Изложби Тековни Следни Минати
EN AL
Изложби Тековни Следни Минати

ИЗГУБЕНИ НИЗ ПРОЦЕПИТЕ: Обри Вилијамс и колекцијата на МСУ – Скопје

5/11/2026 – 21/03/2027

Отворање – 5/11/2026 во 19.30 часот

Перформанс на Лео Робинсон во 20.00 часот

Уникатната колекција на Музејот на современата уметност во Скопје има потенцијал за истражувања и реоткривања. Се уште се изненадуваме на можностите во колекцијата кои се поттикнати од истражувачите. Затоа, една од водечките тенденции е отвореност кон преобликуањето на наративот, со постојано охрабрување на истражувања на нови релации и препрочитување.

Апстрактните слики на Обри Вилијамс (1926–1990) ги евоцираат елементалните сили на земјата, огнот и катаклизмите. Додека пионерското творештво на овој уметник добива сè поголемо признание во Британија каде што тој живеел и работел (покрај Гвајана, Јамајка и Флорида), две од неговите рани дела за малку ќе останеле изгубени во колекцијата на Музејот на современа уметност во Скопје (МСУ-Скопје), поради едноставна грешка во системот за каталогизација.

 

Обри Вилијамс, Ловџиски трофеј, 1959, темпера на хартија, 40 х 55 см. Збирка на слики, МСУ Скопје

 

По повод одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на уметникот во 2026 година, изложбата „Изгубени низ процепите: Обри Вилијамс и другите во колекцијата на МСУ-Скопје“ започнува со реоткривање на две слики од Вилијамс, кои се изложени за првпат по нивното поединечно донирање во 1960-тите години, а воедно и за првпат во регионот на Западен Балкан. Од ова јадро, следејќи ги сеизмичките бранови на земјотресот, се шират дела од колекцијата, донирани од уметници, галерии и заедници со кои Вилијамс бил поврзан. Делата на Денис Боувен, Кенет Кутс-Смит, Френк Аврeј Вилсон, Халима Налец и други уметници поврзани со галеријата New Vision Center во Лондон, укажуваат на тоа како и зошто делата на Вилијамс можеби стасале во Скопје. Следните бранови сугерираат поспекулативни врски со уметници од поранешна Југославија и пошироко, од кои многумина го делеле уметничкиот интерес на Вилијамс за „природните“ катастрофи. На тој начин, „Изгубени во процепите“ нуди нови, релациски перспективи за уметничките одговори на земјотресот од 1963 година – настан што дове до создавањето на „Колекцијата на солидарноста“ во Скопје, како дел од широки, транснационални напори за обнова на разурнатиот град.Кураторката Јелена Софронијевиќ се надоврзува на концептот за „треперење заедно со“ (trembling with) музејските колекции, преземен од мислителот од Мартиник, Едуар Глисан (1928–2011), како практика на „отфрлање на сите категории на фиксна и империјална мисла“, а аудио делата на современите уметници Еми Алраи и Лео Робинсон ѝ даваат форма на оваа критичка перспектива, вклучувајќи ново аудио дело како одговор на една опера на композиторот Дмитри Шостакович, близок пријател и инспирација на Вилијамс.

Ова дело, создадено специјално за конкретната локација во Северна Македонија, е поставено заедно со репродукции на дела од Вилијамс, кои потекнуваат од британски уметнички збирки во Јоркшир – меѓу кои и „Картрајт хол“ во Брадфорд, град збратимен со Скопје по земјотресот во 1963 година.

 Кураторот Владимир Јанчевски, поаѓајќи од кризата на имагинацијата во ерата на контемплации за „крајот“, гледа можност за понатамошно преиспитување на современиот апокалиптичен дискурс преку погледите на автори како Боавентура де Соуша Сантош, Џоана Зилинска, како и T. Џ. Демос. Делата од колекцијата на МСУ, бројните и разновидни претстави на еколошки кризи, деструкција, па и отсуството на човекот, нудат можност да се преиспитаат различни тропи за крајот на времето, за небиднината. Потиснатите епистемологии, преку кои катастрофата може да се види и како нешто повеќе од само егзистенцијална закана, претставуват можност за нов утописки поглед. Инсталацијата на Франциско Томшич, базирана на неговата долгогодишна релација со Скопје, навраќајќи се во минатото, дава современ поглед кон нашето сфаќање на односот помеѓу социополитичката и „природната“ катастрофа.

