07/12/ 2022
По повод самостојната изложба „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на косовскиот уметник Дритон Селмани во МСУ Скопје ќе се одржи презентација и разговор на авторот со кураторот Владимир Јанчевски.
Ќе стане збор за специфичниот процес на конципирање, селекцијата на дела и поставувањето на изложбата, како и темите, кои се во фокусот на уметничката работа на Селмани.
На изложбата во МСУ-Скопје се презентирани избор на дела, во различни медиуми, кои се обидуваат да воспостават нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието, коешто обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури.
Настанот е дел од програмата на презентации и разговори со младите уметници, наградени за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници во МСУ – Скопје, како и од едукативната програма на Музејот, наменето за студенти од факултетите за уметност и историја на уметност, млади уметници, а отворено е и за пошироката публика.
Дритон Селмани (Урошевац, Косово / 1987) во моментов работи и живее во Приштина и Догановиќ. Магистерските студии ги завршува на Универзитетот за уметност во Бурнемут, Велика Британија. Селмани пристапува кон идејата за перципирана реалност со деконструирање на формации на социјалните, политичките и културните теми што биле отелотворени околу него. Додека бил млад, му велеле да обожува земја која повеќе не постои, што го натерало да заземе еден основен став на скептицизам кон секоја наводно дадена реалност. Подоцна, го користи ова како корисна алатка за реконструкција на неговите верувања во визуелни артефакти. Во 1999 година, старите симулакри се заменуваат со нови; украсите на претходниот простор се обновени и се расплетуваат со нови значења, но и нови неизвесности. Селмани се конфронтира себеси како спектатор на овој „тековен настан“ и се позиционира како актер, изведувајќи ги своите перформанси засновани врз неговите лични истории, верувања и сомнежи. Изложувал на самостојни и групни изложби (во Стационарниот центар за современа уметност Приштина, Музејот „Лудвиг“ во Будимпешта, „Кунстраум Нидеростерајх“ Виена, „Каса Контемпоранеа“ Сао Паоло, Медитеранско Биенале 16 Анкона, У10 Белград, 5-то Биенале во Маракеш, Фестивалот на светлината во Амстердам, „Фабрика дел Вапоре“ Милано, Биеналето во Брегенц, „Ексчиесета“ Полињано-а-Маре, Национална уметничка галерија Тирана, Центар за современа уметност Солун, Еугстер || Белград, Фестивалот на светлината во Норкепинг, Кунстмузеум Базел, како и на 14. Манифеста во Приштина, 2022).
На овој настан ќе биде промовирана и публикацијата за изложбата.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија и ќе биде отворена до 25 февруари 2023 година.
МСУ ЛЕТНО КИНО – Урбани пејзажи од ‘60-ите на филм
Четврток, 18/07/2024, 21:00
МСУ летно кино - 20 дена во Мариупол
Четврток, 27/06/2024, 21:00
Јасмина Цибиц: презентација
Петок, 28/06/2024, 20:00
МСУ Летно Кино - Меѓу присуство и отсуство
Четвртoк, 13/06/2024, 21:00