Изложби Тековни Следни Минати
EN

14. Меѓународно биенале на млади уметници

06/04/ 2023 - 26/05/ 2023

Биеналето на млади уметници, кое Музејот на современа уметност – Скопје со повремени прекини го организира од 1987 година е една од најзначајните и највиталните манифестации за современа  уметност во Македонија. Основната цел на Биеналето е да ги открие, афирмира и критички да ги артикулира креативните и инвентивни уметничките процеси и практики.

„Будење“ е темата на новото, 14. Меѓународно биенале на млади уметници, кое оваа година добива уште поширок меѓународен карактер, со учесници од Италија, Романија, Норвешка, Србија, Австрија, Белгија, Албанија, Унгарија, Косово, Црна Гора, Шведска, Словенија, Турција. Музејот на современата уметност ќе назначи жири комисија, која доделува награда за најдобро авторско дело во вид на самостојна изложба што се реализира во наредната година по одржувањето на Биеналето.

Една од значајните новини на изложбата е едукативниот центар чија цел е во генерирањето знаење, да го поттикне етаблирањето на младите уметници на современата уметничка сцена и да ги препознава и развива нивните потенцијали. Оттука, проектот освен изложбена има и едукативна програма, со која низ редица активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење, ќе ги инволвира во процес што ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во идното ангажирање и претставување пред јавноста.

На 14. Биенале на млади уметници ќе учествуваат 38 уметници, делумно по избор на кураторите на годинешната изложба, и делумно на јавниот конкурс објавен летото 2022 година:

Џем А (Германија), Ујхази Адриен (Унгарија, Србија), Шофу Вонг (Австралија), Милена Галици (Италија, Белгија), Габриеле  Гандини (Италија), Елена Гелева (Р.С.Македонија), Рино Даути (Косово), Надица Дојкоска (Р.С.Македонија), Серхат Емрулаи (Р.С.Македонија), Клелија Живковиќ (Р.С.Македонија), Ана Јовановска (Р.С.Македонија), Јован Јосифовски (Р.С.Македонија), Аријана Кадиќ (Црна Гора), Јулија Кастелучи (Р.С.Македонија), Лумтурие Крашники (Косово), Наџа Крачуновиќ (Србија), Герта Ксаферај (Албанија), Милан Кујунџиќ (Србија), Ана Лехбаумер (Австрија), Ана Ликар (Словенија), Јулија Манојловска (Р.С.Македонија), Симона Манчева (Р.С.Македонија), Николо Масини (Италија), Фатима Моалим (Шведска), Малина Монча (Романија), Сара Мускалу (Романија), Јана Николовска (Р.С.Македонија), Жозефин Остлунд (Шведска), Чади Реда (Швајцарија), Ананда Серне (Норвешка), Ива Станковска (Р.С.Македонија), Сара Танасковиќ (Србија), Игор Таневски(Р.С.Македонија), Славица Танеска (Р.С.Македонија), Мануел Този (Австрија), Ана Трајковска (Р.С.Македонија), Јируи Фанг (Италија) и Риџет Ферати
(Р.С.Македонија).

Куратори на 14. Биенале на Млади се Никола Узуновски, Ива Димовски и Бојана Јанева

Насловна фотографија: Игор Таневски, „Состојби“, 2023, дигитален печат

 

(лево и десно) Игор Таневски, Состојби, 2023, фотографии, дигитален принт, варијабилни димензии // „Во мојата тековна практика и визуелно истражување, главно, ја истражувам интеракцијата меѓу човекот и природните елементи. Работам на компјутерски обработени дела, фотографии, видеа и цртежи низ процес на истражување и експериментирање, контекстуализирајќи една мисла во естетски објект или гест (...) Голем дел од мојата практика ја сочинува снимање спонтани видеа додека пливам или практикувам други aктивности на различни водени површини и предели, со камера прицврстена за мојата глава или градниот кош.

