Изложби Тековни Следни Минати
EN AL

ПРВИТЕ: ЖЕНИТЕ МЕЃУ МАЖИТЕ

10/11/2026 - 21/03/2027

 

Што ако го трасираме развојот на современата уметност поаѓајќи од уметничката продукција на жените уметнички, критички земајќи го предвид не само нивното творештво, туку и општествено-политичкиот, социолошкиот и уметничкиот контекст што го предизвикуваат, родовите прашања со кои се соочуваат и уметничките вертикали што ги освојуваат? Дали тоа би создало поинакви не само етички, онтолошки, епистемолошки и филозофски величини, туку и поинакви визии за тоа што значи уметнички свет или свет на уметноста? Каков историски развој, какви релации и форми на уметноста би поттикнал женскиот агол на разгледување на уметничкото минато? И дали појавата на жените уметнички е инцидентна или тие се разгледувани како исклучоци имајќи го предвид општиот нееднаков и дискриминирачки третман кон жените во минатото?

Оваа потреба од преиспитување на традиционалните канони и конкретизирање на историјата на жените уметнички, како и потребата од создавање историја на жените, со намера да го направи видливо нивното присуство во историјата, претставува реевалуирање, критичко преиспитување или надополнување на историјата пишувана исклучиво од белиот машки ракурс и поглед. Жените отсекогаш биле присутни во минатото и активно учествувале во создавањето на општеството во сите негови сфери, но нивните придонеси и нивната улога во развојот на македонската модерна и современа уметност често останувале непрепознаени, незапишани или дури и (само)маргинализирани. Па така, историјата за нив е фрагментарна, нема доволно архивски и документациски податоци, во контекст на генералната негрижа за систематско зачувување на културното минато.

 

Мена Спировска, Глава (Композиција III), 1963, дрворез на хартија, 30.3 х 41.7 см. Графичка збирка на МСУ Скопје

 

Оттаму, генералната идеја на изложбата ПРВИТЕ: ЖЕНИТЕ МЕЃУ МАЖИТЕ, која е дел од серијата кураторски изложби што на просторно-временски дисперзиран начин градат верзија на постојната поставка на МСУ – Скопје, е да се реконфигурираат хегемониските наративи и да се понудат други перспективи за минатите уметнички практики и нивното претставување. Односно, изложбата претендира да прикаже на едно место дел од опусот на неколку жени уметнички и, преку тоа, критички да го преиспита. Станува збор за уметнички родени во првата половина на XX век, кои биле своевиден исклучок во машкиот авторитативен и западноцентричен уметнички светоглед, во кој се движеле на себесвојствен начин, создавајќи им позиција на некој вид натрапнички, живеејќи во пукнатините на историјата. Оттаму, ова истражување е и обид за креирање „историја создадена во пукнатините“ (или во меѓупросторите), каде што жените, малцинствата и колонизираните народи создавале знаење, филозофија и отпор не преку официјалните институции (од кои биле исклучени), туку низ скриените „пукнатини“ на доминантниот патријархален и колонијален систем. Уметничките опфатени со оваа изложба се родени нешто пред и во текот на првата половина на XX век, сè до 1949 година, во политичките граници на современата македонска држава, или се декларирале како Македонки, а се родени надвор од државата, или пак се родени надвор но ја граделе својата кариера во земјава, или пак, биле професорки на некои од најзначајните уметници во земјава. Тие најчесто се школувале во академиите или во средните училишта во регионот или во Скопје и активно учествувале во ликовниот живот непосредно пред и во првите децении по Втората светска војна, а некои од нив и сè до денес.

 

Борка Аврамова, Човек од планината, 1962, теракота, 35 х 22 х 28 см. Збирка на скулптури на МСУ Скопје

 

 

Уметничките во изложбата ПРВИТЕ: ЖЕНИТЕ МЕЃУ МАЖИТЕ ги претставуваат првите генерации уметнички кои активно се вклучиле во професионалниот уметнички живот и во борбата за рамноправност. Овие уметнички повремено се пробивале во машкиот свет и ги надминувале стигмите, истовремено постоејќи и како партнерки на познати уметници, сестри, пријателки или познанички, мајки, а често и како пасивни или индиректни чинителки на локалната уметничка сцена. Уметничките опфатени со изложбата студирале во Софија, Белград, Загреб, а подоцна и во Скопје, и со себе донеле различни модернистички влијанија – од академски реализам до експресионизам, постимпресионизам, апстракција и современи концептуални практики. Нивното творештво опфаќа различни медиуми: сликарство, графика, скулптура, цртеж, таписерија и текстил, керамика, костимографија и инсталација. Но, иако формално жените добиле еднакви права по Втората светска војна, уметничкото поле останало претежно доминирано од мажи. Уметничките поретко добивале самостојни изложби; биле помалку застапени во музејските колекции и историските прегледи; често биле претставувани како „исклучоци“ наместо како рамноправен дел од уметничките движења; морале да ги усогласуваат професионалните амбиции со општествените очекувања поврзани со семејството и грижата за домот. Поради тоа, многу од нивните придонеси долго време останале недоволно истражени. Оттука, овие уметнички не треба да се разбираат само како „жени уметници“, туку како активни учеснички во формирањето на модерната и современата македонска уметност. Нивниот заеднички контекст е обележан со процесите на институционално градење на националната култура и модернизацијата на уметничките практики, но и со постојаното преговарање за видливоста и признавањето на жените во едно поле во кое долго време доминирале мажите.

