Изложби Тековни Следни Минати
EN

Македонија на 16. Биенале на Архитектура во Венеција

15/05/ 2018 - 25/11/ 2018

 

 

 

 

ПАВИЛЈОН НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НА 16. ИНТЕРНАЦИОНАЛНА ИЗЛОЖБА НА АРХИТЕКТУРАТА – БИЕНАЛЕ ВО ВЕНЕЦИЈА

 

Ослободување-на-просторот ја проширува основната тема на Биеналето насловено “Слободен простор“ (Freespace), но ја задржува во својот фокус етичката вредност на просторноста. Концептот на слободата се препознава како суштински елемент во дискурсот на архитектурата која воспоставува врска помеѓу субјектот-единка, природата на сингуларниот објект и просторната целовитост на градот како носител на општествената структура. Конечно, насловот на овој проект вклучува уште едно значење: покрај она на „ослободувањето“ (freeing) како тактика и чин на делување, претставката freeing- како придавка опишува и дефинира „простор кој ослободува“, укажувајќи на иманентниот потенцијал на просторот да создава чувство на слобода.

Во нашиот фокус се бројните просторни трансформации на градот Скопје. Последниот во низата – вообличен во екстензивниот градежен зафат насловен како Скопје 2014 (СК2014), бележи широк публицитет а екстремните контроверзи поврзани со него стануваат предмет на истражувања и критики во речиси сите општествени сфери, надминувајќи ги локалните граници. Сепак, неговиот основен и краен ефект е материјален и просторен, и тој се манифестира во хомогенизација и бришење на вредноста на партикуларното, но и комплетно нарушување на балансот на јавниот и приватниот, односно изградениот и неизградениот простор напаѓајќи ја самата социјална суштина на централниот дел на градот. 

Рамката на делување на проектот Freeingspace предвидува фрагментарно преиспитување на клучни аспекти на СК2014, спротивно на неговата сеопфатна тенденција за солидификација на просторот. Притоа, поставката ја користи архитектурата како медиум кој ретроактивно ја регенерира целината на градскиот колектив.

Преку прецизен избор на неколку клучни сегменти од просторното „наследство“ на СК2014 и деконструкција на нивната појмовна матрица, истите на концептуално ниво просторно се ре-проектираат со прецизни архитектонски замисли. Само така, користејќи ја архитектурата како алатка која ја обликува „кореографијата на секојдневното живеење“, градот во материјална и симболичка смисла јасно може да ги дефинира сопствените вредносни особини на современост, а идејата за исклучивост и просторна сегрегација вткаени во СК2014, неговата претенциозност и несмасност да се де-тотализира до крај.

Поставката третира четири различни проекти изработени од посебни тимови архитекти во ко-авторство со кураторите на проектот. Сите проекти-фрагменти развиваат свои автентични концептуални категории и проективни практики на делување, следејќи го концептот на „архитектонски конкурс“ како начин за пласирање и разменување идеи во архитектурата. Единствената задача што ги поврзува овие четири различни „архитектонски конкурсни проекти“ е развивањето на директен однос кон јавниот – споделен простор и неговата вредност и значење при обликувањето на градот.

Ослободување на просторот, македонското претставување на 16. Архитектонско биенале во Венеција е во организација на Музејот на современата уметност Скопје и е поддржано од Министерството за култура на Република Македонија.

Куратори: Слободан Велевски, Мано Велевска

Автори/учесници: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Ѓуза, Алесандро Де Лука, Гордан Витевски, Мила Димитровска, Владо Данаилов, Александра Шулевска, Слободан Велевски, Марија Мано Велевска.

Комесар: Зоран Петровски

Спонзори: Град Скопје, Општина Центар, Тиквеш

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023

БИСТА – Биенале на студентите по архитектура 2023

20/09/ 2023 - 28/09/ 2023