Зголемената меѓународна активност, која МСУ интезивно ја развива веќе подолго време со изложбени проекти, гостувања во рамките на дискурзивните програми, интер-музејското и професионално вмрежување, како и присуството на музејските проекти во најугледните светски списанија, како Артфорум, Фриз, е-флукс и др., отвори простор за поголема видливост на МСУ и поттик за нови прилози во неговата меѓународна збирка, создадена врз принципот на солидарност. Па така, по донациите на рускиот колектив „Ч’то делат“, холандскиот уметник Јонас Стал и германските уметници Јана Детмер и Моника фон Ешенбах, музејот неодамна се здоби и со десет нови подароци, цртежи и колажи од светски реномираните полски уметници Артур Жмијевски и Павел Алтамер, дела настанати како резултат на нивниот концепт „отворено студио“; колаборативен процес на креирање колажи во „живо“ реализиран во една од галериите на музејот во период од 01 до 15 јули 2022 година.
Во две недели на заедничката работа, уметниците создадоа повеќе колажи на картон користејќи акрилни бои и визуелен материјал позајмен од стари историски книги, географски атласи, мапи, постери, фотографии школски табели, анатомски илустрации и сл. Посетителите беа повикани да понесат сопствени материјали и на тој начин да учествуваат во создавањето на делата. Резултат од резиденцијата се колажи со густи слоеви на ескпресивна и надреална сликовност. Од колажите отсуствува директниот политички ангажман или социјалната критика, карактеристични за индивидуалните творештва на двајцата уметници, а наместо тоа, делата ја претставуваат спонтаноста и импровизацијата во сликарската креативност на двајцата пријатели. Нивното пријателство датира уште од студентските денови во студиото на Грегорш Ковалски на Ликовната академија во Варшава. До сега, тие имаат реализирано бројни заеднички проекти, резиденции и работилници низ светот.
Џанфранко Барукело, италијанскиот сликар, скулптор, перформер, писател, политичар и фармер, кој по земјотресот на Скопје и на МСУ му го подари своето дело „Потребна доблест“ (1963, комбинирана техника на платно, 190х200см.), почина на 98 години во Рим на 10 јануари 2023 година. Неговото идиосинкратично творештво, кое во многу нешта му претходи на пост-модернизмот и релационата естетика, не припаѓа на ниту еден од естетските канони или на современите главни струења, развивајќи го својот интердисциплинарен пристап во комплексни бележења на процепот меѓу вербалниот и визуелниот јазик. Пријателство со Марсел Дишан, кој го сметал за негов вистински наследник, како и неговата соработка и творечка и идејна блискост со Итало Калвино, Умберто Еко, Ж. Ф. Лиотар и Нани Белестрини, учеството во бурните политички настани во 1960-те години заедно со филозофите Гатари, Ален Жуфре и Лебел , па сѐ до неговата селска еко-фарма во 1970-те години во близината на Рим, ја сочинуваат богатата и возбудлива биографија на единствениот Џанфранко Барукело. Повеќе детали за животниот и творечки пат на Барукело, посетете ја страницата: fondazionebaruchello.com
Џанфранко Барукело, Потребна доблест, 1963, комбинирана техника, 190х200см. МСУ збирка на сликарство, инв.бр. 01864
МСУ – Скопје го доби престижното „Специјално признание за креативност“, како кандидат од Република Северна Македонија во рамките на доделувањето на наградата „Жива“ за најдобар словенски музеј, што ја доделува Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“ со седиште во Љубљана, Р. Словенија.
За наградата „Жива“ годинава се кандидираа рекореден број музеи, дури 34 од 10 словенски земји.
