02/06/ 2022 - 11/06/ 2022
Викендот на гордоста во Скопје годинава се одржува по десетти пат, а неговата цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети кои од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.
Доколку тргнеме од претпоставката дека интерсекционалноста е клучната парадигма преку која се конструираат и перформираат сите идентитетски позиции, вклучително и родовите и сексуалните идентитети, со програмата сакаме да понудиме повеќеслојна критика на бинарниот родов систем, хетеронормативноста и националистичката хомофобија, како и на пресечните точки на опресивните, дисциплински режими на моќ со класата, етничката припадност, расата и здравјето. Квир особеноста, или настраноста, како почетна идеја на Фестивалот, означува начин на живот, уметност на стилизација на сопствениот и колективниот живот, политичка алатка и став преку кој се дава отпор против доминантните модели на моќ/знаење со кои одредени сексуални и родови идентитети се оркестрираат и регулираат како „нормални“, додека други, пак, како „настрани“ и „изопачени“. Квир политичката и културна ориентација се занимава со критичко истражување и проблематизирање на нашите желби и копнежи за конформизам и нормалност, вклучително и на хегемонските претпоставки и вредности за љубовта, интимноста, сродството, отелотворувањето, капиталистичката конкурентност и еготизам, комодитетскиот фетишизам, како и современите дискурзивно-материјални перформативи на нацијата-држава.
Фокусот на програмата на Викендот на гордоста е насочен кон културните и уметнички перформативни практики, вклучително и визуелни и современи уметнички практики преку кои се обработуваат теми како што се отелотворувањето, афектот и субјективитетот со посредство на различни медиуми. Изборот се заснова врз нашата посветеност на идејата дека „естетското“ е суштински вкоренето во телесното искуство, и како такво се наоѓа во основата на општествените, културните и политичките искуства. Одовде, доколку политичката идеологија и хегемонските културни модели ги пренесуваат сопствените наредби врз телата на граѓаните, при што ги оформуваат нивните емоционални ориентации и сензибилитети (естетскиот домен), телото и афектните и емоционални односи стануваат клучно место за обмислување и создавање на отпорот и алтернативните животни форми. Со други зборови, хетеронормативната идеологија и маскулинистичкиот културен поредок функционира преку перформансите и ритуалите со кои се мобилизираат и кореографираат нашите движења, енергии, желби, афекти и телесни потенцијали и со кои се регулираат односите меѓу телата во социјалните простори. Преку уметноста на перформанси и телесната уметност се мобилизираат токму ваквите притисоци на моќ врежани врз нашите тела, и субверзивно се пренасочуваат во алтернативни и ненормативни насоки. Телото, во критичките феминистички и квир перформативни практики, претставува бојно поле на кое се актуализираат и оспоруваат односите на моќ.
Тематскиот фокус на СПВ 2022 е ЕКСТАТИЧНИ ТЕЛА. Овогодишниот кураторски избор на фестивалската тема се потпира на феминистичкото и квир наследство и тековниот придонес во теоријата, уметноста и политиката, а кое ги поставува телесноста, субјективитетот и афектите како централни оски на критика, мобилизација, изведба и промислување.
Славчо Димитров
Куратор на Викенд на гордоста – Скопје
Програма во Музејот на современата уметност Скопје
02 јуни / 20:30
„Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“
– Изложба –
Куратори: Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски
Учествуваат: Волфганг Тилманс, Нора Стојановиќ, Сендс Мареј Васинк, Милош Коџоман и Драгољуб Бежан, Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Јане Чаловски, Кочо Андоновски, Наташа Гелева, Мирко Попов, Зоран Ристевски – Бејбе, Ивана Драгшиќ, Соња Исмаил, ТЕМПЛУМ, Евро-Балкан институт, Институт за општествени и хуманистички науки Скопје, Музејот на современа уметност Скопје, STEAM ROOM, Александар Георгиев, Дарио Барето Дамас, Викторија Илиоска, Лора Фер, Прва па Женско, ФРИК Фестивал, Скопје Прајд Викенд и др.