(десно) Ана Ликар (SVN), Ќе бидат потребни безброј пипала (повторно и повторно), 2022, видео, уметничка книга, интервенција во универзитетската библиотека, 12'40" // Поголемиот дел од уметничката практика на Ана Ликар ги покренува темите за (репродуктивниот) труд, екологијата и немоќта, заедно со еманципаторските потенцијали на уметноста, со цел во преден план да се изнесат алтернативи. Формално вртејќи се околу системите на организација и категоризација, нејзината работа укажува на горливите тензии против истите тие структури преку создавање (или наоѓање) пукнатини однатре. Таа користи крути конструкции за да ги посочи нивните недостатоци и угнетувања – па наместо тоа, во центарот ги поставува кревкото, невидливото и фрагментираното.

Ана Лерхбаумер (AUT), Бучни нешта што ќе траат, 2022, видео, 20' // Разместените предмети автопоетски се колажираат како симбол за растурените хиерархии на потрошувачките предмети кои порано биле. Предметите најверојатно ќе го надживеат човештвото и така ќе бидат порака за потоа. Гледачот гледа во неподвижна видео-слика и изненаден е од дожд на старо железо плус бучавата што ја создава, неизвесноста на тоа кога ќе се случи будењето. Во круг се прикажува полнење на контејнер на секои неколку мигови. Потенцијалот на бучавата чини тишината да изгледа неискрено. Басот го чини количеството забележливо. Археологија на звуци на фрлање, уништување и повторна употреба, од суровина до ѓубриште, вклучувајќи музички плеери, звучници и други уреди. Брзото распаѓање станува забрзана медиумска археологија.

Надица Дојкоска (МКД), Животна приказна, 2023, перформанс, видео // Овој проект се состои од два дела. Перформанс за време на отварањето и видео-документација која ќе остане во текот на изложбата. Перформативниот дел е налик на документарен театар каде што (мајката) (уметницата) живее со своето дете исто како и секој друг ден. Овој дел има за цел да ја внесе публиката во еден конкретен семеен контекст. Во видеото останува запис кој прикажува конфликт меѓу конзервативната дефиниција на семејство и денешниот современ начин на живот.

Јулија Кастелучи (MKD), Дијалог, 2023, перформанс // Перформансот го прикажува минувањето на времето на едена млада уметница која е во исчекување на нешто да се случи. Изморена од чекањето на одговор, можеме да ја видиме уметницата како се потпира на ѕидот од Министерството за култура во Скопје и продолжува да чека. На оваа активност може да се гледа и како еден вид молитва, но и обид да се воспостави дијалог, поврзаност меѓу уметницата и институцијата. Уметницата тука на речиси комичен начин е прикажана како ја удира својата глава од ѕид од на зградата. Врската во ова дело станува буквално физичка, за да ја отелотвори единствената преостаната опција. На извесен начин, станува симболичен гест не само за оваа уметница, туку и за сите амбициозни уметници. Положбата на глава низ ѕид упатува на насилен обид за влегување, идеја што се раѓа од нетрпеливост, но содржи и елемент на сизифовска и бесмислена, нефункционална активност. Положбата на телото потсетува и на молитва, што често е духовен елемент кој го придружува безнадежното чекање, и така го пренесува она што на крајот станува единствената опција - моли се и чекај.

Наџа Крачуновиќ (SRB), Хидра, 2023, видео пеформанс, 17':08" // „Хидра“ е перформативна истрага, со мисија да овладее со женскиот глас во јавниот простор и да копа по неизреченото, користејќи го гласот како дисциплина во дискурсот на личното влијание и автентичност. Техниката на копање има за цел да ги драматизира индивидуалните гласови во еден колективен – матријархална фигура на гласови во отпор кон патријархалниот пејзаж. Делото, како многугласна Хидра, е последица на двомесечен процес и гласовни работилници одржани од уметницата, а кои се занимаваат со автобиографиите на шест учеснички, нивните гласови, јазици и утроби. Господарките на гласот, групата од шест намерно избрани учеснички, копаат јами, напикувајќи ги своите гласови во дупките и создавајќи шуплини во земјата каде што ги сместуваат својот молк, крици, тајни и приказни преку какофонично искуство развиено во тој процес. Во овој период, нивните тела престојуваат во своите стварни самогласови. Полето на кое копаат, како кожа на јавниот простор, но и самите учесници, е оплодено од гласовите и станува место на шест вокални споменици – автентични суштества.

