Изложби Тековни Следни Минати
EN

Panic Room (Соба за паника)

02/10/ 2020 - 05/11/ 2020

 

Panic room (Соба за паника) или: скок во мислењето

Последиците од климатските промени, на чии процеси во голема мера влијае нaчинот на кој човекот се однесува, ја искористува и уништува природата, забрзано ги менуваат животните услови: загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии… Изложбата ја тематизира состојбата на глобалната опасност што му се заканува на светот. Уметниците со оваа изложба на различни начини и со различни уметнички техники (сликарство, инсталација, цртеж, видео, фотографии, постери, уметничкo истражувачка работилница, интерактивен виртуелен и партиципативен проект), исцртуваат координати за лоцирање на проблемите со коишто се соочува современиот свет во кој живееме, како и на можни креативни платформи како места на отскок од вообичаените практики на мислење и дејствување.  

„Концепт на изложбата Panic room е да се понудат можни начини на редизајнирање или ресетирање на нашиот однос кон природното и социјалното опкружување. Создавање инакви пристапи на поврзување и солидарност помеѓу луѓето и нивната околина,  наспроти вообичаениот начин на којшто животните услови се земаат здраво за готово, како нешто што се подразбира, како нешто што ни е дадено и што ни припаѓа.

Наедно, изложбата е и критика на неолибералната финансиска, технолошка, биополитичка, односно некрополитичка стратегија на манипулирање и колонизирање  на сите сфери на просторното, биолошкото и симболичкото постоење, и критика на скриената логиката на функционирањето на глобалниот пазар: што повеќе катастрофи (војни, политички, економски и еколошки кризи), толку повеќе профит“ вели кураторката Неделковска.

Panic room не подразбира некакво безбедно место каде би можеле да се скриеме (како во филмот на Дејвид Финчер, од којшто е и позајмен насловот) туку се однесува на интимниот, внатрешен простор, како место на одлука за одлучен пресврт во мислењето: наместо резигнирано да прифатиме дека е многу полесно да се замисли крајот на светот, отколку крајот на капитализмот, да направиме скок во мислењето и да го замислиме крајот на капитализмот, повикувајќи „нова земја, нов народ“ ( Жил Делез, Феликс Гатари) отварајќи, при тоа, можности за нова уметност на живеење и заедништво во светот и со светот. Наместо екологија на стравот, екологија на мислењето.

Ако уметноста сè уште може да не погоди, провоцира, да не измести од нашите кодифицирани светогледи, ако сè уште може да иницира креативни и критички места од коишто би се развивале потенцијални линии на отпор и промена, тогаш таа мора сета своја креативна сила да ја насочи кон разградување на воспоставените клишеа на мислење од коишто постојано ги храниме нашите предрасуди и нашите ресентименти.

Во оваа насока, изложбата можеби треба повеќе да се чита како еден вид експеримент, вежба во мислењето, поттик и обид од мислењето да се направи настан, сила со потенцијал за трансформација и промени, оттколку само како постановка на дела коишто можат, преку понудените уметнички и естетски концепти, длабоко да не допрат и за миг да ја разбудат во нас свеста за опасноста во којашто се доведовме, и себе си и светот. Зошто, за да мислиме, не треба само да станеме свесни, туку треба да направиме и пресврт. Пресврт во мислењето.

Во поставката земаат учество уметниците: Искра Димитрова, Нехат Беќири, Верица Ковачевска, Нада Прља, Велимир Жерновски, Матеј Богдановски, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Никола Узуновски и групата ОПА.

Кураторка на изложбата е Љиљана Неделковска.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија како дел од Годишната програма за 2020

 


Учесници на изложбата:

Нехат Беќири, Син леб, 2020, инсталација

 

Нехат Беќири со инсталацијата Син леб  ја тематизира опасноста од прекумерното производство и трошење на пластиката од којашто најголемиот дел завршува во морињата. Според податоците во морињата и океаните сме фрлиле над 150 милиони тони пластика, додека на морското дно се наоѓа околу 14 милиони тони микропластика, податоци што треба вистински да не замислат. Инсталацијата, составена од цели лебови (вистинските се обоени со сина боја, додека другите се изработени од транспарентен материјал низ кој зрачи слаба светлина) и различен пластичен отпад, асоцира на пловните острови создадени од пластика, но и на фактот дека морињата се изворот на животот на Земјата, и дека со нивното загадување се уништува не само морскиот живот, туку и  целокупниот живот на планетата, вклучително и на луѓето.

