Изложби Тековни Следни Минати
EN

Артур Жмијевски: Демократии / Реализам

01/12/ 2021- 30/03/ 2022

На самостојна изложба „Демократии / Реализам“ на реномираниот полски уметник Артур Жмијевски, еден од најзначајните европски уметници од неговата генерација, ќе бидат претставени две видео инсталации, кои се составени од селекција на филмови од неговите капитални дела, инсталациите „Демократии“ ( 2009-2012) и „Реализам“ (2017). Овие два значајни циклуси, иако се создавани независно еден од друг, во просторот на Музејот на современата уметност – Скопје ќе бидат ставени во специфична директна релација. Силниот контраст помеѓу двата циклуси на дела, на интересен начин открива една чудна комплементарност и длабока поврзаност на нивната содржина.

„Спротивставувањето на овие колекции од подвижни слики, кои се избрани како составен дел од инсталацијата во МСУ-Скопје, како што најдиректно е сугерирано преку насловите, го отвораат пред нашиот поглед просторот помеѓу колективната ефорија и пасивното учество, и одлучната акција и индивидуалното страдање, помеѓу вревата на улиците и плоштадите и тивкиот приватен простор и изолацијата“, вели Владимир Јанчевски, куратор на поставката.

Еден од главните фокуси во истражувањето на Жмијевски е врската помеѓу уметничките практики и реалноста, особено политичката реалност во која што се наоѓа некое одредено општество. Иако, важи за еден од најрадикалните уметници, познат по голем број интервенции, делата вклучени во оваа поставка немаат експлицитен критички фокус кон современата реалност, на глобалниот подем на конзервативните наративи, преку камерата овозможува светот да ни биде предочен на најдиректен начин, без режија, без шминка, без коментар. Немаат намера да се допаднат, ниту да фасцинираат, туку да нѐ соочат со реалноста.

Ова е прва самостојна изложба на Жмијевски во Скопје, иако ова претставување следува по неговото учество во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ која беше отворена во декември 2019 година во МСУ-Скопје, каде што во друштво на најзначајните светски уметници, тој се претстави со своето видео дело „На отворено“.

Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео.

Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година.

Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, потоа Новата Пинакотека во Минхен…

Освен видео инсталациите, во рамки на изложбата ќе биде издадена и двојазична публикација, во која, покрај осврт кон дела на изложбата, најпосле ќе биде објавен и превод на македонски јазик на култниот текст на Жмијевски, „Применета општествена уметност“ (2007). Како негов манифест, овој текст во последната деценија има извршено силно влијание врз разбирањето на ангажираноста и општествената улога на уметноста и е преведен на повеќе светски јазици. Во текот на времетраењето на изложбата ќе бидат организирани и отворени читачки групи во кои ќе се анализира и ќе се дискутира содржината на овој значаен текст.

Изложбата ја организира Музејот на современата уметност – Скопје во соработка со уметникот и Галеријата и фондација „Фоксал“ од Варшава.

 

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Современи екосистеми: истражување помеѓу уметност и екологија во Северна Македонија

08/10/ 2022 - 26/10/ 2022

Јана Јакимовска: Ретро-телесни ретроспективи

23/09/ 2022 - 05/10/ 2022

Пркосни слики

16/09/ 2022 - 27/09/ 2022

Симон Узуновски: Пат за Волкодери - Ретроспектива

13/09/ 2022 - 25/10/ 2022