Изложби Тековни Следни Минати
EN

Јован Шумковски: Вода | Ѕид

17/12/ 2020 - 09/05/ 2021

 

Ретроспективната изложба на Јован Шумковски, насловена Вода | Ѕид го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија што речиси четири децениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и погледот на светот и времето што го живееме.

 

Сликар по вокација, Шумковски својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик кој опфаќа различни медиуми, како што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата и др. Постојано подготвен да експериментира со најразлични продуцирани и најдени предмети, материјали и техники (дрвени отпадоци, пигменти, песок, метал, делови од отфрлен мебел, епоксидни смоли, полиестер, бетон, секојдневни предмети, фотографии и др.), ликовниот дискурс на Шумковски е во процес на континуиран и извонредно конзистентен развој. Како што често самиот сака да каже, тој никогаш не започнува со реализација на некое дело или проект доколку во него не може да види никулец и перспектива за неколку идни проекти.

 

Изложбата Вода | Ѕид, поставена во две галерии на Музејот на современата уметност ја опфаќа токму таа развојна нишка во креирањето на идеите и темите во творештвото на оваа маркантна личност во современата уметност во Македонија. Осмислена од самиот Шумковски, концепцијата на поставката, меѓутоа, не е претставена како линеарна хронологија на тој развој, туку е повеќе еден вид  наративна монтажа на повеќе, привидно хетерогени и комплексни тематски планови, но поврзани истовремено по инхерентната лoгика на меѓусебните релации на формите или содржините.  

 

Првата галерија ги спојува, од една страна, раните дела од средината на 1980-те години, во кои Шумковски ги напушта модернистичките принципи на придржување на спецификите и автономноста на ликовните медиуми со серија извонредно инвентивни асемблажи и објекти од дрвени отпадоци и мебел, приближувајќи се до скулптурата и архитектуралноста, и од друга страна, поновиот циклус бриколажни инсталации, објекти, макети и видеа („Р = 1:2/Р=1:200“ настанати во период меѓу 2004. и 2017.) во кои критички гo преиспитува просторот како социјална сфера и утописките аспирации на модерната архитектура.

 

Инсталацијата како уметничка форма што ги соединува и опросторува различните ликовни медиуми е еден од најзначајните придонеси на творештвото на Шумковски во поновата македонска уметност и тоа особено се однесува на монументалните и импресивни амбиентални проекти како споменатиот „Р = 1:2/ Р= 1:200“ (2004), “Над површината“ (1997), и “Ноќни визии“ (2000. Како единствени и неповторливи настани, некои од овие инсталации ќе бидат претставени само делумно со видео и фотографии, но пред сѐ и како дел од современите постапки на т.н. re-enactment, што значи не како повторување или реставрирање, туку како пресоздавање со користење на материјалите од оригиналните инсталации, односно нивна ре-инвенција во овој поинаков контекст. Ова пресоздавање на своите постари инсталации, тој го реализира преку кумулација на објектите употребени во нивното тогашно создавање (дрвени отпадоци, архитектонски макети, полиестерски и епоксидни плочи и др.), ставајќи го на тој начин акцентот на конкретните физички, но и на симболичните својства на акумулацијата како процес на создавање, креација и истовремено нејзиното ентрописко, хаотично и анархично разлагање.

 

Со воведувањето на сјајните, истовремено рефлексни и транспарентни синтетички материјали – лиени плочи од епоксидна или полиестерска смола – во делото на Шумковски од средината на 1990-те години се повеќе се појавуваат затемнети простори со мултиплицирани светлосни рефлексии, огледални одрази и ехо на дисторзирани, разлеани, некаде нестварни, некаде вознемирувачки слики и претстави што наликуваат на некаков дистопичен, пост-историски амбиент (серијата инсталации и дела “Над површината“ од 1997. и “Ноќни визии“ од 2000.). Во наративниот поттекст на овие дела – што се поставени во втората галерија на МСУ – и уште повеќе и подиректно во продукцијата од 2000-те до денес, Шумковски ги отсликува губењето на вредностите и контрадикциите на светот во глобалната, пост-идеолошка ера што се создава по падот на железната завеса, суровите војни во Југославија и посебно траумите на вечно транзициската состојба на македонското општество („Платно што никој не го слика“, „Дрес што никој не го носи“, 2010 и „Икони на кои никој не се моли“, 2015). Бритката иронија и црн хумор во „Три антиципации“ (2006), архитектонски макети за зданија за идни големи интернационални манифестации во Скопје, како и сатиричната макета и видео за македонската вселенска програма на месечината во „Четвртата антиципација“ (2008), доволно јасно говорат за критичката острица со која Шумковски ги конфронтира утописките очекувања за подобра иднина со безнадежната травестија на политичката реалност. Насловот на изложбата е превземен од едно од делата на уметникот како метафоричен сублимат на темите и содржините присутни во творештвото на Јован Шумковски.

 

Јован Шумковски (Скопје, 1962) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1986. и магистрирал на истиот факултет во 1989 година. Досега зад себе има над дваесет самостојни изложби во Македонија и во светот (Белград, Сараево, Софија, Љубљана, Стокхолм, Париз, Њујорк, Александрија и други). Во 1995 претставник е на Македонија на познатото биенале во Сао Паоло во Бразил, а во 2001 на Биеналето во Венеција. Учествува на многубројни групни изложби и значајни интернационални проекти. Редовен професор е на ФЛУ од 2002 година.

Куратор на проектот: Зоран Петровски

Концепција на поставката: Јован Шумковски

Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ

Од серијата Мали објекти, 1986, дрво, метал, боја / Small Object, 1986, wood, metal wire, paint

Четврта антиципација (Македонска вселенска програма), 2008, видео, 5:13 / Fourth Anticipation (Macedonian Space Program), 2008, video, 5'13"

R = 1:2, R = 1:200, изглед од инсталацијата во Музејот на современата уметност Скопје, 2004, дрвени модели, 500м2 / R = 1:2, R = 1:200, View from the installation at the Museum of Contemporary Art Skopje, 2004, wood models and parts on 500sq.m.

Платно што никој не го слика, 2010, бетонирано платно, метална рамка, неонска светилка, фотографија, 130х100 Canvas That Nobody Paints, 2010, concrete canvas, metal frame, light, photography

Три антиципации: Скопје Арт Експо, 2006, архитектонски модел и видео / Three Anticipations: Skopje Art Expo 2016", 2006, architectural model and video

Неважечки таблички, 2001, бетон, автомобилски таблички, метална рамка, фотографија / Non Valid Car Plates, 2011, concrete, car plates, metal, photography

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023