Риџет Ферати , Зарем, 2021, видео инсталација, 04:12" // Машината (машина за мелење ореви) го претставува системот, а малите семиња ги претставуваат луѓето, и неуспешноста да ги пробијат дупките на системот бидејќи тие ќе останат во истата машина, а оние кои ќе поминат ќе останат приземјени. Овој филм, исто така, ја претставува мојата гледна точка и пристап кон изразувањето на уметничкото дело преку процесот на спонтаност и едноставност за создавање на дело на процесот и благодарение на развојот на технологијата, а тоа е дека, две раце, две очи и една идеја се доволни.

Ринор Даути (XKX), Будења, 2023, инсталација // "Овој концепт се заснова на мојата лична приказна за тоа како се соочив со тешкотии и пречки за моите цели да напредуваат во различни форми, односно моето патување како млад уметник. Пазарот беше местото каде што почнав и кадешто работам и денес, тој го промени начинот на размислување во многу аспекти. Постои уште една многу филозофска енергија; тоа е поделба на две личности во едно тело за да се интегрираат трговијата и уметноста во она што го наметнува капитализмот, и она што го чувствувате и сакате, напуштајќи ја зоната на комфор за време на образовниот процес или ослободувајќи се од концептот за менување кариери; очигледно, овие лоши или добри искушенија во кратки периоди ме натераа да размислувам повеќе и да имам повеќе волја за она што сакам да го правам. „Будења“ е дело кое сакам да го инсталирам како мој пазарен простор каде што функционирам како уметник вон уметноста“.

Сара Мускалу (ROU), Заменети визии, 2020, масло, емајл, јаглен на платно, 210 х 1000 см // "Проектот 'Изменети визии' на Сара Мускалу е дел од нејзиното докторско истражување каде се испитува морфологијата и синтаксата на сликарскиот јазик, идентитетот на медиумот и начините на прикажување на сликите како објекти во физички простор. Би можел да кажам дека сликарството на уметницата е теоретско и дискурзивно. Дури и да не се оспорува претставувањето на темата, интересот на уметницата е ориентиран кон самото претставување, т.е. да произведе филозофија применета на изучување на уметничките јазици. (...) Користејќи ја техниката на фотомонтажа и колаж, како што ја користеле некои советски конструктивистички уметници, уметницата создава големи делумно насликани површини во кои коегзистираат фрагменти од слики, што ја претставуваат индустриската инфраструктура во комунистичка Романија, во моментов уништена или во поодмината фаза на деградација. Носачот на сликата станува флексибилен и се свива околу темата на изложбениот простор, со што се создава органско-имерзивен простор." Матеи Беженару

Шофу Вонг (AUS), Кулата, 2022 - во тек, фото-серија // Кулата Генекс е една од најпознатите градби во Белград. Кога изградбата била завршена во 1979 година, била поздравена како симбол на градот, но и на југословенската држава. Левата кула на зградата се состои од станови, а десната е некогашно седиште на државното претпријатие, групацијата Генекс. Комбинирајќи ги елементите на социјалистичкиот модернизам и брутализам, таа е изградена како вистински аспиративно здание; огледало на општеството кое сметаше дека е на пат кон поголем човечки напредок. Три децении по распадот на Југославија, времето не остави неутрална трага на зградата. Иако Владата на Србија неодамна ја прогласи за културно наследство, голем дел од просториите се во запуштена состојба. Деловната кула има 20 ката напуштен деловен простор, додека во приземјето се наоѓа заклучен простор кој порано бил пицерија што ја водел бивш озлогласен гангстер. Сепак, некои претприемачи од помладата генерација ревитализираа други делови од зградата. Кулата е документација за аурата на едно место, како и упад во историјата на зградата и приказните и личностите што ја опкружуваат. Серијата го загатнува начинот на кој минатото крвари во сегашноста, како и некои дихотомии отелотворени од кулата Генекс. Некогаш дел од градскиот пејзаж и одвоен од него, зафаќајќи го јазот меѓу стремежот и реалноста, таа е симбол на социјалистичкиот светоглед кој се издига над постсоцијалистичкиот пејзаж.