Изложбата претставува резултат на заеднички истражувачки и кураторски проект на Славчо Димитров и Биљана Тануровска – Ќулавковски. Истражувањето и изложбата се фокусираат на различни изведувачки, танцови и кураторски практики, односно перформативни аспекти во полето на уметноста и вон него, во Северна Македонија.
02 јуни / 20:30 ч.
Александар Георгиев
„Одеци на С“ (Echoes of. S)
пејзажно-кореографско дело
*Делото ќе биде изведено за време на отворањето на изложбата „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“
„Одеци на С“ претставува уметничка понуда на кореографот Александар Георгиев во рамките на неговиот тековен интерес за „аналната политика“. Делото го кореографира во соработка со уметничкиот фотограф Мартин Атанасов, при што создава средина во која се активираат просторите меѓу перформансот во живо и фотографијата, сосредоточувајќи се на поетскиот потенцијал содржан во анусот, концептуално и физички.
Кореографија и перформанс: Александар Георгиев; Фотографија: Мартин Атанасов; Музика: Цветан Момчилов; Графички дизајн: Ѓорѓи Десподов
Продукција на Александар Георгиев. Во копродукција со ICC (Имагинативен кореографски центар), Колектив Гараж, Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и Коалиција Маргини.
Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Националниот фонд за култура на Бугарија, во рамките на проектот „Годишна програма на ИЦЦ 2022“, организиран од Колективот Гараж, и финансиска поддршка од Министерството за култура на Северна Македонија, како дел од проектот „Кореографирани тела“ на Локомотива.
02 јуни / 22:00 ч.
Христина Иваноска
„Документот што недостасува: Перформанс бр. 6 (Ќерка)“, 2017/2022
*Перформансот ќе биде изведен за време на отворањето на изложбата „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“
Сеќавањата се сиров говорен материјал. Сеќавањата се извалкани и нечисти. Како да се стигне до зачетокот на сеќавањето? Како да се вратиме до доживеаното кое е јадрото на она што подоцна го нарекуваме „сеќавање“ ако ги имаме само материјалите кои се веќе преработени од иследникот, историчарот, новинарот, писателот? Како да се нурнеме меѓу зборовите, и да ја извлечеме суштината?
Започнувајќи од навидум едноставно прашање „Која сум јас?“, Иваноска го пронаоѓа својот соговорник во ликот на Роса Плавева, револуционерка од почетокот на 20 век која лежи заборавена во архивите на минатото. „Документот што недостасува: Перформанс бр. 6 (Ќерка)“ е обид да се раскаже приказна за моќта, говорот и казната, и за неправдата, навредата и траумата која е нанесена и со која треба да се живее. Во фокусот е животот на Надежда Плавева Станојевиќ, ќерка на Роса Плавева, која во времето на Инфорбирото (1948-1956) е затворена од страна на УДБА (Југословенската управа за државна безбедност) и пратена на Голи Оток. За нејзиното трауматично искуство таа ќе проговори во фељтонот „Ибеовци“, кој во 1990 е објавуван во српскиот весник „Борба“.
„Перформанс бр. 6 (Ќерка)“ е дел од континуираниот истражувачки проект на Иваноска со наслов „Документот што недостасува“ (2014–) кој се занимава со потиснатата колективна меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор кај жените. Како единствен протагонист во нејзините перформанси, Иваноска станува флексибилен и порозен ентитет, медиум преку кој различни идентитети и гласови од минатото се вратени во живот. Преку нејзините текстови и акции таа создава ситуации кои „биле или не биле“ и кои флуктуираат низ време и простор, засновани врз документи и орални интерпретации. Таа го користи перформансот како метод, медиум и метафора.
Фотографија: Јане Чаловски.
