Образовните програми кои повремено ги организира Одделот за едукација на МСУ имаат за цел да го прошират увидот, познавањето и интересот за визуелната современа уметност. Програмите се различно дизајнирани во зависност од тоа дали се наменети за најраната детска возраст, учениците во основниот, среден или студентски образовен процес, или за општата публика.
Ново: МСУ ШКОЛО Есен 2023
Едукативната програма во рамките на МСУ – Скопје го проширува образовниот дискурс со серија предавања и работилници под наслов „МСУ Школо“ под менторство на уметникот Никола Узуновски. Програмата почнува на 3ти октомври и , со почеток во 20 часот во МСУ. Предавањата ќе се организираат два пати неделно, секој вторники и четврток (освен 24ти и 26ти октомври)
Предавањата се бесплатни, но препорачано е континурано следење на наставата и претходна пријава на учесниците. Сите заинтересирани може да се пријават до 2ри октомври на е-маил адресата: info@msu.mk, со име и презиме, професија и најава дали ќе го следат целиот курс или поединечни предавања.
Програмата има за цел да ja изостри генерална наобразба, познавање и интерес за визуелната, особено за современата визуелна уметност. Програмата на „МСУ Школо“ е насочена, пред се, кон студентите на Факултетот за ликовна уметност, студентите по Историја на уметност и археологија, Архитектонскиот факултет, понатаму за студентите кои го изучуваат дизајнот, модата…, но и кон сите оние кои пројавуваат интерес кон современата и имаат афинитети да добијат поизострена слика за уметноста.
Во серијата предавања ќе се посвети внимание на главните прашања кои ја дефинираат уметноста денес, како таа се користи преку експлицитни примери, главните теми кои се во фокусот на современата уметност, системот на продукција и нејзината интеракција со јавноста.
Тематски предавања според датуми:
03/10/ 2023 / 20 ч. / „Презентација на МСУ Школо“ – Воведно предавање за концептот и се што ќе опфати програматана МСУ Школо;
05/10/ 2023 / 20 ч. / „Дефиниција на уметноста“ – На првото предавање, фокусот ќе биде ставен на развојот на визуелната уметност низ вековите и како таа се надоградувала. Ќе се објасни и разгранувањето со занаетот, применети уметности како дизајнот, архитектурата и маркетингот;
10/10/ 2023 / 20 ч. / „Прелет низ времето“ – За да може подобро да се сфати современата уметност, потребно е генерално предзнаење и за историјата на уметност, но тоа да биде претставено низ призма на современата уметност. На пример: какво влијание имало делото на Микеланџело врз публиката во тоа времето кога било создадено;
12/10/ 2023 / 20 ч. / „Уметноста во 20тиот век“ – Подобро запознавање со уметноста од последниот век, преку повеќе примери и правци. Во минатиот век има големи промени во уметноста, чие влијание е се уште присутно и денес. (Марсел Дишан, Анди Ворхол, Џозеф Кошут, Џеф Кунс, Брус Науман, Џени Холцер);
17/10/ 2023 / 20 ч. / „Преминот меѓу 20тиот и 21виот век“ – Главните уметници и промени во период во 90тите и почетокот на 2000та година. (Демиан Хирст, Метју Барни, Феликс Гонзалес Торес, Трејси Емин);
19/10/ 2023 / 20 ч. / „Уметноста во 21от век“ – Вовед во главните промени во уметноста 21виот век, претставување на главните теми, куратори и селекција на 20тина од најзначајните уметници од овој период. (Олафур Елиасон, Риркрит Тираваниџа, Аи Веи Веи, Маурицио Кателан, Таниа Бругеира);
31/10/ 2023 / 20 ч. / „Уметноста денес“ – Претставување на најактуелните уметници и дела произведени во последниве 5 години кои ги отсликуваат актуелните прашања на општеството денес. (Тино Сегал, Хито Штејерл, Форензик Архитеклур, Томас Сарасено, Хива К.);
02/11/ 2023 / 20 ч. / „Современата уметност на Балканот“ – Преглед на селекција од најзначајните уметници од територијата на Балканот присутни на интернационалната сцена. (Марина Аврамовиќ, Младен Стилиновиќ, Н.С.К., Немања Цвијановиќ, Дан Перјовши, Даниел Кнор, Адриан Паци, Селман Селма);
07/11/ 2023 / 20 ч. / „Уметноста во Македонија“ – Претставување на некои од најзначајните уметници од Македонија активни на локална или интернационална сцена. (О.П.А., Игор Тошевски, Нада Прља, Јане Чаловски и Христина Ивановска, Велимир Жерновски);
09/11/ 2023 / 20 ч. / „Системите на продукција на уметност во 21виот век“ – Претставување на системите на продукција на култура; Формалниот институционален и неформалниот систем; Најважните институции, изложби, куратори, школи (Венециско Биенале, Документа, Манифеста, Берлинско биенале, Тејт Модерн, Гугенхајм, Фондација Прада. Независна сцена).