За Музејот на современата уметност – Скопје, жири-комисијата во образложението за доделување на признанието истакна:
„Во последниве години овој водечки музеј и прв во областа посветен на модерната и современата уметност стана влијателна институција, која негува креативност и соработка во интеркултурниот дијалог и дома и во странство. Новиот поттик што Музејот го дава на широката дисеминација на уметничките колекции и на важноста на современото уметничко изразување, демонстрира напредок и натпреварувачки дух со интензивно инвестирање во трансформацијата на неговиот просторен капацитет и презентација на колекциите и општествено одговорните проекти. Музејот порасна врз темелите на солидарноста, обележана со регионалните и меѓународните донации на важни уметнички дела кои ги поттикнаа почетоците на формирањето на Музејот во шеесеттите години. МСУ успеа да создаде културна платформа за уметничка современа продукција – национална и меѓународна, промоција и истражување на сегашноста и идентитети кои служат за обележување на промените во времето.″
Наградата „Жива“ се доделува за промоција на заштитувањето, зачувувањето, едукацијата и информирањето за музејските збирки и за природните и културните споменици, нивната разновидност, содржина и социјална улога, нагласувајќи ги нивните креативни и прогресивни пристапи, отвореност и пристапност до јавноста, нивното влијание врз општеството и нивниот придонес кон развојот на музеолошките принципи и идеи.
Доделувањето на наградите, кое се реализираше по осми пат, од 16 до 19 ноември 2022 година го организираа „Форумот на словенските култури“, Министерството за култура на Република Словенија и Посавскиот музеј од Брежице.
Фондацијата „Форум на словенските култури“ е меѓународна организација основана во 2004 година на иницијатива од Република Словенија. Целите на организацијата се зближување и стимулирање на културната соработка меѓу словенските држави, како и заедничка афирмација на нивната култура во светот. Република Северна Македонија, како една од земјите основачи на Форумот на словенските култури (ФСК), преку Министерството за култура, од самиот почеток активно се вклучи речиси во сите иницијативи и активности на оваа еминентна организација чија цел е зачувување на културните традиции на словенските народи и нивно промовирање како трајни и универзални вредности во глобални рамки.
Во името на МСУ, признанието го прими националниот претставник на земјава во „Форумот на словенски култури“, Гордан Николов.
Едукативната програма во рамките на МСУ – Скопје го проширува образовниот дискурс со серија предавања и работилници под наслов „МСУ Школо“ под менторство на уметникот Никола Узуновски.
Програмата почнува на 22 ноември, 2022 со почеток во 19.30 часот во МСУ и ќе се одвива до 20 декември, 2022 секој вторник и четврток во истото време.
Предавањата се бесплатни.
Сите заинтересирани може да се пријават до 21 ноември 2022 на ел.адреса: info@msu.mk, со име и презиме, професија и најава дали ќе го следат целиот курс или поединечни предавања.
Програмата има за цел да ja изостри генералната наобразба, познавање и интерес за визуелната, особено за современата визуелна уметност.
Програмата на „МСУ Школо“ е насочена, пред се, кон студентите на Факултетот за ликовна уметност, студентите по Историја на уметност и археологија, Архитектонскиот факултет, понатаму за студентите кои ги изучуваат дизајнот, модата…, но и кон сите оние кои пројавуваат интерес кон современата и имаат афинитети да добијат поизострена слика за уметноста.
Во серијата предавања ќе се посвети внимание на главните прашања кои ја дефинираат уметноста денес, како таа се користи преку експлицитни примери, главните теми кои се во фокусот на современата уметност, системот на продукција и нејзината интеракција со јавноста.
За повеќе детали за програмата посетете ја нашата вебстрана: msu.mk/school-programs
Згурата од Топилница во Велес се уште еден од најсериозните проблеми за животната средина
МСУ – Скопје започна со реализaција на проектот „Пејзаж на вознемиреност“ (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени).
Дел од тимот на МСУ заедно со локалните активисти беа во посета на Велес и тоа на Езеро Младост, Топилницата и во Градскиот Парк, а потоа одржаа и работилница, каде ги сумираа впечатоците.