 


Матеј Богдановски, Конзумеризам, 2020, акрилик на платно 70х70

 

Конзумеризмот е игра која денес ја играат многу луѓе, некои свесно, но поголемиот дел потполно несвесни дека ја играат. Играта е многу примамлива и лесно се игра, а накрај изгледа како сите да добиваат. Има два типа на играчи, тие што купуваат и тие што продаваат, целта на едните е да купат што повеќе а на другите да продадат што повеќе, а интересното во играта го прави тоа што и двете страни треба да најдат начин како да ја постигнат целта. Продавачите смислуваат најразлични видови реклами, понуди, попусти, се со цел да се привлече вниманието на купувачите, а купувачите смислуваат секакви начини да дојдат до пари, па така зимаат кредити, кредитни картички, префрлуваат од една на друга, работат прекувремено, се за да ги купат нештата за кои копнеат а им гинудат продавачите.

И се чини дека таа игра нема крај, но во својот играчки занес, играчите не приметуваат дека дефинитивниот крај ќе биде кога ќе ги потрошат сите ресурси и кога ќе ја затрупаат целата планета со остатоците од нивното играње бидејќи не приметуваат дека сите тие нови, светкави, слатки купени и продадени задоволства на крај завршуват како отпад на некоја депонија.

 


Искра Димитрова, Жед за боја, 2020, видео, 01:33

 

Во видеото правено за време на полицискиот час на епидемијата, поривот за боја е спротивставен на секојдневната шокирачка терминологија на сувите статистистички податоци, која пак е спротивставена на телесноста.

 


Ѓорѓе Јовановиќ, Nocturnal Landscapes, 2020, објект и видео во луп

 

Некогаш, многу одамна, живеел стар монах во православен манастир.Се викал Памве. Тој еднаш засадил суво дрво на падините од една планина, баш вакво. Потоа му рекол на својот млад ученик, монах по име Јован Колов, дека треба да го вади дрвото секој ден, сè додека не оживее. Како и да е, рано, секое утро, Јован ја полнел стомната со вода и тргнувал на мисија, ќе се искачел на планината и навечер, кога ќе се стемнело се враќал во манастирот. Ова го правел цели три години. И еден убав ден, кога тој се искачил на планината го видел целото дрво покриено со пупки!

Кажи што сакаш, но овоj метод, овој систем има свои доблести. Знаеш, понекогаш си велам, дека ако секој ден,точно во исто време, некој го прави истото, како ритуал, постојано, систематски, секој ден во истовреме, светот би се сменил.

Да, нешто би се променило.

Би требало.

Некој би можел да се разбуди, секое утро, да речеме, точно во седум часот, да оди во тоалет, да ја наполни чашата со вода од чешмата и  да ја истури во тоалетната школка.

Само тоа!

Од филмот Жртвување на Андреј Тарковски

Бувот гледа во темница. Симболичкото значење на бувот во многу култури е дека тој ве води да гледате подалеку од превезот на илузијата; помага да се види она што се чува скриено. Исто така, ја симболизира можноста да се пресечат илузиите и да се види вистинското значење на нечија постапка или состојба на умот. Во еден свој ноќен лет, бувот патува и ги гледа пејзажите на современиот свет полн сo нарушување  и уништување на животната средина, дистописките слики на ужасот, индустриски и технолошки напредок од една страна и сè поголемата отуѓеност  на луѓето од друга. Низ неговите слики и визии,тој нè соочува со актуелните и надоаѓачки катастрофи. Дали ќе ги гледаме овие слики и уште еднаш само ќе ја констатираме фактичката состојба или ќе се обидеме да се покренеме? За почеток, секое утро, да речеме, точно во седум часот, да одиме во тоалет, да ја наполниме чашата со вода од чешмата и  да ја истуриме во тоалетната школка…

 


Филип Јовановски, Оваа зграда зборува (на)вистина: #Фрагмент, видео инсталација, текст

 

Ако успееме овде, можеме да успееме секаде!

Бришењето, криењето или игнорирањето на трагите на заедништвото, солидарноста, одговорноста, од колективната меморија на локалната историја e само чекор кон акцелерирање на неолибералниот светоглед кој ги приватизира и хиерархизира сите односи во општественото живеење. Сево ова води кон речиси непрепознатлива промена на локалниот контекст, влијаејќи и трансформирајќи цели заедници и различни општествени слоеви, како и на целокупното општествено ткиво. Во средината на заедничкиот двор и заедничката киносала на станбената Железничка зграда одекнуваат прашањата: Како заедно да живееме подобро? А ехото сѐ повеќе го повторува прашањето во речиси руинираната зграда којa ја чува идејата за заедницата, одговорноста и солидарноста во средината на градот, разнебитен и корумпиран. И токму тука може да се отворат конфликтите кои потенцијално креираат нови процепи во генералната општествена структура. Железничка зграда во Скопје е градена како периметарски колективен блок за живеење на вработените во Железницата на Југославија и е завршена кон крајот на 40-тите години на 20 век. Таа има сопствен двор, имала колективни перални кои се трансформирале во станови после скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година,  но и сопствено кино како  заеднички простор, каде што во еден момент 400 деца гледале филмови. Токму солидарноста, заедништвото, одговорноста го градат скелетот, структурата или дизајнот на долготрајниот перформативен и колаборативен проект „Кога зградите би зборувале“ кој започна во 2015 година и сѐ уште трае.