Милена Галици (ITA/BEL), Станарите во живо, 2023, видео, 8':36'' / На 1 мај 2021 година, една група именувана како де Пандемистен („сопственици“ на холандски) го окупира крилото на стар манастир наменето за социјални станови од 1990-тите. Во другото крило се наоѓа Кунстхале, еден од најголемите простори во градот посветен на современата уметност. Одлуката на општината и покраината Фландрија да ја продадат зградата за да се овозможи пренамена во луксузни апартмани предизвика политичка реакција која здружи неколкумина да се изјаснат против тоа, сè до конкретната окупација со своите тела да се спротивстават на одлуката што ја сметаа за неправедна.

Љумтурие Красниќи (XKX), Не знам колку тревки видов, 2020, комбинирана техника на платно, 110х80 см // „Не знам колку бусени трева видов, е дел од циклусот „0220“. Овој циклус го започнав на почетокот од 2020 година и се занимава со односот меѓу душата и материјата / допирливото и недопирливото, преку текстура, боја и композиција. Во меѓувреме, тој самиот стана основен концепт и техника што води кон различни теми и настани. На средината на првиот карантин, имав визија на џиновска планина која пука од суша. Сè наоколу изгледаше како да се распаѓа како испукани парчиња од планина. Напливот од чувства и мисли што ми надојде во таа ситуација се измеша со моето несвесно и таа планинска слика се најде на ова платно. Ситуацијата стана уште посложена кога првпат излегов од куќата и го доживеав оживувањето на природата во мојот град. Видов многу трева тој ден, но не можев да кажам колку. Беше прекрасно. Сепак, ме збуни и сè уште е така кога ќе погледнам на тоа. Тревките понекогаш изгледаа како прамени коса, коса на скриени места што не треба да ја има. За мене и денес е збунувачки кога ќе помислам на тоа. Незнаењето дали светот ќе процвета или ќе исчезне ме мачи да решам дали оваа слика е завршена“.

Серхат Емрулаи (MKD), Помеѓу, инсталација, 140x100x200 // „Помеѓу“ не е граматички предлог што означува растојание меѓу две места, туку прилог што значи време, простор или интервал што ги раздвојува овие димензии. Ваквата рефлексија произлегува од моето лично искуство во годините кога живеев во Северна Македонија. Бидејќи растев во конзервативна средина и традиционално семејство, ја доживував вековната традиција на гостопримство, типична за стара Грција, но и за Балканот, со силно отоманско присуство. Се смета дека пиењето чај им дава живот на луѓето, муабет и лек за проблемите. Ѕвецкањето на лажиците за секој гостин што минуваше низ мојата куќа сè уште е присутно во моите години на возрасен човек. Згора на тоа, звукот беше уште погласен во кафулињата каде што мажите се собираа да разговараат за исти теми (политика, економија и сл.), чекајќи нешто да се промени. Со ова дело ги претставувам сегашното и идното време. Ова време го впива постојаното превртување на лажиците. Некои се превртуваат полека и опуштено, но сите се тука и чекаат нешто да се случи. Чувството на задршка во времето и доживувањето коешто сакам да го пренесам е дека толку многу луѓе го доживуваат чекањето како нешто што треба да се случи или чекаат да излезат од овој континуиран круг каде што сè изгледа како да е неподвижно и непроменливо“.