Депонијата со згура (отпад при топење руда) на Топилница во Велес се уште е еден од најсериозните проблеми за животната средина, не само во Велес, туку и во целата држава и регионот. За важноста на решавањето на прашањето со Црниот рид апелираат со години локалната велешка организација „Вила Зора“ но се уште прашањето останува нерешено. Црниот рид, во кој се проценува дека има над 1,8 милиони тони отпад, сѐ уште стои, и зафаќа простор од 33.000 кубни метри и проценето е дека има околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.
Тимот на МСУ, заедно со локални активисти се уверија за сериозноста од последиците на Топилницата Велес, кои не се решени со нејзиното затворање. Тихомир Топузовски (раководител на проектот) Ивана Васева (кураторка) Кирил Арсовски (биолог и еколог) Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска (ОПА, уметнички колектив) Ивана Мирчевска (уметницa) Дарко Алексовски (уметник), Зорица Зафировска (уметница) како и членови на Еколошко друштво од Велес „Вила Зора“, разговараа за можни соработки, користење на уметнички пристапи и методлогии преку кои ќе се влијае до засегнатите институции за итно решавање со овој ургентен проблем.
Оваа активност е дел од проектот „Пејзаж на вознемиреност“ (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени) кој се однесува на климатските состојби и еколошки предизвици, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлотација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.
Основната цел на проектот е да создаде услови за квалитетна размена на знаења, соработки, едукација и уметничка продукција, преку која уметниците, истражувачите, еколозите, активистите и граѓаните во Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени. Проектот е целосно финансиран од ФООМ (Фондацијата Отворено општество – Македонија).
Во претстојниот период, проектот продолжува со серии работилници во Скопје, Битола и Преспа.
Библиотеката на МСУ-Скопје е збогатена за уште еден значаен домашен наслов, а тоа е публикацијата насловена „ЗБОРУВА АКТО! 2006-2020“ / AKTO SPEAKING! 2006-2020, на македонски и англиски јазик, посветена на фестивалот АКТО, кој ја афирмира независната култура.
Промоцијата се одржа во Музејот на современа уметност на 29 октомври 2022 година, а промотори беа Елизабета Шелева, Биљана Тануровска – Ќулавковски и Владимир Јанчевски.
Публикацијата „ЗБОРУВА АКТО! 2006-2020“ која ја објави Факултет за работи што не се учат – ФРУ, од уредниците Филип Јовановски и Ивана Васева е замислена како еден вид архива во форма на книга. И покрај нејзиниот обем, на 700 страници и огромен визуелен материјал, таа не претендира да биде конечната архива или заокружен поглед за АКТО. Оваа публикација е визуелен, личен и политички есеј за тоа што е АКТО, како и за условите во кои е создаван АКТО, како документ што постојано треба да потсетува на значењето на архивирањето.
Директорката на МСУ-Скопје, Мира Гаќина заедно со Јованка Попова и Благоја Варошанец, куратори од музејот, учествува на годишната конференција организирана од Меѓународната мрежа на Музеи и колекции за современа уметност CIMAM, која оваа година се одржува на Палма де Мајорка, Шпанија. На свеченото отворање говор за важноста на музеите и нивното влијание врз промените во општеството одржа и кралот на Шпанија, Филип VI.
На една од најрепрезентативните онлајн платформи за современа уметност e-flux излезе објава за претстојната голема изложба во МСУ – Скопје „Сè што ни е заедничко“ / “Sa so si amenge jekhethane”.
Изложбата се организира во рамки на 14. Европско номадско биенале за современа уметност – Манифеста и ќе биде отворена во Музејот на современата уметност – Скопје на 8 ноември.
Куратори на изложбата се Мустафа Асан, Мо Диенер, Мира Гаќина и Јованка Попова.
Музејот на современата уметност – Скопје e партнерскa институција со Manifesta Biennial
Веста објавена на: e-flux.com/announcements/
Насловна илустрација: Дилејн Ле Бас, Универзална декларација за човековите права, 2013, комбинирана техника, боја, молив, рачно украсување на платно, 285х150см
Фотокредит: Alexander Christie, со дозвола на уметницата и Yamamoto Keiko Rochaix Gallery
Холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал (Jonas Staal) и рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Ч‘то делат“ (Што да се прави?) подарија уметнички дела на Музејот на современата уметност – Скопје, така што, уметничката колекција на музејот е збогатена со уште неколку значајни дела од реномирани светски уметници.
