Изложби Тековни Следни Минати
EN

Дефрагментација

13/06/2023 - 15/09/ 2023

 

Изложба на подарени дела од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка

Изложбата „Дефрагментација“ е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на
современа уметност – Скопје. На оваа изложба, која што претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, ќе биде претставен избор од вкупно 96 дела од 86 уметници – слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век. Поточно, го опфаќаат периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат  репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од овие земји од Централна Европа.

Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели нашиот Музеј.

Веднаш по веста за земјотресот во Скопје, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подаруваат дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу уметниците, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска и Унгарија, кои подариле бројни дела во различни уметнички дисциплини, со што станале значаен дел од јадрото на колекцијата на МСУ. Од делата на Војтјех Прејсиг и Франтишек Музика, преку оние на Јежи  Новосијелски и Тереза Паговска, па сѐ до делата на Јозеф Јанкович и Александер Трижуљак, како и Оршоја Дроздик и Јежи Трелински, оваа изложба претставува надоврзување и преиспитување на сите претходни претставувања на националните колекции.

Изложбите на делата од колекцијата секогаш се добар повод за преиспитување на самата функција на музејот, како и за еден неопходен процес на дефрагментација, за метафорично ослободување на просторот и овозможување на нормално системско функционирање. После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите.

Kонцептот за солидарност на кој се темели МСУ-Скопје, е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет. Затоа, сметаме дека е многу важно постојаното потсетување за важноста на меѓународната соработка, која е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици.

Куратори на изложбата: Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Иднината како проект: Доксијадис во Скопје

21/09/ 2023 - 23/04 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023