 

Олга Милиќ, Момент на акција 2, 1976, полиестер, 62 х 46 х 32 см. Збирка на скулптури на МСУ Скопје.

 

ПРВИТЕ. ЖЕНИТЕ МЕЃУ МАЖИТЕ е прва истражувачка изложба од овој вид во институцијата. Покрај делата и документацијата, специјално се истражени и претставени вмрежувањето, формите на организација и политичко делување на жените од првата половина на XX век, како и перспективите и (не)можноста за реконструкција на историјата на жените во македонското минато, преку авторско истражување и текст на историчарката Ивана Хаџиевска, што на некој начин ја претставува и политичката позадина која служи како вид охрабрување и поддршка за појавата на жените уметнички. Исто така, во соработка со архитектот Јован Ивановски, изработен е специјален изложбен дизајн кој, преку некоја ризоматска форма, би требало да ја прикаже силата на женскиот гест, дисперзираната, но пробивна и решителна појава на жените уметнички, начините на соработка, размислување и организација, како и важноста од испишувањето на нивното присуство.

Уметнички: Олга Бенсон, Марица Антонова Попстефаниева, Зора Петровиќ, Марија Малахова, Катја Ефтимова, Кераца Висулчева, Лена Стефанова, Љубица Сокиќ, Василка Христова, Нада Корда Сима, Вида Јоциќ, Марија Данова, Борка Аврамова, Загорка Зага Малинковска, Мена Спировска – Менче, Рада Петрова Малкиќ, Љубица Накова Донска, Јелена Патрногиќ, Љубица Андреевска – Љупка, Персида Перчуклиевска, Лилјана Ѓузелова, Лепа Хаџи Димова, Илинка Глигорова Суза, Искра Грабул, Мира Апостолска, Ружица Јосифовска, Драгица Јанева, Мирослава Спировска Мира, Јелена Ристеска, Елена Дончева Танчева, Ана Темкова, Зорица Тодорова Младеновиќ, Анета Светиева, Македонка Андонова, Лиљана Блажевска, Евгенија Демниевска, Даница Марковска, Нада Накова, Виолета Чауле Гранка, Марија Туша – Иљовска, Олга Милиќ, Тонкица Митровска, Сунчица Божиновска, Лидија Саздовска.

 

Кураторка: Ивана Васева

Соработници: Благоја Варошанец, Ива Димовски, Владимир Јанчевски
Конзерватор: Љупчо Иљовски
Изложбен дизајн: Јован Ивановски во соработка со Ивана Васева
Дизајн-соработничка: Илиана Петрушевска
Историски контекст: Ивана Хаџиевска
Техничка изведба на изложбен дизајн: студентки од III година студиска програма сликарство и трансмедиумски практики по предметите Применети сликарски техники и практики и Сликарство и трансмедиумски истражувања на Факултетот за ликовни уметности – Скопје (Емилија Атанасовска, Даниела Дамјаноска, Ивана Денчевска, Михаела Димитровска, Бојана Ѓоршевска, Јована Кирјаковска, Ива Лабоска, Анастасија Недељковска, Бојана Николова, Ана Ристеска, Ема Талеска, Јована Трајкова)

Изложбата е составена од дела од колекцијата на МСУ – Скопје, како и од позајмени дела во соработка со други институции во земјава и приватни лица.

Насловна илустрација: Анета Светиева, Кај убавицата и ѕверот (детаљ), 1993, теракота, композиција од три фигури, променливи димензии. Збирка на скулптури, МСУ Скопје

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

ЛАЗЕ ТРИПКОВ: Имерзивна трансформација на глаголицата

21/08/2026 – 05/09/2026

ПРЕКИН ВО ТЕК

29/07/2026 - 20/08/2026

ИЗГРАДЕНА СРЕДИНА: Алтернативен водич низ Јапонија!

16/07/2026 - 17/09/2026

ТАПЕТИ

02/06/2026 - 30/07/2026