Рецентни програми:
17. 06. 2023 – Образовна програма за ДКЦ Карпош и Детскиот фестивал на креативноста „Трамболини“. Под водство на кустосот Бојана Јанева и во присуство на директорката на Детскиот културен центар Билјана Лалчевска се одржа обука за основните поими во уметноста насловена „Временски патници“ со фокус на изложбата „Дефрагментација“. Едукатор: Бојана Јанева;
18. 05. 2023 – Инклузивни креативни простори на шпанскиот проект ИНАРТдис во Македонија, која вклучува ликовна работилница инспирирана од тековната изложбата 14. Биенале на млади уметници;
10. 05. 2023 – Ликовна и образовна работилница за ученици од ОУРЦ ,,Др. Златан Сремец”, ,,Иднина” и СУГГС ,,Здравко Цветковски” од Скопје со завршна изложба на 15. 05. 2023 во МСУ. Координатори од МСУ: Бојана Јанева и Јулија Манојловска
22. 11 – 20. 12, 2022 – „МСУ ШКОЛО“: Едукативен курс за студентите на Факултетот за ликовна уметност, студентите по Историја на уметност и археологија, Архитектонскиот факултет, понатаму за студентите кои ги изучуваат дизајнот, модата…, но и сите оние кои пројавуваат интерес кон современата и имаат афинитети да добијат поизострена слика за уметноста. Серија предавања посветена на главните прашања кои ја дефинираат уметноста низ историјата до денес, основните теми кои се во фокусот на современата уметност, системот на продукција и нејзината интеракција со јавноста. Темите се занимаваат со дефиниција на уметноста, развојот на визуелната уметност низ вековите и како таа се надоградувала до денес, кои се дистинкциите помеѓу она што е уметност, а што занает, применетата уметност и дизајнот, архитектурата и маркетингот. За да се разбере современата уметност, неопходно е генерално предзнаење и за историјата на уметност. Преглед на модерната уметност во 20-от век преку конкретни примери и правци, земајќи предвид дека во минатиот век имало големи промени во уметноста, чие влијание се уште и денес е присутно, степенувајќи ја важноста на уметноста која ја создавале Марсел Дишан, Енди Ворхол, Џозеф Кошут и Џеф Кунс. Фокус врз тектонските промени во уметноста во 21 век, преку селекција на најзначајните уметници на денешницата Олафур Елиасон, Риркрит Тираваниџа, Аи Веи Веи и Маурицио Кателан, Тино Сегал, Хито Штејерл, Форензик Архитекчур, Томас Сарасено, Таниа Бругеира, Хива К. и други. Програмата ја опфаќа и современата уметност на Балканот преку примерите на придонесот на Марина Аврамовиќ, Младен Стилиновиќ, Н.С.К., Немања Цвијановиќ, Дан Перјовши, Даниел Кнор, Адриан Паци, Селман Селма и други. Во фокусот на предавањата е и уметноста во Македонија, како и претставување на некои од најзначајните уметници, кои се активни, не само на локалната, туку и на интернационалната сцена, како колективот О.П.А., уметниците Игор Тошевски, Нада Прља, Јане Чаловски, Христина Ивановска, Велимир Жерновски. Куратор и едукатор: Никола Узуновски;
27. 09. – 01. 10. 2022 – „УШТЕ ЕДЕН ДОСАДЕН ВОРКШОП“: Работилница со членовите на уметничката група ОПА (Опсесивно посесивна агресија), Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски, со фокус на дел од современите уметнички практики. Во текот на работилницата, реализирана преку „досадни“ дискусии, презентации и практична колаборативна работа, беа опфатени процес–ориентираните и практиките базирани на специфични (општествени) контексти; методи и стратегии за конципирање и развивање дела кои се надвор од традиционалните медиуми и практики, а се базирани на партиципативност, колаборативни пракси и/или тактички медиуми (дела кои комуникацијата со публиката ја остваруваат во јавниот простор или јавната сфера). Работилница наменета за студенти и/или „млади“ луѓе (над 18 годишна возраст) со интерес за современата уметност и современите уметнички практики.
ОПА (Опсесивно посесивна агресија) е соработка основана во 2001 г., меѓу визуелните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Пристапот на ОПА е контекст-специфичен, вклучувајќи псевдо-документарци, тактички медиуми, стратегии на оверидентификација, субверзивна афирмација, итн. ОПА има остварено голем број на самостојни изложби и уметнички престои во повеќе европски градови, САД и Македонија, и има учествувано на бројни групни изложби и фестивали, меѓу кои и: „Трансмедиале“ (Берлин), „Трансеуропа – Европски театарски и перформанс фестивал“ (Хилдесхајм), „Freewaves – Биенале на нови медиуми“ (Лос Анџелес), „Биенале на современи уметности“ (Москва), „Арс Електроника“ (Линц), итн. ОПА е соосновач и активен член на Иницијативата Кооперација (2012-2015). [www.o-p-a.org]
15. 06. 2022 – Ликовна и образовна работилница за деца од Детскиот фестивал на креативност – Трамболини со фокус на изложбата „Скокни“ на Ахмет Огут. Едукатор: Бојана Јанева