Изложби Тековни Следни Минати
EN

Пркосни слики

16/09/ 2021 - 27/09/ 2021

 

Проектот „Пркосни слики: Џон Хартфилд и сатиричната фотомонтажа“, претставува резултат од повеќегодишен истражувачки процес на Владимир Јанчевски, кој се однесува на  антифашистичката фотомонтажа и визуелната култура во периодот помеѓу двете светски војни.

Почетокот на 20 век го одбележаа редица драматични настани и пресвртни моменти во политичка и технолошка, но и во уметничка смисла, правејќи ја очигледна нивната неизбежна меѓузависност. За разлика од предмодерниот период, кога уметноста најчесто е во служба на владејачките елити, модерниот концепт за уметникот отвори простор за индивидуално изразување надвор од контролата на метанаративот на моќта.

Овој проект, поврзувајќи ги старите искуства на пионерите на медиумот со фокус на случајот на Џон Хартфилд има за цел да ја разгледува и анализира новонастанатата ситуација, на политичките судири и сликовните конфликти, осврнувајќи се на улогата на визуелната сфера во современата епоха и начините на кои новите медиуми влијаат врз форматирањето на комуникацијата и формирањето на свеста.

Земајќи ја сериозно предвид најновата теориска мисла на полето на визуелните студии и науката за сликата, овој проект, преку изложбата и дискурзивно-едикативната програма, има за цел да актуелизира некои од дебатите за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура. Намерата е да се укаже на специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, како и начините преку кои тие можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера.

 

На изложбата ќе можат да се видат авторски дела на Џон Хартфилд и негови современици како Жозеп Ренау, Мануел Монлеон, Борис Клинч како и дела на повеќе анонимни автори (оригинални плакати, списанија, публикации од периодот 1921-1945, каде се гледа развојот на техниката и формирањето на препознатливата иконографија, како и литература поврзана со темата (издадени 1945-2020),  од личната колекција на кураторот.

Сите елементите се организирани во неколку целини, меѓусебно поврзани во изложбениот простор, на ѕидови, на постаменти и витрини. Меѓу останатите дела ќе биде изложена и легендарната фото-книга „Deutschland, Deutschland über alles” на Курт Тухолски од 1929 година, со корица и фотомонтажи на Џон Хартфилд, како и континуираната проекција на 40-минутниот документарен филм „Хартфилд: Таткото на фотомонтажата“ од ирскиот режисер Џо Ли (Heartfield: The Father of Photomontage , dir. Joe Lee, 1991).

Целта на овој проект е запознавање на пошироката публика со делото на Џон Хартфилд и контекстот во кој се појавува новиот медиум на фотомонтажата, неговата употреба во јасно и прецизно дефиниран политички ангажман.

Исто така, се очекува проектот да актуелизира некои од дебатите за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура, за да се укаже на специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, а особено со отворената едукативно-дискурзивна програма и текстовите во публикацијата, да укаже на начините преку кои креативните процеси на сликотворење можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера и заштита на заедничкото јавно добро.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Иднината како проект: Доксијадис во Скопје

21/09/ 2023 - 23/04 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023