Христина Иваноска (1974) преку својата уметничко-истражувачка практика критички го истражува искуството на денешните социјални и политички системи и нивната врска со теоријата и историјата. Иваноска создава објекти, текстови, цртежи, видео, перформанси и инсталации, честопати работејќи интердисциплинарно, но давајќи ѝ вредност и значење на рачната работа како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворк техниката или мозаик од парчиња платно, како медиуми на политичка и социјална вредност преку кои е изразена индивидуална борба и ограничувања.
03 јуни / 21:00 ч.
Џули Толентино и Стош Фила (Julie Tolentino & Stosh Fila)
Перформанс-инсталација и процесен перформанс
.bury.me.fiercely.
Во соработка со: Ивана Драгшиќ, Јован Јосифовски, Александар Георгиев, и Јован Гаковски
*По изведбата следува презентација и разговор со Џули Толентино
Додека сонцето заоѓа и настапува ноќта, изведувачите се движат, бревтаат, работат и се менуваат скриени под покровот од густ „хоризонт“ направен од кожа, мирисливи масла, тревки, рефлексивни површини и набиен звук.
Толентино посега по сензуалното и говори за субјективниот вишок на секоја средба. Просторот и времето се отвораат за приказните на Другите: погрешно етикетирани, невидени, или превидени, заедно со вдахновените визионери кои успеваат да постојат како неземни квир создавачи на иднината.
Огледалата, кои црпат од делата, архивот и заедницата на Толентино, ја одразуваат нашата опседнатост од сè поголемиот регистар на духови. Референци на тело што старее со забавен ритам во рамките на мека месеста празнина што го сокрива телото но одвреме-навреме открива негови делови преку бројни дупки, рабови. Со неолибералните замисли за здравото бело тело и целосноста како заднина, фигурите се обележани, посакуваат и се погрешни: стареат, со кафеава боја на кожата, квир, скапуваат, со попреченост.
Во .bury.me.fiercely. Mr. Exhibit A, The Shiny Dark Figure и другите се раздиплуваат одреден, сеприсутен став и отелотворување – дури и кога не може да се види. Во заднина тече видеоснимка од уметникот-како-предмет/уметникот-надвор-од-времето на ноторниот Фајр Ајланд како изведувач во некаков вид на празнина. Толентино нè наштимува на простори кои обилно ги поматуваат, а сепак ги поттикнуваат нашите мрачни внатрешности и бегалска поетика со идното минато на времето.
Виден или невиден, читлив или не, перформансот повторно отвора избледени простори во кои телата ќе можат да протнат нога, да залутаат и да се изменат – додека притоа се повраќа некое друго време преку нашите и интервенциите на изведувачот. Се заплеткуваме меѓусебно како расклопени и повторно составени површини и себства.
Делово не само што истекува бавно, туку и го враќа времето. Телата не зацелуваат, туку се раздиплуваат.
.bury.me.fiercely. бара да останеме со загубата, отпорот и болката.
Кредити и признание: Звуците од делото REPEATER се собрани и развиени во соработка со двајца соработници со кои работам долго време од Источниот и од Западниот Брег: уметникот од Њујорк, Алдо Хернандез – кој свири во живо, и уметникот од Лос Анџелес Роберт Крауч.
Перформансот е посветен на долгогодишниот соработник/партнер на Толентино, Стош Фила.
Џули Толентино (изведувач/концепт) е уметница со филипинско и салвадорско потекло, која во своите перформанси/инсталации ги истражува меѓупросторите на расата, родот, релационалноста и архивот. Меѓу колаборативните проекти се вбројуваат видеa, објекти, дела од стакло, огледало, мирис, пејзаж и текстови што потекнуваат од „надворешните“ простори за учење на активизмот, другоста, застапувањето, загубата и грижата за некого. Делата на Толентино се претставувани во музеи, галерии и на фестивали.
4 јуни / 21:00 ч.
