Настани МСУ – Скопје фестивал на перформансот
EN

МСУ – Скопје фестивал на перформансот

03-06 октомври, 2024

Главен програм: (Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија

куриран од Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров

4-6 октомври

и партнерски програм

3 октомври

Како дел од проектот Долгорочни културни партнерства на Западниот БалканЕвропски дијалог

(Култура.ЕУБалкан)

 

МСУ – Скопје фестивал на перформансот е настан кој има за цел да се организира на годишно ниво, овозможувајќи експериментирање и споделување на уметничката пракса на резидентите и уметниците од регионот, ЕУ и меѓународните сцени. Преку партнерства со културни институции, како и организации, здруженија, школи, универзитети и истражувачки центри, фестивалот ќе се вклучи во пошироки соработки со можност за проширување на други јавни и отворени простори.

МСУ – Скопје фестивал на перформансот во 2024 година е составен од две програми.

Главната програма е тридневен настан насловен (Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија куриран од Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров, кој се состои од проекции, предавања и перформанси.

Додатна програма е програмата на партнерите, која произлегува од резиденциите, педагошките и истражувачките активности во партнерство со фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија) и нејзината резиденцијална програма Вила 31 во Тирана, како и соработка со алумни од Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC) и уметници соработници на Иницијативата за усна историја во Приштина (OHI).

Општата идеја зад фестивалот е да се измислат различни начини на делување, кои ќе се занимаваат со пренесување на уметничкото наследство во проширениот контекст на историјата на модерноста, и засилување на рецепцијата на идеите и гестовите во релација со постојано еволуирачките чинови и форми кои се во потрага по еманципација.

Овој фестивал на перформансот е второто поглавје од европската програма Култура.ЕУБалкан (2022-2024) чија цел е да се поттикне размена на уметници, истражувачи и културни чинители помеѓу Западниот Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и нивните истражувања. Претставата на NAM Choreolab е претставена во соработка со ППФестивал на Локомотива и проектот Движење на неврзаните, поддржан од Креативна Европа/ Програма за европска соработка со Западен Балкан и Министерство за култура на Република Северна Македонија.

Краток осврт од кураторите Биљана Тануровска-Ќулавковски и Славчо Димитров за главната програма: (Пост)Југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија

Историите и политиките на меморијата поврзани со наследствата на Југословенскиот социјализам се постојан и немирен извор на дебати и спорови. Борбите околу колективната меморија на симптоматичен начин ја разоткриваат истрајноста на афективниот полнеж поврзан со југословенските наследства. Овие борби се протегаат од националистичките историски ревизионизми диктирани од провинциските државотворни процеси во пост-југословенскиот простор кои фантазматски ја ресетираат темпоралноста како да почнува од нулта-точка, додека се диктирани од силите на локалниот и интернационалниот капитал, сѐ до фетишизмот на замрзнатата слика и погледот наназад кон идеализираното минато кои говорат за сегашната разочараност и неможност за замислување различни политички иднини, вгнездени во носталгична деисторизација.

Некаде помеѓу овие процеси можеме да ги пронајдеме повеќебројните и нијансирани практики и политики на сеќавање кои ги препознаваат раните и грешките на историјата, исто толку колку и „сѐ уште не проговорениот, неослободениот елемент“ (Блох) на утописката потенцијалност на минатите југословенски материјали, практики и копнежи. 

Нашата перформативна фестивалска програма (Пост)Југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија критички ги ангажира токму  овие пукнатини, отвори, контрадикции, амбиваленции, потенцијали и мемории поврзани со многубројните наследства на југословенските политички, уметнички и културни практики и истории. Истата презентира уметници и истражувачки чиишто практики одново ги собираат, референцираат, деконструираат или прекршуваат дејствата или перспективите кои толкуваат историски или политички позиции, настани или релации во (пост) Југословенскиот контекст.