Иницијативата „Кога зградите би зборувале“ е перформативно искуство што постои од 2015 година во Железничката зграда и е поттикнато од организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФР~У) во авторство на Филип Јовановски, курирано од Ивана Васева.  Тоа се изведува себе си и постои преку перформативноста, т.е изведува активен простор или заедница како естетски и етички процес на создавање односи и врски.  Па така, дизајнот на перформансот не е физички изградена кулиса, иако постои како архитектонски простор – киносала, туку е искуствен, обликувачки, емотивен и уметнички процес, формирачки и трансформативен, кој сака да стане заедница која ќе се грижи пошироко од уметничкото делување или прагот на сопствениот дом. Тој е составен од современ крос-дисциплинарен ангажиран пристап кој обединува елементи од визуелните и изведувачките уметности, проширувајќи го нивниот обем и рамка и се залага за зачувување на значењето на јавното и јавниот простор.

Во рамки на изложбата Panic room  Или: скок во мислењето проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се изведува во размер 1:100 како едно кондензирано искуство од минати активности, како архива од повеќе времиња кои би требало да ни кажат: Ако успееме овде, можеме да успееме секаде! А токму тоа е и дизајнот на перформативната агонистичка заедница.

Извадок од кураторскиот текст на Ивана Васева за проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина”, павилјон на република Северна Македонија на прашкото квадринале за сценски дизајн и простор 2019

 


Верица Ковачевска, Winterthur 2041 (2014), интерактивен виртуелен проект

 

Винтертур 2041 (2014 година)  е интерактивен виртуелен проект со којшто на  публиката и е овозможена виртуелна прошетка во  градот Винтертур. Користејќи iPad и софтвер за виртуелна реалност, прошетката прикажува како би изгледале четири локации во градот во 2041 година. На пример, еден подземен премин станува слепа точка каде што жителите можат сосема да се исклучат од мрежата, додека пак во стариот дел на градот зградите се обвиткни со оддржливи фасади кои се состојат од жива материја, имено бактерии. Прошетката создава можности за имагинација, но истовремено критикувјќи гоначинот на којшто живееме денес, покренува прашања поврзани со оддржливиот развој – кои ќе бидат нашите идни проблеми во врска со храната, енергијата, мобилноста и технологија, и како би можеле да ги решиме?

Во Музејот на современата уметност, Скопје, Винтертур 2041 се прикажува како  интерактивна виртуелна прошетка во која посетителите на изложбата  можат да го обиколат градот во 2014 и 2041 година.

 


ОПА (Опсесивно посесивна агресија), Се грижам затоа што се грижиш, 2020, памучни торби и изјави (партиципативен проект)

 

Исплашени од опасноста предизвикана од еден микроорганизам, кој во целост го смени нашето функционирање, занемаривме еден факт: дека е тој последица и дел од една поголема катастрофа. Консумеризмот, трката по профит, кусогледоста и уништувањето на природата во разорни димензии, веќе сигурно потпомагаат апокалиптична завршница. Нивото на сериозност налага, да секој од нас се заложи за активно делување во секој сегмент од своето секојдневие. Инаку, ќе имаме „чест“ да ги одживееме последните години на човештвото. Овој проект се обидува да потпомогне една таква акција. Фокусирајќи се на една од причините за еколошката катастрофа – производството и употребата на пластика за еднократна употреба, нуди помош при промената на нашите навики. Правилата се едноставни: земате една платнена торба по ваш избор, ја потпишувате изјавата под неа и се придржувате до насоките. Доколку не сте сигурни дека можете, или пак не сакате да се придржувате до насоките дадени од авторите, ве молиме оставете ја торбата за некој друг. „Кажи на друг“ делувањето е добредојдено и посакувано.

Благодарност до Ален Реџепагиќ и Небојша Гелевски – Бане (фонт: Ekran Typeface).

 


Нада Прља, Дневник на катастрофи, инсталација, 2004: 6 страници дизајниран весник, 500 копии, офсет печат во црна боја; 2019: 50 насликани површини во црна боја, 51×41 cm на секој весник

 

За инсталацијата “Дневник на катастрофи”, Нада Прља го користи и адаптира нејзиното постаро дело “Проект: Лоши вести” (2004) во кој концептуално ја преиспитува содржината на информациите што ја нудат весниците на дневна основа. Изложениот весник од “Проектот: Лоши вести” е дизајниран од уметницата, каде површините прикажани како црни полиња во весникот зборуваат за комерцијализацијата во весниците, затемнувајќи ги само рекламите публикувани во оригиналниот весник.