Јируи Фанг Прекрасна маска, 2022, видео перформанс (23’:45’’) и сликарска инсталација, 210 x 2000 см // „Прекрасна шминка“ е перформанс, боди арт што користи платно долго 20 метри за да го сумира патот на животот. За своето дело Фанг вели: „Проживеав различни периоди во мојот живот, од раѓање до смрт, од растење, до борба, до очај. Тоа го изразувам преку перформансот. Секаде каде што можам го користам говорот на телото за да изразам емоции, состојби. Постојаното плискање вода (црна) по моето тело во текот на овој процес го симболизира стресот со кој се соочуваме. Кога сме млади, притисокот главно ни доаѓа од надворешниот свет. На средна возраст, притисокот доаѓа од надворешниот свет и семејството. Во староста може уште повеќе да доаѓа од семејството, што е одразено во насоката на плискањето на водата. Пред смртта, размачкувам бело по целото тело, што е нашата шминка, нашата величествена смрт е како погреб (сакаме да си заминеме чисти), и се вртиме назад и запечатуваме сè во минатото. На крајот, започнувам второ нанесување, легнат, закопан во црно, како покриен со кал. На оваа слика долга 20 метри има случајни траги, но и намерни. Нашиот живот е празен лист хартија, некои траги се можеби закопани, но секогаш ќе оставиме трага. Кога прекрасната шминка ќе избледи, сите траги никогаш не исчезнуваат“.

Клелија Живковиќ (MKD), Набљудувај, ориентирај се, дејствувај, 2023, инсталација // Инсталацијата го прикажува процесот на барање нови одговори на прашањето: во реалноста натежната од свет кој изумира, како да го создаваме светот кој оживува? Авторката одговорите ги бара во сопствените тежнеења кон спознавање на различните текстури на граници - физичките, емоционалните или духовните бариери кои ни помагаат да се познаваме себе си како битија, простори и места, но и кои ни служат за контакт со опкружувањето. Повикувајќи се на „можноста за живот во капиталистичките урнатини“ на Ана Цинг, ова дело е продолжение на „Дизајн за оживување“, неколкугодишната љубопитност на авторката за тоа како дизајнерските практики го обликуваат човештвото како вид. Во центарот на оваа практика е процесот на прототипирање, развивање на модели за отелотворување и спекулација, барајќи увид во начините на кои човештвото се поврзува со остатокот од живиот и неживиот свет.

Јулија Манојловска (MKD), Пред будење, 2023, инсталација // Секој сегмент на делото, претставува засебен елемент и дело само по себе. Сите форми кои лебдат се различни идентитети. Ако секаде наоколу постојат различни идентитети, и иако ние самите понекогаш сме дел од нив, лебдењето на истите го ставаат уметникот во улога на лутање по есенција. Секоја црна топка е геополитичка, социјална и културна криза која лебди во целосен комфор. Ако идентитетот како синоним значи еднаквост или истост, тогаш кругот е пермеабилен. Делото „Пред будење“ го претставува и периодот на изминатите две години, во кој период сите спиеја. И така една црна линија која нацрта една овца еднаш кажа „Пролет е, преживеавме“.

Џем А (DEU), Обележувачи I, 2023, инсталација // Џем А. е уметник кој е познат по управување на профилот со уметнички мемиња на Фриз магазин на инстаграм. Инсталацијата со наслов „Обележувачи I“ создава физичко искуство што ја имитира дигиталната природа на мемите. Посетителите се поканети преку телефонските објекти да ги гледаат изложените меми како на обичен телефон. Секој телефонски објект во инсталацијата служи како обележувач за дигитално меме. Со слободно поставување на телефонските објекти на ѕидот, посетителите може да го редефинираат односот меѓу мемите и да ја трансформираат инсталацијата преку свој придонес, создавајќи простор дигиталните меми да бидат препознаени како уметнички дела во границите на белата коцка.

Фатима Моалим, Бев посреќна кога одрекував, 2023, маркер на стакло

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023