Нашиот фокус на перформативните уметности произлегува не само од нашата заложба заразбирање и занимавање со проблематиките на политичкото и културата како повторливи, отелотворени и афективни пракси кои ги создаваат колективните субјективитети и заеднички светови, вредности и ориентации, начини на живот и споделени диспозиции, или пак како перформативно сценирање на антагонизам, спор и дисензус. Многу повеќе, и поконкретно, би сакале да ги допреме различните идеолошки ориентации и апаратуси, како и клучните политички и колективни означувачи и вложувања во вредностите на југословенските наследства, како самите да се историски одиграни и отелотворени низ мноштво уметнички перформанси, културни перформанси, материјално-дискурзивни апаратуси, и менливи социјални кореографии. Поточно, реферираме на праксите и афективните котви поврзани со солидарноста, антифашизмот, братството и единството, титоизмот, неврзаните деколонијални политики, женските и феминистичките перспективи, колективизмот, утописките и еманципаторски идеали, наднационалниот југословенски идентитет, (родовата) рамноправност, новиот социјалистички човек и работниот народ, самоуправувањето, супкултурните практики на отпор итн.

Нашата кураторска перспектива не е историска или генеалошка; таа создава простор каде што дијалогот помеѓу дискурзивните точки и уметничките пракси е изведен низ одредени дилеми, прашања, набљудувања, идеологии, архиви или перспективи поврзани со оние на југословенските наследства.

Како најпарадигматични примери на југословенските наследства можеме да ги посочиме масовните социјални кореографии на слетовите, кои имаат и перформативни и педагошки функции кои се преклопуваат и се зајакнуваат едни со други. Илјадниците тела кои ја прикажуваат, визуелизираат и впишуваат нацијата, државните симболи, југословенската историја, комунистичката партија и Водачот (неговиот потпис, неговото име или други симболи асоцијативно поврзани со неговото име)со сопствените изведувачки тела, истовремено произведуваат регулирани и дисциплинирани тела.

Треба да се земат предвид и различните кореографии на работното тело и трудот, отелотворени во работните бригади и составите на колективните тела кои со заеднички напори (одново) ја градат земјата, како и непослушните и отпорни тела на студентските протести во 1968 или алтернативните културни практики од 80-тите, најзначајно, панк-културните формации и нивните уметнички гранки. Градејќи нови инфраструктури, платформи, сензибилитет, теории, списанија, фанзини и естетика, панкот воведе свет во светот, токму преку својата политичка несоодветност, односно преку спојување, реконфигурирање, прераспределување и играње со и внатре во постојниот хоризонт на сетилното, од една страна, и изведувањето политика на нејзиното, наводно, несоодветно место, односно, масовната култура, културата и уметноста.

Во овој пакет на историски перформативи, од посебен интерес за нас се богатите, контекстуално и историски специфични и разновидни концептуални и перформативни уметнички практики во поранешна Југославија на поединечни уметници и самоорганизираните и колективни структури на производство и организација на уметноста. Не може да се занемари важноста на уметничките групи како што се Зенит, Горгона, Медиала, OHO, Bosch+Bosch, KÔD, Групата на шест уметници, како и претставите и програмите презентирани и произведени во инфраструктурата на различните студентски и младински културни центри во Љубљана, Белград, Загреб, Скопје, и други.

Уште поважно, нашите заеднички напори да го поддржиме, курираме и унапредиме создавањето на перформативните практики се втемелени и во уверувањето дека погледот назад кон минатото и контрадикторните наследства на Југославија – особено оние поврзани со рефлексијата и критиката на капитализмот, солидарноста, утопијата, еманципацијата, колективизмот, родовата еднаквост, борбата против класната експлоатација и нееднаквост, наднационалниот идентитет – можат да ни помогнат да го критикуваме затворот на (не само минатото, туку и) сегашноста и да изведуваме желби и визии за иднината со неодредена и отворена потенцијалност надвор од разорната логика на светот на капиталистичкиот реализам, национализам, сексизам, хомофобија и колонијализам. Надвор од епистемолошката, културната и политичката авто-колонизација која нè сметаше сите за политички новороденчиња, би сакале да ги истражиме потенцијалите на „веќе-не-свесното“ како методологија на критичка херменевтика и репаративно читање што ја мобилизира перформативната сила на незавршеното минато, му служи на утопиското „сè уште не-овде“, и ја одразува афективната динамика и нужноста од надеж (како што тврдат Блох и Муњоз). Во духот на Марк Фишер, би сакале да ги разбудиме сеништата на изгубените иднини, духовите на потфрлените ветувања и незавршените утопии како антиципирачки илуминации на други можни светови.

