Новости Нови Донации: Јонас Стал и Ч‘то делат
EN

Нови Донации: Јонас Стал и Ч‘то делат

Холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал (Jonas Staal) и рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Ч‘то делат“ (Што да се прави?) подарија уметнички дела на Музејот на современата уметност – Скопје, така што, уметничката колекција на музејот е збогатена со уште неколку значајни дела од реномирани светски уметници.

Уметникот Јонас Стал ја подари својата инсталација „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која е дел од изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова.

 

Рускиот колектив „Ч‘то делат“ го подарија нивното видео „Becoming With the Museum“ за идната постојана поставка на МСУ. Ова видео беше продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамки на „Крик фестивалот“, кој во 2017 година се одржа во МСУ.

„Светски познатите уметници се свесни за значењето на нашиот музеј, затоа и донираат свои дела. Музејот на современата уметност – Скопје е симбол на солидарноста на некогашно солидарно Скопје. По катастрофалниот земјотрес 1963 година, се разбуди светската солидарност, не само во материјална помош за срушеното Скопје, туку и за подигнување на духот на настраданите. Многу светски реномирани уметници донираа свои дела во тоа време. Така почна и да се создава уметничката колекција на музејот. Денес, МСУ располага со богата уметничка колекција… од Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џоунс, до Вазарели и многу други. Тој тренд интензивираше последниов период.“ вели директорката на МСУ – Скопје, Мира Гаќина.

 

Инсталацијата „Нови сојузи“ од Стаал е уметничка и политичка кампања, чија појдовна точка е тековната политичка, економска, хуманитарна и еколошка криза во Европа со цел да ги здружи претставниците на трансдемократските движења и организации за да предложи сценарија за некои нови идни сојузи. Воопшто, делата на Стаал се однесуваат на врската помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата и се изложувани во Музејот Stedelijk во Амстердам, M_HKA во Антверпен, Музејот модерна во Стокхолм и Уметничкиот центар Nam June Paik во Сеул, како и 7 Берлинско биенале, 31 биенале во Сао Паоло и 12 биенале во Тајпеј.

 

Подареното видео од рускиот колектив го документира процесот во кој „Что Делат“ работат со група млади уметници и создаваат перформанс, кој го прикажува односот на учесниците со избраните уметнички дела од колекцијата на МСУ. Делото го поврзува макронаративот на различните уметнички дела (кога и како се создаваат, нивното општествено значење) со микронаративот на секој изведувач, кој преку своето тело и лирски текст го објаснува односот со избраното делото. Делото е освежувачко мапирање на музејот и историјата на младата генерација што го активира трансформативниот потенцијал на музејот. Колективот „Что делат“ (Што да се прави?) има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. „Что делат“ се залагаат за еднаквост на сите луѓе, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.

 

Рускиот колектив има соработувано со Документа 12 во Касел во 2007 година, 11-то издание на Биеналето Гвангжу во 2016 година, Програма за практика на Гараж Музејот во Москва во 2017 година…. И имаат изложувано на многу светски биеналиња, уметнички галерии и музеи низ светот како во Шангај, Москва, Мексико Сити, Берлин, Сан Паоло, Ливерпул, Њујорк, Лондон, Љубљана и др.

 

 

 

 

 

Горе: Ч‘то делат, Растење со музејот, перформанс 2017

Насловната фотографија: Јонас Стал, Нови сојузи 2016-2019

 

 

Разгледување на изложбените простори низ изложбата Гледај, тука сум без простор, од 2021 г., поставена во Галериите 1, 2, 3 и музејската кино сала.

 

Гледај тука сум без простор

 

Изложбата Гледај, тука сум без простор го претставува тематскиот избор на кураторките на МСУ, Мира Гаќина и Јованка Попова, од Уметничката збирка на Дојче Телеком со дела од најрепрезентативните уметници од Југоисточна Европа и е реализирана од 29. септември до 21. ноември, 2021 година. Повеќе за Гледај тука сум без простор

Директорката на Музејот на современата уметност- Скопје, Мира Гаќина, заедно со тим куратори е во работна посета на музејот Кунстхале во Виена, каде со тамошниот стручен тим работат на подготовки за претстојната голема изложба со која ќе се претстави нашиот Музеј во почетокот на следната година во престижниот простор на Кунстхале.

