиот свет. Колекцијата на МСУ Скопје претставува временска капсула на доцниот модернизам зад Железната завеса, бидејќи оди подалеку од воспоставениот западен канон и вклучува дела на уметници од поранешниот Источен блок и уметници од тогашниот Трет свет или Глобален југ. Изложбата првично одржана во Кунстхале Виена во 2023 година, е претставена во Националната галерија Прага (НГП) во изменета верзија, проширена за да вклучи донации од чехословачки уметници, но и од самата НГП, приложувајќи избор на дела од класичниот модернизам. 

Четири современи уметници и две уметнички дуа [Јеспер Алваер и Изабела Гросеова (Прага и Квананген), Брук Ендрју (Меделин и Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје и Берлин), Синиша Илиќ (Белград) Иман Иса (Виена и Берлин), и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул и Берлин)] беа поканети да изберат дела од колекцијата на МСУ Скопје кои се вклопуваат во нивните соодветни уметнички практики. Избирајќи по десет историски дела и надополнувајќи ги со свои, тие создадоа субјективни изложби кои ја прикажуваат колекцијата низ објективот на денешните уметници. Овие персонализирани прикази со помош на архитектонски дизајн создаден од уметниците го прошируваат јадрото на изложбата, која содржи историски дела избрани од кураторите на изложбата и архивски материјал, вклучувајќи модели на иконички згради и макетата на главниот план на центарот на градот изработен од Кензо Танге. За да се пренесе медиумска слика за природната катастрофа и последователната обнова на градот, изложбата го користи тогашниот телевизиски пренос.

Понатаму, реномираната фотографка Елфи Семотан (Виена и Јенерсдорф) беше поканета да претстави нова серија фотографии што го документираат градскиот пејзаж на Скопје, како и изложбените простори и депото на МСУ Скопје. Писателката Барби Марковиќ (Виена) – позната по остриот спој на фикцијата и општествената реалност,  напиша патепис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје.

Од МСУ вклучени во подготовките на изложбата се Благоја Варошанец, координатор на проектот и консултант во истражувањата, Владимир Јанчевски, консултант и автор на дел од текстовите за уметниците, како и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

Од колекцијата на МСУ, за Прага отпатуваа дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Џаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Христо, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Џетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени, Зао Ву Ки, Ханс Хартунг, Емил Фила, Франтишек Музика, Честмир Кафка, Јинджих Штирски, Јозеф Јанкович, Јан Зрзави, Оршолија Дроздик и многу други.

Изложбата нуди нова перспектива на историјата на повоената модерна уметност преку оваа уникатна колекција. Тоа е исто така покана за размислување околу историските и современите форми на солидарност и улогата на уметноста во време одбележано со конфликти, уништувања и несигурност, но и со кохезија, обновување и визија за посветла иднина.

Изложбата во Прага ќе биде отворена до 29 септември оваа година

* овој текст е адаптација од официјалниот текст на НГП.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024 >

04/04/2024 – 21/05/2024

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Иднината како проект: Доксијадис во Скопје

21/09/ 2023 - 23/04 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024