Настани Што е филм 2.0.
EN

Што е филм 2.0.

02/07/2020 - 23/07/2020

Можеме ли знаењето без труд, алатките и просторите, но и нематеријалната работа и работата во културата достапни на интернет 2.0 да ги претвориме во нови радикални, револуционерни, продуктивни простори и практики, над надуената идеја на „интернетот како простор на неограничена можност”?

Која е улогата и одговорноста на уметничките куратори и уметничките институции во виртуелните географии поделени со дигитални граници кои френетично ги претвораат луѓето во корисници и кои ја комодифицираат нивната интеракција со (не)ограничениот избор на јавно достапното?

Хито Штајерл вели дека јазот меѓу двете форми на репрезентација – политичката од една страна, и културната од друга – е конститутивна карактеристика на комуникациските технологии и социјалните медиуми. Жулиета Аранда и Ана Тешеира Пинто, во Супер-заедница (е-флукс, 2017), одат чекор понатаму изразувајќи загриженост околу механизмите кои можеби овозможуваат културното учество истовремено да генерира политичко исклучување.

Соочени со сите овие прашања и проблеми, и со надеж дека ќе научиме за повеќе аспекти и различни нијанси, ја посветуваме нашата програмска серија Што е филм? за 2020 година на процесот на истражување на комплексниот однос на отворената и јавно достапна филмска уметност на мрежата со пошироките политички и социјални прашања. Ова воедно претставува и акт, гест, програма и предлог за естетско образование.

Во практична смисла, двапати неделно ќе споделуваме филмови и сродни уметнички форми на различни теми, кои се отворени и достапни преку интернет ширум светот.

Кумјана Новакова

 

ПРОГРАМА

ПОПИС 2.0

Влегувајќи подлабоко во сегашниот момент, првата тема во Што е филм? Попис 2.0 е посветена на борбата на црнците. Признавајќи го недостигот на знаење за комплексностите на црните животи, би сакале да ја отфрлиме идејата за борбата како статистика и да придонесеме во големата политичка промена која ги претвори метричките податоци во нешто похумано, поживописно, повеќе лично.

Така, споделуваме информации за едно јавно достапно филмско уметничко дело.

 

  1. Јас не сум твојот Црнец, Раул Пек (2016).

CinemAfrica, независна културна организација посветена на славењето на културите и луѓето од Африка и Африка во дијаспората, ќе го пренесува бесплатно на својата веб-страница филмот I am not Your Negro од Раул Пек (2016), со фокус на романописецоот, драматург и есеист Џејмс Болдвин.

Филмот е достапен овде.

„Болдвин не можеше да знае за Фергусон и Black Lives Matter („Животите на црнците се важни“), за претседателството на Барак Обама и за возобновувањето на белиот национализам, но во извесна смисла ги објасни сите однапред“, пишува А.О. Скот во Њујорк Тајмс (Review: ‘I Am Not Your Negro’ Will Make You Rethink Race, 2 февруари 2017 година).

За оние кои се заинтересирани да дознаат повеќе за основните аспекти на животот и делото на Џејмс Болдвин: неговата сексуалност, ние би ви препорачале дискусија помеѓу него и Одре Лаурд објавена во 1984 година и достапна: тука

 

  1. Архиви: Жан-Габриел Перио

Втората тема што ја ставаме на Попис 2.0 е: Архиви.

Сметан од многумина како еден од најистакнатите и најинтересни режисери кои работат со архиви, Жан-Габриел Перио е режисер, чии филмови нè соочуваат со можноста за различно читање на историските архиви, а работи на крстосницата на документаристиката, анимацијата и експерименталното. Силно политички и социјално ангажиран и интензивен, преку скоро целиот негов опус ги проблематизира неправедно воспоставените социјални хиерархии, глобалните и локални економски зависности, институционализиранота насилство, насилствота од луѓе кон луѓе, злоупотребата на моќ и војната.

Неговите филмови се прикажувани и наградувани низ целиот свет, како на културни, така и на уметнички платформи и во јавни простори, предизвикувајќи дебати и чувство на итност во делувањето, пропитувајќи општо прифатени историски и современи наративи.

Друг аспект во работата на Перио, особено интересен за Попис 2.0 е неговата посветеност кон јавно достапната уметност: повеќето негови филмови се достапни на интернет, без оглед на тоа што бројни фестивали и филмски платформи ги програмираат во кина и галерии.