 

Во март 2023 година во срцето на Виена, во Кунстхале (кој е дел од Музеум Квартиер) на 1.000 метри квадратни ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на МСУ. Тоа значи дека во една од најпосетуваните европски метрополи, преку ново читање, ќе биде афирмирана драгоцената збирка на нашиот Музеј.

 

„Во Kunsthalle Виена имаме неколку работни средби на кои разговараме за овој амбициозен проект. Кураторскиот тим на оваа важна институција и неколку меѓународно признаени уметници, претходно веќе беа во МСУ – Скопје, каде почнавме да ја правиме селекцијата, за тоа, кои од значајните дела на нашата колекција ќе бидат изложени следната година во Кунстхале на простор од преку 1000 метри квадратни. Тоа значи дека во една од европските метрополи, преку ново читање, ќе ги афирмираме и нашата драгоцена збирка и градот Скопје“, вели Гаќина.

 

Концептот предвидува 8 меѓународни уметници да направат своја селекција од колекцијата и да ја осмислат поставката со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка настаната преку уметничката солидарност.

Доделена наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13.Меѓународно биенале на млади уметници Жири комисијата во состав: Ива Димовски (историчарка на уметноста), Велимир Жерновски (ликовен уметник) и Јане Чаловски (ликовен уметник), едногласно одлучија наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13.Меѓународно биенале на млади уметници – „Страст за лутање“, во организација на Музејот на современа уметност – Скопје, рамноправно да ја доделат на следните автори: Наташа Неделкова (Македонија), за делото насловено „Ткива на идентитет“, видео, 2020; Дарко Алексовски (Македонија), за делото „“Never Not in Love/Никогаш незаљубен“,просторна и видео инсталација, 2019 и Дритон Селмани (Косово), за скулптурата „But No But (or vice versa) / Ама нема ама (или обратно)“, 2019.

За првпат наградата, која се состои од самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, се доделува на тројца автори и дела, кои жири комисијата ги доживеа за најубедливи достигнувања претставени на биеналето.Истовремено со оваа одлука се потенцира и потребата од поголема изложбена застапеност на младите автори во музеите, поддршка во развојот на нивната уметничка пракса и потенцирање на потребата за уште посуштинско и критичко промислување на темите, кои овие автори во овој момент се подготвени да ги отворат и споделат со публиката.

Земајќи го ова предвид, жирито им честита на сите учесници на годинашната изложба и го потенцира високото ниво на продукција и концепциска релевантност кај изложените дела. Исто така, жирито сака да ја потенцира суштинската поврзаност на концептот „Страст за лутање“ (под кураторство на Артан Садику, Јованка Попова, Благоја Варошанец и Ива Димовски) со ефектниот модел на локациска дисперзија на биеналето со што се анимираат нови можности за презентација на делата и анимација на публиката. Наградените автори ќе имаат можност да остварат самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје во 2022 година, со средства што ќе бидат обезбедени од годишната програма на Министерство за култура на Република Северна Македонија.

За избраните дела жири комисијата ќе каже: Интимната природа во нарацијата и јасниот визуелен јазик на видеото „Ткива на идентитет“ на Наташа Неделкова, претставено во Музејот на Македонија, лесно ја доловуваат субјективноста во исчитувањето на идентитетот во контекст на урбаната трансформација на Скопје. Во ова дело, автентичниот глас на авторката е алатка која го ориентира гледачот во процес на доживување на нашата сопствена присутност, потисната и прекриена во јавниот простор, единствено ослободена во „терапевтска привременост“ на кревката природа на интимноста. Просторната и видео инсталација „Never Not in Love/Никогаш незаљубен“ на Дарко Алексовски претставена во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, е досега најзрело дело на авторот. Архитектурата на просторот во кој е поставена инсталацијата дополнително допринесуваат во доживувањето на изложениот тактилен и аналоген материјал. Метафоричноста во сликата на бранот, кој постојано се навраќа е во дијалог со концептот за споделена интима како чин на ослободување. Убавината на ова дело е токму во апстрахираното време и неговата репетитивност, каде, некогаш доживеаните чувства се судруваат со сегашниот контакт на публиката. Скулптурата „But No But (or vice versa) / Ама нема ама (или обратно)“ на косовскиот уметник Дритон Селмани, ја промислува идејата за деконструирање на социјалните, политички и културни перцепции отелотворени насекаде околу него. Тој ја дефинира скулптурата како реконструкција на личните убедувања во визуелни артефакти засновани врз неговите верувања и сомнежи. Во ова дело импонира едноставниот начин на кој Селмани успева да остане доследен на концептот на материјализација на нематеријалното, кое истовремено е ефемерно и монументално, разбирливо и аптстрактно, лично и општествено, чувство кое сугерира паралелна присутност и отсутност.

