Новости Емрулаи и Крачуновиќ наградени на 14. Биенале на млади
EN

Емрулаи и Крачуновиќ наградени на 14. Биенале на млади

Наградата „Најуспешен автор и дело“ на 14. Меѓународно биенале на млади уметници на тема „Будење“, рамноправно е доделена на следните автори: Серхат Емрулаи (Северна Македонија), за делото насловено „Помеѓу“, инсталација, 2022 и на Наѓа Крачуновиќ (Србија), за делото „Хидра“,видео перформанс, 2023. Наградата се состои од самостојни изложби во Музејот на современата уметност – Скопје, кои ќе се остварат во 2024 година.

Жири комисијата во состав: Славчо Димитров (теоретичар на културата), Бојана Јанева (куратор) и Владимир Јанчевски (куратор), во образложението на својата едногласна одлука вели дека:

„При носењето на одлуката за годинашниот добитник на наградата за најуспешен автор и дело, дополнително влијаеше и разгледувањето на целокупната уметничка пракса на уметниците застапени на ова Биенале и нивниот потенцијал за реализација на позначаен авторски исчекор преку самостојното претставување во МСУ Скопје. Оттука, кај двајцата наградени автори, Серхат Емрулаи и Наѓа Крачуновиќ, преку употреба на најразлични медиуми и добро развиени концептуални постулати, жирито увиде длабока сензитивност и суптилност во адресирањето, анализата и претставувањето на различни социјални, политички и културни прашања релевантни за сегашноста“.

 

Наѓа Крачуновиќ, Хидра, 2023, видео перформанс, 17:08

 

„Хидра“ на Наѓа Крачуновиќ е перформативен видео приказ на неколкумесечна истрага во полето на личниот, автентичниот, интимниот женски глас како отпор кон патријахалниот пејсаж. Крајно разработената концепциска поставеност преку носечката улога на звукот, гласот во форма на крик, шепот или молк, повеќеслојноста на визуелните значења, колективната работа со други уметници, како и истовремената јасна и силна порака кон гледачот го прават ова дело целокупно биеналско остварување.

 

 

Серхат Емрулаи, Помеѓу, 2022, инсталација, 140х100х200 см

 

Инсталацијата „Помеѓу“ на Серхат Емрулаи преку континуираниот какофоничен звук од вртењето на лажичките за чај го третира прашањето на времето, каде минатото и сегашноста ги одбележува непрекинатото очекување. Споделувајќи личен впечаток, спомен од детството на обична секојдневна животна рутина, авторот ја означува колективната човечка потреба за поврзаност, значајна промена која секогаш се очекува од иднината, сконцентрирана во моментот/тите на чекање. Исто така, ова дело одговори и на поставеното прашање на годинашната биеналска тема, како уметниците го доживеа пандемискиот рестриктивен период, кога целиот свет беше заложник на време исполнето со чекање, очекување на моментот кога работите ќе се сменат.

14. Меѓународно биенале на млади уметници на тема Будење и во организација Музејот на современата уметност, беше отворено од 06 април до 26 мај, 2023 година.

 

 

14. Меѓународно биенале на млади уметници