04/11/ 2022-25/02/ 2023
Селмани е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје. Пред него годинава самостојно изложуваа другите двајца наградени автори Наташа Неделкова и Дарко Алексовски.
Презентирајќи разновидност и сајт-специфична интервенција во просторот на МСУ-Скопје, изложбата на текстуални дела, објекти и видео се обидува да воспостави нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието, коешто обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури.
Широкиот опфат на дела на Селмани кои се фокусираат на различни прашања од нашата несигурна современост, почнувајќи од популарната култура, до доминантните дискурси на моќта кои ги обликуваат нашите животи, ги преиспитуваат и историските наративи, стереотипите, чувството на припадност и исклученост.
Делата на Дритон Селмани секогаш се конструирани како имагинарен дијалог, со публиката, но и со самиот себе, како серија на кратки изјави или реторички прашања, отворајќи нови перспективи за нашето разбирање на себството, за заедничкото и за различните аспекти на современиот живот.
Самиот наслов на изложбата јасно покажува како Селмани користи неочекувани сопоставувања и иронија – извртување на берберска изрека, со референца на стих од едно од неговите омилени поетски дела, „Туѓинецот“ (L’Etranger) од Шарл Бодлер. Всушност, тој со интенција ги бара и ги наоѓа точките каде што јазикот се прекршува, каде што отвора јаз, пукнатина меѓу нештата, зборовите и новоконструираната слика, трансформирајќи го познатото во зачудна уникатна ситуација, а потоа повторно се враќа од фикциското кон разбирање на секојдневието.
Интервенирајќи во областа на јазикот, од старата народна мудрост до поезијата и детските песни, практиката на Селмани ги допира стравовите, неволјите и грижите што ги изразуваат обичните луѓе. Тој има за цел да ги деконструира длабоките структури и интернализираните културни конструкции со цел да ги разбереме, со што ни нуди уникатна можност да застанеме заедно и да се соочиме со моќните визуелни дела со маестрална едноставност. Бидувајќи во оваа состојба на чудното каде што се вкрстуваат поетското и политичкото, тој во никој случај не е туѓинец. Напротив, токму тука го наоѓа својот дом.
Куратори на поставката се: Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.
Дритон Селмани (Урошевац, Косово / 1987) во моментов работи и живее во Приштина и Догановиќ. Магистерските студии ги завршува на Универзитетот за уметност во Бурнемут, Велика Британија. Селмани пристапува кон идејата за перципирана реалност со деконструирање на формации на социјалните, политичките и културните теми што биле отелотворени околу него. Додека бил млад, му велеле да обожува земја која повеќе не постои, што го натерало да заземе еден основен став на скептицизам кон секоја наводно дадена реалност. Подоцна, го користи ова како корисна алатка за реконструкција на неговите верувања во визуелни артефакти. Во 1999 година, старите симулакри се заменуваат со нови; украсите на претходниот простор се обновени и се расплетуваат со нови значења, но и нови неизвесности. Селмани се конфронтира себеси како спектатор на овој „тековен настан“ и се позиционира како актер, изведувајќи ги своите перформанси засновани врз неговите лични истории, верувања и сомнежи. Изложувал на самостојни и групни изложби (во Стационарниот центар за современа уметност Приштина, Музејот „Лудвиг“ во Будимпешта, „Кунстраум Нидеростерајх“ Виена, „Каса Контемпоранеа“ Сао Паоло, Медитеранско Биенале 16 Анкона, У10 Белград, 5-то Биенале во Маракеш, Фестивалот на светлината во Амстердам, „Фабрика дел Вапоре“ Милано, Биеналето во Брегенц, „Ексчиесета“ Полињано-а-Маре, Национална уметничка галерија Тирана, Центар за современа уметност Солун, Еугстер || Белград, Фестивалот на светлината во Норкепинг, Кунстмузеум Базел, како и на 14. Манифеста во Приштина, 2022).
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија и ќе биде отворена до 25 февруари 2023 година.
Откривања: Дела од шпанската колекција
14/10/2024 - 03/11/2024
Изложба на водечките современи уметници Дан и Лиа Пержовски
26/09/2024 - 17/11/2024
СЕРХАТ ЕМРУЛАИ: Се селиме на нова локација
5/09/2024 - 5/11/2024
НАЏА КРАЧУНОВИЌ: Во име на мајка, во презиме на татко
5/09/2024 - 5/11/2024