Престижната ArtForum Culture Foundation ја збогати колекцијата на МСУ со две нови дела од светски познатите уметници Јана Детмер и Моника фон Ешенбах. Двете дела се креирани во рамките на нивниот заеднички проект во европската ArtForum Culture Foundation и Фондацијата Winter од Хамбург, како дел од нивната посветеност кон родовата еднаквост. 

Моника фон Ешенбах е иновативна фотографка која создава нова димензија во скулптуралната фотографија, сместувајќи го нејзиното творештво во доменот на концептуална фотографија и скулптура. 

 

Музејот на современата уметност – Скопје стана дел од Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност – CIMAM, во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност.

 

„МСУ – Скопје стана дел од фамилијата на CIMAM! Напорната работа, исклучителната посветеност и грижа за колекцијата, излегувањето од нашите граници на меѓународната сцена, богатата програма и „Големото Стакло“, беа препознаени од страна на CIMAM, единствената меѓународна заедница, која ги застапува интересите на професионалците во музеите на модерната и современата уметност и која ги нуди ресурсите и можностите за размена, кои се неопходни за развој на оваа дејност. Ова членство дополнително ја зацврстува позицијата на МСУ помеѓу најреномираните музеи на современа уметност во светот“, вели Мира Гаќина, директорка на МСУ – Скопје.

CIMAM е дел од Меѓународниот совет на музеи – ICOM (ИKОМ), кој е мрежа на повеќе од 35.000 членови – музејски професионалци, кои ја претставуваат глобалната музејска заедница.

 

Основана во 1962 година, визијата на CIMAMе свет во кој се препознава и почитува придонесот на музеите, колекциите и архивите на модерната и современата уметност за културната, социјалната и економската благосостојба на општеството. Целта на ЦИМАМ е да поттикне глобална мрежа на музеи и музејски професионалци од областа на модерната и современата уметност со цел да се подигне свеста и да се одговори на потребите на овие музеи. Со генерирање дебата и охрабрување на соработка помеѓу уметничките институции и поединци во различни фази на развој, ширум светот, CIMAM игра клучна улога во растот на секторот.

 

Членовите на оваа глобална мрежа еднаш годишно одржуваат конференција на која дебатираат за теоретски, етички и практични прашања поврзани со организирање изложби, креирање програми, споделување искуства и посети на најистакнатите уметнички институции на современата уметност во светот. Првата годишна конференција на CIMAM се одржа во 1962 година во Хаг. Оттогаш, Комитетот прослави над 50 конференции, кои се одржаа во 30 различни градови низ светот.

 

CIMAM се залага за воспоставување на професионални кодекси на пракса и етички стандарди за институциите, кои се членки.

„Museum Watch“ е програма на оваа мрежа – алатка која ќе им помогне на професионалците во модерната и современата музејска уметност, како да се справат со критични ситуации, кои влијаат на способноста на музеите и поединците да ги задржат своите професионални кодекси на практики.

CIMAM во рамките на својата програма обезбедува и грантови за патувања што подразбира поддршка на кураторскиот и истражувачки развој на поединци преку нивното присуство на Годишната конференција. Од 2005 година до денес, CIMAM поддржа повеќе од 300 млади кустоси и директори на музеи, кои имаа прилика да присуствуваат на Годишната конференција.

Рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Что делат“ (Што да се прави?) подарија уметничко дело на Музејот на современата уметност – Скопје. Нивното видео „Becoming With the Museum“ ќе биде изложено во рамки на постојаната поставка, која ќе се отвори годинава во МСУ.

Во нивната изјава по овој повод велат:

„Откако се запознавме со Музејот на современата уметност во Скопје, се заљубивме во неговиот простор, врската помеѓу внатрешноста и надворешните глетки, неговата слоевитост и се разбира, неговата единствена колекција. Ја искористивме можноста перформативно да работиме во просторот, откривајќи ги овие инспирации.