Уметникот Јонас Стал ја подари својата инсталација „Нови Сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која е дел од изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ курирана од Мира Гаќина и Јованка Попова.
Рускиот колектив „Ч‘то делат“ го подарија нивното видео „Becoming With the Museum“ за идната постојана поставка на МСУ. Ова видео беше продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамки на „Крик фестивалот“, кој во 2017 година се одржа во МСУ.
„Светски познатите уметници се свесни за значењето на нашиот музеј, затоа и донираат свои дела. Музејот на современата уметност – Скопје е симбол на солидарноста на некогашно солидарно Скопје. По катастрофалниот земјотрес 1963 година, се разбуди светската солидарност, не само во материјална помош за срушеното Скопје, туку и за подигнување на духот на настраданите. Многу светски реномирани уметници донираа свои дела во тоа време. Така почна и да се создава уметничката колекција на музејот. Денес, МСУ располага со богата уметничка колекција… од Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џоунс, до Вазарели и многу други. Тој тренд интензивираше последниов период.“ вели директорката на МСУ – Скопје, Мира Гаќина.
Инсталацијата „Нови сојузи“ од Стаал е уметничка и политичка кампања, чија појдовна точка е тековната политичка, економска, хуманитарна и еколошка криза во Европа со цел да ги здружи претставниците на трансдемократските движења и организации за да предложи сценарија за некои нови идни сојузи. Воопшто, делата на Стаал се однесуваат на врската помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата и се изложувани во Музејот Stedelijk во Амстердам, M_HKA во Антверпен, Музејот модерна во Стокхолм и Уметничкиот центар Nam June Paik во Сеул, како и 7 Берлинско биенале, 31 биенале во Сао Паоло и 12 биенале во Тајпеј.
Подареното видео од рускиот колектив го документира процесот во кој „Что Делат“ работат со група млади уметници и создаваат перформанс, кој го прикажува односот на учесниците со избраните уметнички дела од колекцијата на МСУ. Делото го поврзува макронаративот на различните уметнички дела (кога и како се создаваат, нивното општествено значење) со микронаративот на секој изведувач, кој преку своето тело и лирски текст го објаснува односот со избраното делото. Делото е освежувачко мапирање на музејот и историјата на младата генерација што го активира трансформативниот потенцијал на музејот. Колективот „Что делат“ (Што да се прави?) има за цел да ги спои политичката теорија, уметноста и активизмот. „Что делат“ се залагаат за еднаквост на сите луѓе, борејќи се против различните форми на патријахатот, хомофобијата и родовата нееднаквост. Своите идеи ги пренесуваат преку: филм, театарски претстави, радио програми, мурали, јавни кампањи и семинари.
Рускиот колектив има соработувано со Документа 12 во Касел во 2007 година, 11-то издание на Биеналето Гвангжу во 2016 година, Програма за практика на Гараж Музејот во Москва во 2017 година…. И имаат изложувано на многу светски биеналиња, уметнички галерии и музеи низ светот како во Шангај, Москва, Мексико Сити, Берлин, Сан Паоло, Ливерпул, Њујорк, Лондон, Љубљана и др.
Горе: Ч‘то делат, Растење со музејот, перформанс 2017
Насловната фотографија: Јонас Стал, Нови сојузи 2016-2019
Разгледување на изложбените простори низ изложбата Гледај, тука сум без простор, од 2021 г., поставена во Галериите 1, 2, 3 и музејската кино сала.
Изложбата Гледај, тука сум без простор го претставува тематскиот избор на кураторките на МСУ, Мира Гаќина и Јованка Попова, од Уметничката збирка на Дојче Телеком со дела од најрепрезентативните уметници од Југоисточна Европа и е реализирана од 29. септември до 21. ноември, 2021 година. Повеќе за Гледај тука сум без простор