Нашата прва препорака, што го поврзува со нашата претходна тема, е неговиот филм „Ѓаволот“, монтиран на звукот на моќниот француски бенд „Буегерс“, а сликите продираат во борбата на Афроамериканците во 1950-тите и 1960-тите.

Ѓаволот, Жан-Габриел Перио, Франција, 2012 година, 7’ – достапен овде.

Втората препорака е за дело засновано на архивска фотографија – на дури 600 фотографии е Куполата Гембаку во Хирошима, од 1915 година до денес, во слоеви од болка, насилство и преживување.

Nijuman no borei (200 000 фантоми), Жан-Габриел Перио, Франција, 2007 година, 10’ – достапен овде.

На едно поинакво од архивските дела, е нашата последна препорака – Има радост во оваа борба – дело нарачано од Париската опера по повод нивната 350-годишнина.

Периот ја искористи можноста да зборува за економски неизвесности и длабоки поделби во општеството, во позадината на задоволствата на музиката.

Има радост во оваа борба, Жан-Габриел Перио, Франција, 2017 година, 22′ – достапен овде.

 

  1. Асамблаж: Џозеф Корнел

Assemblage – Cambridge Dictionary (US/əˈsem·blɪdʒ/), noun

A collection of people or things that are brought together for some reason.

in ART: An assemblage is also a work of art that is made of different things put together.

Третата тема на Попис 2.0 е воедно метода на работа и предмет на изучување: колаж.

Доколку промислуваме низ перспектива на колажот, тоа нè поттикнува да отфрлиме да размислуваме за филмот како едноставна, одвоена целина, односно линеарно искуство или затворен текст со фиксно значење.

Всушност, во колажот филмската форма се наметнува преку временски синџир низ кој се спојуваат одделни, и што е уште поважно, навидум неповрзани слики. Така, како резултат, значењето произлегува од блискоста на нештата која што формата ја создава – наспроти вообичаеното поврзување преку метафора.

Џозеф Корнел (1903-1972) не се идентификува со ниту една филмска школа и никогаш не работел во областа на теоријата на медиумот. Иако повеќе познат како уметник, преку своите кутии кои ги полни со разни предмети и материјали, тој остава белег во филмот како автор кој ќе фасцинира и влијае и врз своите врсници, но и на поновите генерации на автори.

Корнел го сметале за чудак, „аутсајдер“, бидејќи избегнувал социјални контакти, освен под свои услови; а некои го сметале за „чуден“ кога станува збор за врски со жени кои ги обожувал, но само од дистанца. Секогаш сам и буквално затворен дома, ја користел уметноста за да трансформира славни жени во недостижни, помалку андрогини икони. (Бринк, 2007).

Таков е и неговиот прв филм: Роуз Хобарт, изграден целосно од материјал од Б-филмот Источно од Борнео, снимен во џунгла во 1931 година, кој Корнел го претвора во филм за актерка која наводно го преокупирала неговиот херметичен свет.

Легендата вели дека многу надреалисти присуствувале на премиерата на неговиот прв филм Роуз Хобарт (САД, 1936, 20 ’), во галеријата Јулијан Леви во Њујорк, бидејќи многу од нив биле во градот за да присуствуваат на отворањето на првата изложба на МоМА посветена на надреализмот “Фантастична уметност, Дада, надреализам”. Во публиката бил и Салвадор Дали, кој бил исклучително вознемирен за време на проекцијата на Корнел и го превртел филмскиот проектор. „Мојата идеја за филм е токму тоа, и јас сакав да ја предложам некому кој ќе платеше за овој филм да се направи…“, наводно му рекол на Леви. „Никогаш не сум ја напишал ниту кажал никому, но се чини како [Корнел] да ја украде“. (Салвадор Дали, по цитат во Брајан Фрај, „Џозев Корнел 1903–1972”)

Роуз Хобарт (САД, 1936, 20 ‘) е достапна на веб-страницата на УБУ.

 

  1. Зое Белоф: Доку-фикција

„Сите одлични играни филмови имаат тенденција кон документарен филм, исто како што сите одлични документарни филмови имаат тенденција кон фикција. . . Оној кој со цело срце цели кон едното, нужно го наоѓа и другото на крајот на своето патување “.

Жан-Лик Годар

Режисерите на традиционалните документарни филмови деновиве често ги претставуваат своите дела во уметнички галерии и музеи низ целиот свет, додека уметниците сè повеќе ги изложуваат своите дела на филмски фестивали и во кина. Очигледно, линиите помеѓу уметноста и филмот се спојуваат или исчезнуваат, како и нејасната линија помеѓу фикцијата и документаристиката. Хибридизацијата, новитетот, побуната, хетеродоксијата и спојувањето се клучни за напредокот на современиот уметнички филм, кој многумина го карактеризираат како доку-фикција – односно филм во кој се вткаени она што традиционално се смета за не-фиктивно филмско творештво со филмска фикција.