Музеите се простори во кои среќаваме различни уметнички дела, собрани и изложени на едно место, кои на гледачот му нудат разноликост на искуства. Музеите се создадени да ги засилат овие искуства. Музејот на современата уметност во Скопје со својата точка на гледање над градот е еден од најдобрите примери за ова, чии елегантни цементни површини ни помагаат да ги почувствуваме и доживееме делата достоинствено, како што им прилега.

Работевме пет денови во овој неверојатен простор со група од 5 млади уметници и создадовме перформанс низ изложбениот простор, кој ја обзнанува врската помеѓу овие уметници и одбраните дела. Сакавме да ги поврземе микро-наративите на делата (кога и како се создадени, кое е нивното значење итн) со микро-наративите на секој од младите уметници, кои беа предизвикани со нивните тела и текст да го објаснат својот однос кон овие дела, создавајќи трансформирано и освежено мапирање на Музејот и историјата на помладата генерација, кои го активираат потенцијалот за трансформирање кој се содржи во него.

 

Со задоволство објавуваме дека Музејот на современата уметност – Скопје е партнерска институција во организација на Проектот „Манифеста 14 Западен Балкан:

Ко-производство на заеднички простор и обликување на формации на солидарност на Западен Балкан и пошироко“, кофинансиран од Европската Унија.

Како дел од програмата на Манифеста – Европското биенале за современа уметност, во текот на наредните две години, Музејот на современа уметност ќе биде организатор на програмска целина составена од дискурзивна и изложбена програма. Дискурзивната програма ќе се фокусира на функцијата на музеите на современа уметност во ерата на „Новата реалност“, која е обликувана од поврзани настани во текот на 2020 и 2021 година, како што се пандемијата, заклучувањата, затворените граници, одговорите на националистичката влада, непријателските еколошки политики, протести и сл.

Меѓународната фондација „Манифеста“, која е иницијатор на номадското биенале за современа уметност и воедно инцијатор на „Манифеста 14 Западен Балкан“ почнаа соработка со Приштина, Косово со цел да го развијат проектот „Манифеста 14 Приштина“, кое ќе се одвива до октомври следната година.

Проектот „Манифеста 14 Западен Балкан“има за цел да го зголеми опсегот/доменот и времетраењето на Европското номадско биенале, преку развој на меѓурегионална платформа за соработка, вклучувајќи огромен спектар на културни и граѓански активности низ регионот. Интегрална цел на проектот е да се отвори Западен Балкан за да се создаде проект што ги преминува границите на изолирани културни инфраструктури и мрежи.

Поврзувајќи ги архитектурата, урбанистичкото планирање, човековите права, уметноста и културата, Проектот Манифеста 14 Западен Балкан предвидува многу разновидни активности во 2021 и 2022 година, почнувајќи од длабоки културни истражувања, експертски разговори и конференции до изложби и настани низ регионот.

Партнерската мрежа на Проектот Манифеста за Западен Балкан промовира политика на грижа помеѓу различните заедници на Западен Балкан и има за цел да стимулира пошироки структури на прекугранична мрежа, каде што може да напредува производството на знаење и локалната експертиза.

Активностите во развојниот процес ќе бидат резултат на тесна соработка помеѓу Меѓународната фондација Манифеста, Холандија и девет партнери од Западен Балкан: Музеј за современа уметност (МСУ) Скопје; Центар за постконфликтно истражување Сараево (PCRC); RRITU (Термокис) Приштина; Квендра Харабел Тирана; APSS Институт Подгорица; NGO Актив Косово; Мејдан Д.О.О. (Хестија) Белград; Косовска фондација за архитектура (KAF); Институт за современа уметност (ICA) Софија; Европски ромски институт за уметност и култура (ERIAC) Берлин.

Проектот Манифеста 14 Западен Балкан е награден со грант од Европската Унија за Креативна Европа Западен Балкан.

Постерот за логото по повод 50 годишнината од зградата на Музејот на современата уметност дизајниран од Аријане Шпаниер и нејзиното берлинско студио, одбран за изложбата 100 најдобри постери во 2021 што ќе биде отворена во јуни во Берлин.

„Музејот на современата уметност – Скопје содржи неверојатна нарација, посилна и поемотивна од која било друга“ вели познатата германска дизајнерка Ариане Шпаниер, која е авторка на новите визуелни решенија за музејот.

