Изложби Тековни Следни Минати
EN

13. Биенале на млади уметници /ˈwɒndəlʌst/страст за лутање

19/05/ 2021 - 13/09/ 2021

/ˈwɒndəlʌst/ значи да се патува бесцелно од место до место. Кога ќе се тргнеме настрана целта на патувањето, било заради туризам или работа, останува чиста форма на движење, како основна функција на целиот живот и енергија. Под притисокот на живеењето како фиксни субјекти на капитализмот принудени сме да произведеме вредност што може да се потроши. Да се троши енергијата бесцелно е да се живее во непочитување на овој системски погон, да не се следи кодот на логиката на капиталот. Така, желбата за лутање е реткост, таа е скудна во сегашната ситуација.


Креативното уметничко дело во својата природа не може да ја прифати ваквата ограниченост. Затоа што она што го цениме како уметност секогаш е чин што означува пауза, прекин и пукнатина во она што е веќе дадено во нашиот адаптиран сетилен систем. Во потрага сме по уметноста што не го репродуцира значењето на сегашноста. Ја сакаме уметноста којашто го навестува она што во сегашната состојба на знаење е неотповикливо. Сакаме да ја поттикнеме желба за талкање низ простори внатре и надвор, за конкретно да ги прошириме просторите за лутање, простори што се (о)слобод(е)ни од доминантниот код со кој се фиксира и се имобилизира поединецот и колективот. Овие нови простори што се достапни без никаква цел, претставуваат отвори со потенцијал за новина во, и за, уметноста. Токму во тој краток спој меѓу новината и новиот простор којшто таа истовремено го пронаоѓа, /ˈwɒndəlʌst/ станува политичко движење. Веќе една година живееме во состојба на домашност, на истост, на повторувања во чекање. За да се спротивставиме на оваа состојба, нашиот проект ја бара „болеста за другото“ како лек што може да се најде преку бесцелно лутање. Да се биде болен за другост е страшна потреба да се биде надвор од домот, како низ идеи, така и физички.

 

Цел на Биеналето е да го насочи вниманието на стручната и пошироката јавност кон делата на новите имиња на локалната и интернационална уметничка сцена, да ги поддржи и поттикне креативните иницијативи на уметниците и кураторите од новата генерација, и да создава услови за нивно јавно изразување и развој на современата уметничка сцена. Биеналето на млади, освен изложбена, содржи едукативна и дискурзивна програма, со кои низ низа активности ќе ги препознае младите автори, ќе им овозможи да стекнат соодветно знаење, ќе ги инволвира во процес кој ќе ја профилира нивната работа и ќе им помогне во нивното натамошно ангажирање и претставување пред јавноста. На еден од младите уметници, кои ќе изложуваат на Биеналето, селектиран од тричлено жири, ќе му се овозможи продукција и организација на самостојна изложба во МСУ во следната 2022 година.

 

Оваа година, биеналето се прошири вон архитектурата на МСУ, вклучувајќи институционална соработка со Музејот на Македонија, Природонаучниот Музеј и зградата на Управата за хидрометеоролошки работи, степенувајќи ја важноста на овие простори, како примери за модернистичко архитектонско наследство на градот Скопје и на потенцијалот на тоа наследство, кој е насочен кон иднината и непознатото и кој повикува на талкање кон други простори и времиња. Така, на19 мај, се случи отворање на изложбената поставка во Музејот на современата уметност – Скопје. На 20 мај, публиката беше поканета да ги погледне делата на млади уметници, кои се изложени во Музејот на Македонија, додека на 21 мај се случи отворање во Природонаучниот музеј. Изложбената поставка во зградата на Управата за хидрометеоролошки работи беше отворена за посетители на 22 мај.

 

Селеккцијата вклучува уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција… меѓу нив, уметници, со стекнато образование на уметнички универзитети во Англија, Холандија, Германија, Словенија, Франција и Италија: Дарко Алексовски, Стефан Анчевски, Мартин Волман, Сали Ертунч, Филип Ивановски Пепе, Методи Исков, Jован Јосифовски, Соња Јо, Ана Јовановска, Ресул Кабоглу, Никола Кекеровиќ, Ана Лазаревска, Николо Масини, Јулија Манојлоска, Ивана Мирчевска, Ана Марковска, Наташа Неделковa, Доротеј Нешовски, Мила Паниќ, Кристина Пулејкова, Никола Радосављевиќ, Дритон Селмани, Душан Стефановски, Бојан Стојкиќ, Милица Лазаревиќ Спировски, Ивана Самандова, Ана Трајковска, Адриен Ујхази, Елена Чемерска, Миа Чук и Зоран Шекеров.

 

 

Награди: 13. Биенале на млади уметници

 

Доделена наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13.Меѓународно биенале на млади уметници Жири комисијата во состав: Ива Димовски (историчарка на уметноста), Велимир Жерновски (ликовен уметник) и Јане Чаловски (ликовен уметник), едногласно одлучија наградата „Најуспешен автор и дело“ на 13.Меѓународно биенале на млади уметници – „Страст за лутање“, во организација на Музејот на современа уметност – Скопје, рамноправно да ја доделат на следните автори: Наташа Неделкова (Македонија), за делото насловено „Ткива на идентитет“, видео, 2020; Дарко Алексовски (Македонија), за делото „“Never Not in Love/Никогаш незаљубен“,просторна и видео инсталација, 2019 и Дритон Селмани (Косово), за скулптурата „But No But (or vice versa) / Ама нема ама (или обратно)“, 2019. За првпат наградата, која се состои од самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје, се доделува на тројца автори и дела, кои жири комисијата ги доживеа за најубедливи достигнувања претставени на биеналето.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Иднината како проект: Доксијадис во Скопје

21/09/ 2023 - 23/04 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023