Изложбата, „Изгубени низ процепите“ ги промислува континуираните односи меѓу колекциите, заедниците и културните работници, и токму од процепите, се обидува да извлече форми на солидарност што можат да послужат при градењето на нашата заедничка иднина.

Уметници: Обри Вилијамс, Ахмед Парвез, Алберто Бури, Александар Јанкуловски – Цане, А. Оскар (Питер Шелдон-Вилијамс), Биргит Шолд, Боро Митриќески, Брајан Рајс, Колин Сакстон, Дејвид Хокни, Денис Боувен, Димче Кочо, Доне Милјановски, Душан Џамоња, Душан Перчинков, Емии Алраи, Ерна Розенштајн, Фердинанд Кулмер, Франциско Томшич, Френк Авреј Вилсон, Халима Налец, Ханс Хартунг, Хари Оузи, Хенри Мур, Хауард Хоџкин, Џејмс Босвел, Џенифер Диксон, Џон Дикерсон, Кенет Роват, Лео Робинсон, Ли Јуан-Чиа, Мини Фрај, Мира Спировска, Мохамед Ахмед Абдала, Мунира Ал-Кази, Мустафа Валид Сити, Нил Мурисон, Никола Мартиноски, Олга Јевриќ, Ордан Петлевски, Петар Хаџи Бошков, Петар Лубарда, Петар Мазев, Ристо Калчевски, Ристо Лозановски, Роберто Мата, Родољуб Анастасов, Скот Добсон, Софу Тешигахара, Спасе Куновски, Стефан Маневски, Тереза ​​Пеговска, Виктор Антон, Виктор Пасмор, Ва Јинг Шоу, Вифредо Лам, Јоел Шварц, Зоран Мушич.

Куратори: Јелена Софронијевиќ и Владимир Јанчевски

Соработници: Ива Димовски, Благоја Варошанец; Конзерватор: Љупчо Иљовски; Графички дизајн: Илиана Петрушевска; Дизајн и потготовка за печат: Албана Бектеш Рамадани; Техничка изведба: Јордан Арсовски, Марјан Ѓорѓиев; Координатори: Бесник Емини, Фанољ Адеми

Изложбата е составена од дела од колекцијата на МСУ – Скопје, како и дела од поканети современи уметници и е дел од годишната програма на Музејот на современата уметност, поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

 Биографии:

Лео Робинсон (1994, Њукасл-андер-Лајм) е мултидисциплинарен уметник кој живее и работи во Лондон. Неговата работа истражува нови модели на ритуали и церемонии преку скулптурални инсталации, видео, звук и дијаграматски дела, шпекулирајќи за тоа како би можеле да создадеме нови системи и симболи преку спојување на поп-културни, митолошки и теоретски извори. Робинсон изложувал во „Chapter Arts Centre“ во Кардиф, „KU Leuven“, „The Hunterian“ во Глазгов, „Sainsbury Centre“ во Норич и „London Mithraeum Bloomberg Space“. Во 2025 година, тој ја доби наградата „Art Foundation Futures Award“ за визуелни уметности. Неговата музика е издадена од „PRAH Recordings“, а тој има настапувано и во живо на „BBC 6Music“.

Емии Алраи (1993, Блекпул) е уметница чија работа опфаќа истражување на материјалите во однос на сеќавањето, критика на западната музеолошка структура и сложеноста на урнатините. Таа првенствено работи во областа на скулптурата и инсталацијата, создавајќи простори од голем обем кои се надоврзуваат на истражувања поврзани со археологијата и природните средини од кои се ископуваат предметите. Нејзината уметничка пракса вклучува усни преданија, наследена носталгија и јазични нијанси, со цел да ја преиспита крутоста на империјата и моќта на хиерархијата да влијае врз статичното присуство на историјата.