Дејвид Хојл (David Hoyle)
„Дејвид Хојл: Во живо во Скопје“
Од мрачниот, осаменички живот во карантин, Дејвид Хојл ѝ се враќа на светлината за да создаде можност за зацелување, соединување во заедничка љубов и поддршка – „во заедништвото ќе најдеме сила“, вели Дејвид.
Метеорот на кабаретската апокалипса, Дејвид е автентична перформансна лавина – вистинска распеана, нескротлива легенда.
Дејвид Хојл е добитник на наградите „Икона“ и „Оригиналност“ на кабаретските награди на „Кју Екс“ во 2019 г.
„Најголемиот жив изведувач.“ – Џастин Вивиан Бонд
„Недопрен, понекогаш застрашувачки, но и возбудлив во неговата безгрижност во стилот ‘види – можам и без раце’.“ – „Гардијан“
„Не постои ништо слично: храбар и единствен, наелектризиран и разоружувачки човечен.“ – „Тајм аут“
Дејвид Хојл
Перформансен уметник, роден во Манчестер, Дејвид Хојл стана познат во 1990-тите години како Дивајн Дејвид, антидраг кралица со навредлив општествен коментар насочен кон буржоаската Британија и материјалистичката хедонистичка геј-сцена, која ја нарекува „најголемиот самоубиствен култ во историјата“ – неутрализирана од неверојатни инстанци на самообвинување, па дури и на себенаштетување.
7 јуни / 20:30 ч.
Јасмина Тумбас
Предавање: „Јас сум Југословенка!: феминистичка изведувачка политика за време и по југословенскиот социјализам“
Јасмина Тумбас ќе зборува за нејзината последна книга „Јас сум Југословенка!: феминистичка перформансна политика за време и по југословенскиот социјализам“ (Манчестер јуниверзити прес, 2022). За Викенд на гордоста во Скопје, Тумбас се фокусира на појавата на „квир“ Југословенката, како што ја дефинира таа, вклучително и на дискусија на контекстот во 1980-тите години, како и наследството останато денес. Преку разговорот ќе се сподели визуелната историја на југословенското лезбијско и квир движење – во кое се привилигираат истражувањата на жените на сопствената родова моќ во музиката, авангардните уметнички кругови и уметноста на перформанси; притоа таа ги истражува влијанијата во современата визуелна култура и уметност, вклучително и појавата на трансродовиот отпор и квир животот во новооформените национални контексти.
Јасмина Тумбас (д-р по историја на уметност, Универзитет Дјук) е проф. доцент по Современа историја на уметност и перформансни студии и директор на Постдипломските студии при Катедрата за глобални родови и студии за сексуалноста на Универзитетот во Бафало. Нејзината прва книга „Јас сум Југословенка!: феминистичка перформансна политика за време и по југословенскиот социјализам“ неодамна беше издадена во рамките на едицијата „Преобмислување на историите на уметност“ на Манчестер јуниверзити прес (февруари 2022). Тумбас, исто така, работи на нејзиното второ дело, „Феминистите од југословенската дијаспора: уметност и отпор отаде државјанството и националноста“. Се јавува и како гостин-уредник на специјалното издание на „Газета артликс бр. 5: Патријархатот завршен и исклучен: манифестен дискурс“, додека резултатите од нејзините истражувања се објавуваат во „Артмаргини“, „Камера опскура: студии по феминизам, култура и медиуми“, „Месечник за уметност“, „Уметноста во Америка“, „Журнал АСАП“, „Уметност и документација“, како и во антологиите „Промена на корпореалностите во современиот перформанс“ и „Перформансната уметност во втората јавна сфера“.
Албан Муја - Линијата што избледнува: Приказни за работ на легалноста
07/06/2024 – 28/08/2024
Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил
28/05/2024 - 02/09/2024
Аквизиции – Донации 2022-2023
18/05/2024 - 25/08/2024
Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје
21/03/2024 – 29/09/2024