На 13ти ноември се одбележуваат 50 години од отворањето на зградата на музејот, кој беше изграден по катастрофалниот земјотрес во 1963-та година и е донација од Владата на Полска во знак на солидарност.

За овој убав повод, Ариане заедно со поддршка на тимот од МСУ креираа свеж, нов визуелен старт за музејот. Ви пренесуваме како нејзината приказна со музејот почна да станува реалност.

 

Ариане Шпаниер: МСУ содржи неверојатна нарација, посилна и поемотивна од која било друга

Познатата германска дизајнерка Ариане Шпаниер е автор на новите визуелни решенија за Музејот на современата уметност – Скопје. На 13-ти ноември, музејот одбележува 50 години од постоењето на објектот, кој беше изграден по катастрофалниот земјотрес во 1963-та година и е донација од Владата на Полска во знак на солидарност.

Благодарејќи на хуманиот гест на многу светски респектибилни уметници, денес музејот располага со богата и разноврсна колекција, меѓу кои, дела од Пабло Пикасо, Александер Калдер, Ханс Хартунг, Пјер Сулаж, Зоран Мушиќ, Андре Масон, Виктор Вазарели, Алберто Бури, Кристо, Дејвид Хокни, Џаспер Џонс, Хенрик Стажевски, Јанис Гаитис и други значајни уметнички имиња во повоената уметност.

Затоа, Музејот на современата уметност – Скопје е веќе 50 години симбол на солидарноста.

Ариане Шпаниер е родена во Вајмар, Германија и е дипломец по визуелна комуникација на Академијата за уметност во Берлин. Клиентите кои влегуваат во нејзиното дизајнерско студио во Берлин доаѓаат од културното милје, како галеристи, уметници, режисери, музичари, издавачи и архитекти. Студиото е фокусирано на дизајн на книги, каталози, постери, како и идентитети, анимации, илустрации и дигитален дизајн. Од 2006 година Ариане е креативен директор на „Фукт“, годишно списание за современ цртеж. Интернационално е многукратно наградувана, а нејзината работа е публикувана во многу списанија и дизајнерски книги. Таа е член и на „Alliance Graphique Internationale“, а од 2018 година е дел од постојаното жири на годишниот натпревар „Kieler Woche“.

Приказната со МСУ стана моја реалност

Кога ќе се спомене МСУ/МoCА – Скопје нејзина прва помисла е историјата на Скопје, катастрофалниот земјотрес, кој го разруши градот, урбанистичкиот план на Кензо Танге и конкурсот на кој се пријавија познати светски архитекти за изградба на новиот објект на Музејот на современата уметност.

 

„Пред да го посетам Скопје, за градот слушав многу од мои пријатели, уметници од Берлин, кои биле инволвирани на некој начин со музејот, слушав и за изградбата на разрушеното Скопје од пријатели, архитекти во Германија. Кога добив шанса одблизу да го запознаам музејот и да дојдам во Скопје, конечно успеав да го составам мозаикот“.

 

За првпат го посетила Скопје и Музејот на Современата уметност во 2006 година. За време на нејзина резиденција во „Прес ту егзит“ проектот на македонските уметници Христина Иваноска и Јане Чаловски, учествувала и на мал цртачки изложбен настан со „ФУКТ“ магазинот.

 

„Кога за првпат влегов во музејот, врнеше дожд и протекуваше од кровот во самиот галериски простор. Подот беше мокар и некако таа меморија ми остана посилно врежана во главата од самата поставка. Неможев да верувам, бидејќи веднаш ја препознав убавината на објектот, неговата монументалност, стратешка локација на врвот од ридот од каде може да се разгледа градот, запознав луѓе кои беа толку гостопримливи и љубезни со мене, а сепак музејот имаше кров кој протекува, простор каде се презентираат врвни уметнички дела. Тоа боли“ вели Ариане.