Современоста и непосредноста на некои од формалните карактеристики на документарните филмови – нивната неодреденост, хибридност, искреност, живост – нè натера да споделиме дел од творештвото на режисерката и уметничка чија работа не спаѓа во ниту една од традиционалните “кутии” и овозможува да се дефинира со сите претходни карактеристики инклузивно, и со ниту една од нив, исклучиво.

Зое Белоф (1958, Единбург) е уметничка и филмска авторка. Студирала уметност на Единбуршкиот универзитет, а во 1980 се преселила во Њујорк за да студира филм на Колумбија. Работи во неколку медиуми, како филм, перформанс, инсталации и цртеж. Секој нејзин проект има за цел да го поврзе минатото со сегашноста, со цел да се гледа кон иднината низ нови перспективи. Проектите на Белоф се меѓународно претставувани.

Примерно семејство во примерен дом како почеток ги зема Брехтовите белешки за филм. Брехт бил инспириран од напис што го прочитал во списанието Лајф во 1941 г. за семејство кое живее на фарма и освоиле како награда седумдневен престој во модел за куќа на Државен саем. Недостаток е што домот бил отворен за јавноста дванаесет часа на ден. Брехт замислил што се случува кога сè тргнало наопаку.

Филмот е достапен овде.

Егзил. Филозофот Валтер Бенјамин и неговиот пријател, драмскиот писател Бертолт Брехт го минуваат времето заедно во егзил од нацистичка Германија во 1930-тите. Овој филм замислува дека тие сè уште се во егзил во Њујорк во 2017 година. Во интервентните години тие се менуваат бидејќи во современиот свет бегалците и жртвите на расизмот изгледаат поинаку. Брехт е Иранец. Бенјамин е Афроамериканец. Нефиксирани, осцилираат меѓу нивното време и нашето, Брехт и Бенјамин откриваат што е закопано во нашата сопствена историја, правејќи врски помеѓу фашизмот во Њујорк во 1930-тите и неговата манифестација во ерата на Трамп. Филмот е достапен овде.

 

 

  1. Елен Шатлен: Просторот на внатрешноста

Различен како од наративниот односно играниот филм, така и документарниот филм, а тесно поврзан со литературата и филозофијата, со карактеристики на лабава, фрагментарна, отворена рефлексија која се гради врз постојаната тензија од неколку дискурзивни режими, есеистичкиот филм ги доразвива естетските можности на филмот. Ниту жанр, ниту форма, есеистичкиот јазик е филм на просторот на внатрешноста: истражување, пропитување, протестирање, како пасаж кон неизвесното и невиденото, преку поетиката на далечното всушност достигнуваме леснотија и блискост.

Иако есеистиката во филмот се карактеризира со голема варијација, а од таму и со невозможноста да се стави во формална рамка, почетоците на праксата се тесно поврзано со „најпознатиот автор на непознати филмови“, Крис Маркер.

Сепак, оваa објава и е пред се посветена на Елен Шатлен, бидејќи не само што е доволно кажано за Крис Маркер, туку и поради тоа што длабоко веруваме дека самиот тој би се почуствувал почестен да не воведе во нејзината работа. Надалеку позната како актерката од “Ла жете (La Jetée), Елен го посветува својот живот на творењето – актерка, писателка, режисерка, гласничка за угнетените, мост за Истокот.

„Работници на светот, отидете до длабочините на вашата душа затоа што само таму ќе ја најдете вистината“. – таа ќе ги сподели зборовите на Нестор Махно, анархистот и комунист од Украина, чиј живот ќе го рекреира од неговите пишувања, од советските пропагандни филмови, реакциите на работниците денес и сеќавањата на него во срцата на неговиот народ во Хулија Поле.

Филмот е достапен преку Интернет Архивата тука.

Бидејќи нашата следна објава ќе биде целосно посветена на Крис Маркер, како омаж за Елен овде го споделуваме неговиот Ла жете (La Jetee).

Филмот е достапен овде.

