Изложби Тековни Следни Минати
EN

Сета љубов (All the Love)

15/12/ 2020 - 21/03/ 2021

 

„Една од целите на MСУ Скопје е активно да соработува и изложува автори кои денес можат да се видат во сите водечки уметнички центри низ светот и кои се предводници на актуелната уметничка сцена по прашања кои отвораат ангажирани тематики. Темата на која се фокусиравме е особено важна затоа што е  поврзана со денешните состојби на несигурност и истовремено бара начини преку различни уметнички медиуми да нè воведе во доживувањето на различното, односно нè насочува кон идејата дека светот може да се доживее од аголот на разновидноста, од перспективата на другиот. Дискурсот за љубовта, почнувајќи од авангардната и радикална политика од минатиот век, е во центарот на политичките и социјалните промени поттикнати од женските права, правата на ЛГБТ заедницата, различните начини на борби на граѓанското општество. Оттука изложбата се фокусира на  дела кои ја манифестираат нејзината способност да се пробие низ најсилните спротивставувања и радикалните поделби“, вели кураторскиот тим.

 

Изложбата „Сета љубов“ ги анализира состојбите на единство и солидарност во локалниот и глобалниот капиталистички контекст. Целта на изложбата е низ анализа на конкретни уметнички практики, да ги истражи етиката, естетиката и политиката на љубов како радикализам.

 

Поаѓајќи од идејата дека капитализмот неизбежно наметнува потреба од фокусирање на себството (идентитетот), изложбата ги покренува прашањата за можностите на свет создаден и доживеан од перспектива на разликите, а не од перспектива на идентитетот. Од друга страна, додека љубовта  се определува преку двојството, политиката се манифестира преку колективното. Следејќи ја дефиницијата според која политиката е колективна, единствениот начин да се воспостави значајна врска меѓу политиката и љубовта е да се размисли за тоа како заедничкиот поредок ќе ја преиспита љубовта и ќе овозможи таа да се создава на нови начини што капитализмот ги оневозможува.

 

Оттука, изложбата покренува прашања во врска со можните изводливи и позитивни алтернативи на дејствување од доменот на заедничкото, на теренот помеѓу политичкото и приватното, со нови видови организации, структури и заедници.

 

Во рамки на изложбата со свои дела, уметнички инсталации, видеа, ќе се претстават 11 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како Тејт, Бобур, Гугенхајм, Мома Њујорк…

Ќе бидат претставени дела од Кети Чукров (Русија), Хедер Дјуи Хагборг (САД), Коко Фуско (Куба), Карлос Мота (Колумбија), Ширин Нешат (Иран), Агњешка Полска (Полска), Рена Редл и Владан Јеремиќ (Србија), Нора Турато (Хрватска) како и македонските уметници Велимир Жерновски и Никола Узуновски.

 

Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова.

Дизајн на постер: Илијана Петрушевска

 

Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Eurolink осигурување. Голема благодарност до Музеј на Македонската борба.

Ширин Нешат | Shirin Neshat Занес | Fervor | 2000 Видео | Video

Карлос Мота| Carlos Motta Ние кои се чувствуваме поинаку | We Who Feel Differently | 2012 Мултимедијална инсталација | Мulti-media installation

Никола Узуновски | Nikola Uzunovski, Сакај ја иднината | Love the Future | 2020 Инсталација | Installation

Коко Фуско | Coco Fusco, Жената крај прозорецот | The Woman by the Window | 2020, Видео | Video

Велимир Жерновски | Velimir Zernovski Ненасловено „Трепкај, трепкај“ | Distilled “Twinkle, Twinkle” | 2014, Инсталација | Installation

Кети Чухров | Keti Chukhrov Причест | (Communion) | 2016, Видео | Video

Рена Редл и Владан Јеремиќ | Rena Rädle and Vladan Jeremić, Кревко присуство / простор за акција |Fragile Presence / Action Space | 2020, Инсталација | Installation

Агњешка Полска | Agnieszka Polska Што виде Сонцето | What the Sun has Seen | 2017 Видео | Video

Нора Турато | Nora Turato Постер | Poster | 2020

Хедер Дјуи - Хагборг | Heather Dewey - Hagborg Болни од љубов: Трансфекција | Lovesick: The Transfection | 2019 Инсталација | Installation

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023