Со новиот проект “Дневник на катастрофи”, Прља слика врз страниците на весникот од нејзиниот “Проект: Лоши вести” датуми и градови/региони во кои се случиле природни катастрофи од 2000та до 2020та година. Зголемениот број на случувања на овие катастрофи ја инспирира уметницата да ги следи и да ги забележи датумите на овие катастрофални настани, на сличен начин како што ја забележа количината на комерцијалните реклами во весникот од 2004 година.

Ова е уште еден од проектите во кои Прља “рециклира“ сопствено дело, во обид да го избегне или да го ограничи натамошното користење на нови материјали во процесот на создавање на нови уметнички дела.

 


Никола Узуновски, Моето сонце, од 2005-во тек, интердисциплинарен  истражувачки проект

Моетосонце е утопискипроект, којшто опфаќауметност и наука, визионерскиидеи и социјалнитеми, поезија и хипертехнологија. Целта е,воодреденаобластнаЗемјата,дасе произведелетечкиобјектштојарефлектирасончеватасветлинаи да изгледакакосамотоСонце. Поширокатаверзијана My Sunshine предвидувапроизводствонанеколкукопиинааеростатот, штоќесоздадеефектнаповеќесонцананебото. Проектот се концентриранаобластиоколуАрктичкиоткругкадешто, порадиротацијатанаЗемјинатаоска, вотекотназиматаСонцетоостануваподхоризонтот, а неговитезрацинеможатдајаосветлатземјата. Овојфеноменимаогромновлијаниеврземоционалнатасостојба и на меѓусобните односиналокалнотонаселение.  Проектсесостоиодотворенпроцесшто се развивапрекуширокоучествонајавноста, движувајќисеоднаучнатазаедница, астрофизичарите, инженерите, архитектите идо секој оној што сака да се приклучи во остварувањето на сонот наречен Моето сонце.

 


Јане Чаловски и Христина Иваноска, Музејот на модерна уметност на Оскар Хансен /Девет принципи на Отворена форма, 2018–19, 10 графики во дигитален печат на архивна хартија, (едиција 10 + 2 АП), 100 х 70 см.

 

Оваа едиција на дигитални графики се фокусира на Оскар Хансеновата теорија на „Отворена форма“ – архитектонски, визуелен, сетилен и педагошки метод – кој идентификува девет принципи: 1. Редукција наместо војна; 2. Беседа наместо догма; 3. Заеднички добра наместо користољубие; 4. Взаемност наместо монопол; 5. Живот наместо вредност; 6. Флексибилност наместо непроменливост; 7. Алатки наместо услуга; 8. Рамнотежа наместо деградација; 9. Партнерство наместо доминација. Овие принципи стануваат хуманистичка кодекс на однесување инспирирани од Хансеновите размислувања и ставови. Секој од деветте принципи е кодиран со боја за идентификација на Хансеновиот Линеарен континуиран систем – „метод за почетно утврдување на локацијата на мултифункционалната зона за вдомување.“ Деветте бои се поврзани со различни функционални или геолошки определби на концептуалниот терен: црвена = социјален; портокалова = култура; светло зелена = природа; темно зелена = шума, животински свет; сина = клима; виолетова = временски услови; сива = терен; кафеава = класа на почва; црна = минерални суровини. Типографијата во графиките ја интерпретира „Отворената форма“ со коритење на дијагонали и полукругови, бришејќи ги сите вертикални и хоризонтални линии. Тоа овозможува игра со видливоста и читливоста во пишувањето, и поттикнува читањето да стане активен перформативен процес од страна на гледачот. На серијата постери треба да се гледа како алатка–визуелно дестилирана синтеза–или игриво толкување на комплексните теоретски и визуелни принципи на Хансен како што беа применети во неговата практика.

 


Велимир Жерновски, Отаде црното, 2016 – 2020, инсталација

 

 Инсталацијата е дел од долгорочниот проект ОТАДЕ / BEYOND, на којшто Жерновски работи во последните години и вклучува најразлични насоки во форма на серија на сито печат графики, објекти и интервенција врз постоечки објекти. Повеќето чинители на инсталацијата се продукти добиени по пат на дискурзивни соработки и промислувања преку проекти и процеси работени со најразлични колективи и иницијативи како press to exit проектниот простор (Вуду кукли – Црна дупка и зрак светлина 2017) и уметничкиот колектив Партизанска штампа (Партизански атлас: тековен проект на Партизанска штампа – Црнила 2020).

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023