 

 

Назад во Берлин, во 2008 година, Јане и Христина ја поканиле да дизајнира книга, лого и серија постери за нивниот проект “МоМА на Оскар Хансен“. И преку тој проект за првпат и била доближена историјата на музејот, преку една утопистичка идеја „Што би се случило со Музејот и неговата уметничка програма доколку, архитектот Оскар Хансен, кој учествуваше на полскиот натпревар за нова зграда на музејот, би го добил неговиот невообичаен предлог на музејска зграда, а не полското архитектонско студио „Тигри“, кои ја направија новата зграда на МСУ. Што ако идејата на Оскар за флексибилна архитектонска структура, која може да се отвора и прилагодува во зависност и според потребите на различни поставки беше реализирана?!„

 

„Ете ова беше мојот вовед и запознавање со МСУ од еден многу невообичаен аспект. Потоа ги запознав сегашната директорка на музејот, Мира Гаќина и кустосот Јованка Попова, кои ми дадоа шанса заедно да направиме свеж, нов визуелен старт за музејот и мојата приказна со МСУ почна да станува реалност. Кога читав за катастрофалниот скопски земјотрес од 1963та година, солидарноста на целиот свет да му помогне на градот, донациите на светските уметници, неговиот чудесен облик, кој лебди над градот, големиот илуминативен крст на планината Водно отспротива, и звукот од џамиите, кои се околу музејот, пукнатините во музејот од кои се уште знае да прокиснува дожд… целиот тој микс од емоции поврзан со историјата на вашата земја, па дури и „Скопје 2014“ обид за поставување на нови слоеви архитектурата во градот… сите тие анахронизми ми беа неверојатна инспирација додека го креирав новото видео за музејот и логоата по повод 50 години од постоењето на објектот. Сите тие пукнатини, целиот тој простор кој може да се доразвива и расте, простор кој нуди многу можности, за мене е далеку поголема инспирација за креација, отколку, совршено реновирани бели, а сепак здодевни ѕидови и фасади. Токму тоа беше главниот тригер за мојата инспирација“ објаснува Шпаниер.

Историски гледано МСУ е силен симбол на „ние“ 

„Вашиот музеј содржи неверојатна нарација, посилна и поемотивна од која било друга“ вели Ариане, и продолжува понатаму:

„Визуелниот дизајн е подржувач на она што е внатре, понекогаш новата облека може да направи разлика како некој се чувствува однадвор, но најважно од се е облеката да одговара. Кога мината година повторно го посетив музејот и присуствував на изложбата „Skopje Resurgent“ имав шанса да ги погледнам изложените оригинални договори со светските уметници, кои донираа свои дела на музејот по земјотресот, нивните своерачни потписи, договорите со светските галерии… и навистина беше многу емотивно, а сепак кровот од музејот се уште протекуваше. Сметам дека е редно време вашата држава да се свести за значењето на овој музеј и конечно да превземе нешто во врска со тоа“.

Шпаниер креираше повеќе варијации на логоа и видео, по повод 50 години од постоењето на објектот на музејот.

Логото е скршено, некомплетно и немирно. Буквата М е сеизмички прекршена и може да биде толкувана на различни начини.

„Оваа буква во себе содржи спомени на голема трагедија, на тектонски движења, а сепак со помош на многу светски познати архитекти и уметници е создаден животот на музејот. Од друга страна, гледачот може да се праша себеси: „Дали сакам регуларно М, кое изгледа како кое било друго или ова прекршено, полно со пукнатини и кое никој друг не може да каже дека е негово ја содржи целата автентична убавина во себе?“

Дали сакаме да го оставиме да изгледа како кое било друго М и да заборавиме дека низ неговите пукнатини пробива дожд или да го оставиме вака?

Постои видлива врска со некои анатомски елементи од зградата и буквата М.

И столбовите на зградата исто така се огледуваат во двете вертикални црти на буквата М, но исто и дијагоналите може да ги пронајдете во зградата – нејзините стаклени куполи го осветлуваат подеднакво дијагонално музејското приземје. А гледајќи кон внатрешните скали забележливо е потполно истото нарушување на дијагоналниот пат со хоризонтален кај буквата М (како потпора на скалите со столбот одоздола) за повторно да се преобрази во дијагоналните скалила кои водат кон галеријата на првиот кат.

Постојат и други симболи во самото лого и начинот на кој буквата М е расечена и создава две букви Н и И. На кирилица, доколку се додаде на „НИ“ буквата Е, означува „НИЕ“. Историски гледано МСУ е силен симбол на „ние“, симбол и производ на солидарен напор, нешто што денес е многу важно. Може да биде прочитано и како Н и бројот 1, кој реферира на „Национална институција број 1“.

Логото содржи повеќе значења во себе, но неговата суштина се состои во пораката „што било“, „што е“ и „што може да биде“, една од есенцијалните улоги на современата уметност на едно општество“.

 

Објавено во Точка, 18. 09. 2020