Франсиско Томшич (1981, Уругвај) е словенечко-уругвајски уметник и автор кој моментално живее во Истра. Неговата работа произлегува од потребата за воспоставување критички дијалози помеѓу сликите од минатото, поимите за сегашноста и активните модели на иднината. Тој создава изложби, публикации, дела за сцена, истражувачки модели и педагошки алатки, користејќи различни медиуми и јазици. Тој е коосновач и член на бројни недисциплинарни здруженија на културни работници во Јужна Америка и Европа. Добитник е на Националната награда за литература од Министерството за образование и култура на Уругвај (2012,  2025), како и на стипендијата „FEFCA“ за млади уметници од истата институција (2013). Учествувал на Седмото Биенале „МЕРКОСУР“ (2009 г.) и на Првото Биенале во Монтевидео (2012).

Јелена Софронијевиќ (@empirelinespodcast) (1998, Телфорд) е продуцентка, кураторка, писателка и истражувачка, која работи на вкрстувањето на културната историја, политиката и уметноста. Нејзините независни кураторски проекти ги вклучуваат Invasion Ecology (2024), Seeds of Hate and Hope, во Sainsbury Centre (2025) и Peripheries and Horizons, со House of European History (2026). Јелена го продуцира EMPIRE LINES, подкаст кој ги открива неочекуваните текови на империите преку уметноста, поддржан преку нивната улога како куратор со Radical Ecology (2026-2027). Таа исто така се во потрага по докторат базиран на пракса на Gray’s School of Art, курирајќи изложби со балкански и југословенски/дијаспорски уметници во британски уметнички колекции. Голем дел од истражувањето на Јелена се фокусира на плурализирање на претставувањата на заедниците и културите на Централна, Источна и Југоисточна Европа (CESEE)/дијаспората, особено од Балканот и Југославија, и поконструктивни, современи истории на неврзаноста. Пошироко, тие се стремат да ги платформираат животните искуства и перспективи кои често се маргинализирани или исклучени од претставувањето, особено во антиколонијалниот и еколошкиот активизам. Рецензијата на Јелена за монографијата Обри Вилијамс: Уметност, истории, иднина (2024), уредена од Иан Дадли и Маридова Вилијамс, а објавена од Центарот за студии по британска уметност Пол Мелон во соработка со Јеил Универзити Прес, беше објавена од „The Art Newspaper“ во 2025 година.

Владимир Јанчевски (1984, Скопје) е куратор во Музејот на современата уметност во Скопје, кој паралелно работи во полето на современата уметност и визуелните студии. Тој се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, интервенции во јавниот простор, иконокластички чинови и „визуелни војни“. Од 2004 година, тој бил коорганизатор, куратор и учесник во бројни настани: групни изложби, колаборативни проекти, предавања и јавни дискусии. Бил еден од клучните членови на уметничката иницијатива „КООПЕРАЦИЈА“ (2012–2015). Соработува со Центарот за визуелни студии – Скопје од неговото основање во 2011 година, а учествувал и на неколку меѓународни конференции. Бил куратор на групни и самостојни изложби на уметници меѓу кои се: Игор Грубиќ, Никола Узуновски, Групата OPA, Албан Муја, Искра Димитрова, Џанан Чу, Артур Жмијевски и Дритон Селмани. Добитник е на наградата за ликовна критика „Ладислав Баришиќ“ за 2019 година, доделена од АИКА – Македонија.

 

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

ЛАЗЕ ТРИПКОВ: Имерзивна трансформација на глаголицата

21/08/2026 – 05/09/2026

ПРЕКИН ВО ТЕК

29/07/2026 - 20/08/2026

ИЗГРАДЕНА СРЕДИНА: Алтернативен водич низ Јапонија!

16/07/2026 - 17/09/2026

ТАПЕТИ

02/06/2026 - 30/07/2026