ГЛЕДАЈ ТУКА СУМ БЕЗ ПРОСТОР

Музеј на современата уметност

29. септември – 21. ноември, 2021

„Гледај тука сум без простор“ е изложба од Уметничката колекција на Телеком со дела од најрепрезентативните уметници од Југоисточна Европа, а со намера да ги осветли политичките пејзажи, социјалните случувања и да најде точка на кохезија во прикажувањето на политиката и уметноста на овој регион.

Миграцијата е суштинско искуство на дваесет и првиот век. Конфликтите предизвикани од новите војни, транзициските неприлики и исклучувачките политики предизвикаа поместување на голем број луѓе на маргините на светот.

Прашање за тоа дали постои нешто во посттранзициските држави што соодветно го третира минатото, за да ја прошири социо-политичката имагинација, да пропагира нови форми на меѓународна солидарност, и да обезбеди основа за продолжување во иднината е повеќе од релевантно.

Оттука, претставените дела се политичка критика на „исклучувањето“, овозможувајќи им видливост и културно признавање на оние кои се наоѓаат вон доменот на политиките, во и надвор од симболичните простори. Делата дозволуваат субверзивни врски, создавање алтернативни системи на ред, револт кон познатите системи и провокација за критичко размислување. Повеќе од кое било друго средство за шпекулирање, овозможуваат да патуваме напред и назад од нашата субјективна реалност, до консензус за посакувана, а можна сегашност.

Намерата на изложбата „Гледај тука сум без простор“ е преку поврзување на естетиката и политиката да предложи нов наратив за регионот и да го редефинира начинот на перцепција на некогашните ситуации во нови прилики, кои поставуваат нов  контра-распоред во културата.

Претставени уметници: Лучезар Бојаџиев, Јане Чаловски, Јасмина Цибиќ, Даница Дакиќ, Игор Грубиќ, Нилбар Гуреш, Петрит Халилај, Флака Халити, Христина Иваноска, Правдољуб Иванов, Сања Ивековиќ, Хортензија Ми Кафчин, Алевтина Какиџе, Шејла Камериќ, Бенги Карадуман, Ева Котаткова, Володимир Кузњецов, Мала Варшава, Владо Мартек, Циприан Мурезан, Дан Пержовски, Агњешка Полска, Словени и Татари, Недко Солаков, Младен Стилиновиќ, Марко Тадиќ, Мартина Вачева

Куратори: Мира Гаќина и Јованка Попова