13/06/2023 - 15/09/ 2023
Изложба на подарени дела од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка
Изложбата „Дефрагментација“ е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на
современа уметност – Скопје. На оваа изложба, која што претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, ќе биде претставен избор од вкупно 96 дела од 86 уметници – слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век. Поточно, го опфаќаат периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од овие земји од Централна Европа.
Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели нашиот Музеј.
Веднаш по веста за земјотресот во Скопје, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подаруваат дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу уметниците, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска и Унгарија, кои подариле бројни дела во различни уметнички дисциплини, со што станале значаен дел од јадрото на колекцијата на МСУ. Од делата на Војтјех Прејсиг и Франтишек Музика, преку оние на Јежи Новосијелски и Тереза Паговска, па сѐ до делата на Јозеф Јанкович и Александер Трижуљак, како и Оршоја Дроздик и Јежи Трелински, оваа изложба претставува надоврзување и преиспитување на сите претходни претставувања на националните колекции.
Изложбите на делата од колекцијата секогаш се добар повод за преиспитување на самата функција на музејот, како и за еден неопходен процес на дефрагментација, за метафорично ослободување на просторот и овозможување на нормално системско функционирање. После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите.
Kонцептот за солидарност на кој се темели МСУ-Скопје, е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет. Затоа, сметаме дека е многу важно постојаното потсетување за важноста на меѓународната соработка, која е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.
Куратори на изложбата: Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
Албан Муја - Линијата што избледнува: Приказни за работ на легалноста
07/06/2024 – 28/08/2024
Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил
28/05/2024 - 02/09/2024
Аквизиции – Донации 2022-2023
18/05/2024 - 25/08/2024
Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје
21/03/2024 – 29/09/2024