 

 

 

  1. Крис Маркер: Поезија на времето

Затоа што знам дека времето е секогаш време

И местото е секогаш и единствено место

– Т. С. Елиот, Чиста среда

Ова е епиграфот на верзијата на англиски јазик на Крис Маркеровиот “Без сонце” (Sans Soleil), кога влезе во дистрибуција во Соединетите Американски држави во 1982 година. Епиграфот за оригиналната француска верзија на “Без сонце” е превземен од вториот предговор на Расин за Бајазет – неговото единствено дело кое ги отфрла митолошките, библиските или историските теми, турска трагедија која е поставена во современо сераглио (харем). Епиграфот гласи: Може да кажеме дека почитта што ја имаме за хероите се зголемува пропорционално со нивната оддалеченост од нас. Овие три акценти од двете јазични верзии на “Без сонце” – време, место и без херои – како да го сублимираат Маркеровиот поглед во сите негови дела во сите медиуми и во сите негови животни периоди.

Претходниот текст и објавата за Елен Шатлан кратко го претстави Маркер и филмскиот есеј, со што ќе се воздржаме од теориски забелешки овој пат. Наместо тоа, ќе се обидеме да ве инспирираме да побарате, и се надеваме да подразмислите за поезијата на времето и да го пронајдете сопствениот Крис Маркер. Ќе се сретнете со кино-новелист, режисер, писател, фотограф, патник. Патник низ времето кој ги лови идните сеќавања во кино-романи. Љубител на мачки, бидејќи мачките никогаш не се на страната на моќта.

„Ова е приказна за еден човек, обележан од една слика од детството“. И, “Без сонце” не води на патување… Лични сведоштва на филм со позајмен наслов од циклус композиции на Мусоргски (1874), овој пат компонирани од писмата во облик на дневник на Сандор Красна, уште еден алиас на Крис Маркер, претставен како “free-lance” снимател кој патува до “два екстремни пола на опстанокот”, Јапонија и Африка.

Штом зачекориме во светот на појавноста на Јапонија, како да влегуваме во некаква бестелесна свесност. И, нашите сопствени сеќавања не стигнуваат. Во филм за некое друго место.

Верзијата која ги спојува епиграфите во француската и англиската верзија, раскажана на англиски јазик од Александра Стјуарт, преку Интернет Архива е достапна тука.

Споделуваме и прекрасна лична белешка за “Без сонце” (Sans Soleil): Писмото на Крис Маркер до Тереза ​​- зад превезот на Sans Soleil. Конечно, споделуваме и галерија портрети потпишани од Сандор Красна, направени за време на протести, на Фликр

 

  1. Шантал Акерман: разнесето го овој свет

Директна, духовита, брза, прониклива, интуитувна, несмасна, насмеана, хировита. Шантал Акерман е авторка која го одбележи авторскиот филм после Францускиот Нов бран. Филмската теоретичарка Гвендолин Одри Фостер за нејзе ќе напише дека е „една од најважните режисерки на крајот на 20 век, чии филмови имаат големо влијание врз феминистичкиот дискурс во филмот, и во рамките на авангардната филмска и видео-уметност на меѓународно ниво.” (Senses of Cinema. Akerman, Chantal. Фебруари 2018, Број 86).

Првиот свој филм ќе го направи на 18 години – “Разнеси го мојот град” (Saute ma ville/ Blow Up My Town, 1968, 13’) – а потребата и буквално да ја разнесе современата пристојност на секојдневието ќе остане во секој следен филм на Шантал, се до нејзината смрт во 2015 година. Ќе го артикулира женскиот поглед и женската мечта во филмот – снажно, отворено, самокритично.

Го затвораме Попис 2.0 со препорака да ја слушаме, читаме и гледаме Шантал.

Почнувајќи од нејзината соба – Собата (La chambre, 1972, 11’) koj e интегрално достапен на E-flux (E-flux, Мај, 2020), прочитајте го интервјуто на Никола Брене од Француската кинотека со Шантал направено во период од еден месец за време на летото 2011 година, но погледнете го и разговорот со Шантал во Венеција, исто така во 2011 година.

“Да се направи „уметност“ е обично прекрасно. Уметничкиот пазар е друга работа. Честопати е врзан за моќ, за фалусот – но не секогаш.” Шантал Акерман.

 

МИНАТИ НАСТАНИ

МСУ ЛЕТНО КИНО – Урбани пејзажи од ‘60-ите на филм

Четврток, 18/07/2024, 21:00

МСУ летно кино - 20 дена во Мариупол

Четврток, 27/06/2024, 21:00

Јасмина Цибиц: презентација

Петок, 28/06/2024, 20:00

МСУ Летно Кино - Меѓу присуство и отсуство

Четвртoк, 13/06/2024, 21:00