Конечно, изборот и презентацијата на современи перформативни уметнички практики се одредени од нашата верба во „утописката перформативна“ сила (Долан) на овие перформанси коишто поставуваат различни простори и темпоралности, правејќи ги афективно насетени, додека критички мобилизираат дел од наследствата на југословенските еманципаторски идеали или го одресираат постјугословенскиот турбо-фашизам (Папиќ).

 

ПРОГРАМА
PDF

3 октомври 2024 (четврток)/ партнерска програма

18:30
Презентација на партнерите од иницијативата Култура.ЕУБалкан и дискусија: Јета Реџа, директор на Иницијативата за орална историја – OHI, Приштина; Жозефин Дофин, одговорна за резиденцијалните програми на „Арт Експлора“, Париз/Тирана; Камил Кингуе, раководителка за меѓународни прашања и кариерен развој на Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC), Париз. Модераторка: Ивана Васева, кураторка во МСУ – Скопје;

20:00
Хакерски водич кон шумата: музејско издание, перформанс од Колектив Tree.0 (Елизабет Баном, Кетрин Маршал, Мартијн ван Елферен), алумни на Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC);

21:00
Проекција на три видео-уметнички дела: Транс’нистрија (11’ 50’’) и Абхазија отпосле (13’ 44’’) од Ванѓуш Велаху, Трнарче (4’ 25’’) и Како се раѓаат ѕвездите? (4’ 03’’) од Олсон Ламај и Кучките за нивниот дин (50’) од Ана Еренштајн, гости на Вила 31, резиденцијална програма во Тирана која ја води фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија).

 

04-06.10.2024 година/ главна програма

(Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија

Куриран настан

Куратори: Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров

 

4ти октомври, 2024 (петок)

 

18:30 – 19:15
Христина Иваноска/ Документ што недостасува: За методологијата (текст, глас, и тело) (2014-) /перформанс, 40 мин.


19:30-20:30
Јована Караулиќ/ Изведување на државата: Културолошки перформанси на југославизмот/ предавање 


20:45  
Марта Попивода, во соработка со Ана Вујановиќ/ ПОВРШИНИ КОИ ЗНАЧАТ: Денот на младоста 1988 (2022)/ видео инсталација, 20 мин.,  повторување

Марта Попивода/ ЈУГОСЛАВИЈА, КАКО ИДЕОЛОГИЈАТА ГО ПРИДВИЖУВАШЕ НАШЕТО КОЛЕКТИВНО ТЕЛО (2013)/ Србија, Франција, Германија, филм, 62 мин.

 

5ти октомври, 2024, (сабота)  

 

19:00 – 20:00
Клелија Живковиќ/ Кој те научи да се чувствуваш добро? (2024)/ перформанс, 20 мин.

Милица Ракиќ и Владимир Бјеличиќ/ Истражна постапка: Досието на една Југословенка (2024)/ перформанс, 15-20 мин.

Оља Грубиќ/ ИКЕБАНА (2018)/ перформанс, 25 мин.

20:30 – 21:30
Дражен Драгојевиќ/ Како што се партизаните со не / перформативно предавање

 

6ти октомври, 2024 (недела) 

 

18:00 – 19:00 
Јасмина Заложник/ Заземање простор. Нови пракси на перформативната уметност во Југославија/ предавање 

19:30 
НАМ КореоЛаб: Соња Преград, Ана Дубљевиќ, Викторија Илиоска, Дражен Драгојевиќ/ КАКО ШТО СЕ РИМУВА СО НЕ Не не се повторува. Но се римува. (2024) / перформанс

МИНАТИ НАСТАНИ

МСУ ЛЕТНО КИНО – Урбани пејзажи од ‘60-ите на филм

Четврток, 18/07/2024, 21:00

МСУ летно кино - 20 дена во Мариупол

Четврток, 27/06/2024, 21:00

Јасмина Цибиц: презентација

Петок, 28/06/2024, 20:00

МСУ Летно Кино - Меѓу присуство и отсуство

Четвртoк, 13/06/2024, 21:00