Изложби Тековни Следни Минати
EN

Лазо Плавевски: На тенок мраз

16/04/ 2022 - 25/05/ 2022

 

Изложбата го прикажува творештвото на Лазо Плавевски настанато во последните седум години. Станува збор за карикатури коишто тој од 2015 година континуирано ги објавува на веб порталот Окно, а за чија реализација беше поттикнат од кризната состојба во којашто се најде нашата земја, како резултат на недемократските практики на владеење од страна на владејачките структури (незаконско прислушување, Скопје 2014, изборни манипулации, партизација во сите сфери на општественото живеење). Во овој период објавени се над 500 карикатури (од првите четири карикатури објавени во март 2015, па се до последната серија од 16 карикатури На тенок мраз! објавена во јануари 2022), во коишто е претставена м(р)ачната состојба во „македонскиот Темен Вилает“, но и м(р)ачната состојба во којашто се наоѓаме како резултат на суспендирањето на позитивните придобивки и утопистички претпоставки на модерната.

Карикатурите се објавувани во серии и се осмислени како одредени тематски целини: Во нив тој ги коментира и сецира политичките и општествените случувања во земјава, покривајќи широк спектар теми, од скандалот со прислушувањето, популизмот, моќта, капиталот, идентитетот, револуционерниот елан, пандемијата, до серија „случки“ поврзани со одредени животни ситуации и парадокси.

Изложбата, на којашто се презентирани околу 200 оригинални и дигитални принтови на карикатури, е извонредна прилика, не само да се согледа творечкиот ангажман на Лазо Плавевски во областа на карикатурата, во којашто тој зазема истакнато и значајно место, туку и да се поттикне и обнови интересот за овој уметнички медиум, којшто во последниве децении е речиси доведен до работ на сопственото исчезнување.

 

Куратор на поставката е Љиљана Неделковска.

 

Лазо Плавевски (Скопје, 1954) e карикатурист, историчар на уметноста, куратор, ликовен критичар. До 2021 година работи како кустос/ кустос советник во Музејот на град Скопје. Како куратор има организирано голем број самостојни и групни изложби, а како карикатурист реализирал неколку самостојни проекти и учество на повеќе групни изложби. Од 1995 до 2009 е редовен соработник и член на редакцијата на списанието за визуелни уметности „Големото стакло“, издание на Музејот на современата уметност- Скопје.

Карикатури објавува од 1970 година во повеќе списанија во земјава и странство. Во 1976 година ја добива наградата GRAND PRIX на Светската галерија на карикатури во Скопје.

Во 1995 година ја објавува „Нема книга / карикатури 1990 – 1993“, а во 2001 година, заедно со Мирослав Грчев, книгата „Картички“. Во форма на каталог/книга во 2009 година публикуван е проектот „Неупотребливи белешки“, а во 2016 година на порталот Окно е објавена неговата електронска книга „Речитатив за Tемниот Вилает“.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Современи екосистеми: истражување помеѓу уметност и екологија во Северна Македонија

08/10/ 2022 - 26/10/ 2022

Јана Јакимовска: Ретро-телесни ретроспективи

23/09/ 2022 - 05/10/ 2022

Пркосни слики

16/09/ 2022 - 27/09/ 2022

Симон Узуновски: Пат за Волкодери - Ретроспектива

13/09/ 2022 - 25/10/ 2022