Изложби Тековни Следни Минати
EN

Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024 >

04/04/2024 – 21/05/2024

Координати на еден сон:
60 години проектирање современост
МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024 >

04/04/2024 – 21/05/2024
Четврток, во 19.30 часот

Куратори: Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец

Во услови кога светот се соочува со драматичен развој, во современост во која постои опасност знаењето да се отфрла за сметка на вештините, а создавањето да биде засенето од сеопшта деструкција, не смееме да заборавиме на исклучителната важност на свесноста за историјата. Тоа е и одбрана на идејата за дејствување во едно широко компаративно поле на постојано критичко преиспитување на методите и критериумите, неопходно за ориентирањето во сегашноста и проектирањето на иднината.

Веројатно затоа е неизбежно да се навраќаме на најбазичните прашања, за институционалната форма и општествената улога на културата, за архивите и документите наспроти фикционализација на стварноста.

Во годината кога ја одбележуваме шеесетгодишнината од формирањето на Музејот на современата уметност – Скопје, една од најзначајните национални институции во областа на културата и препознатлив симбол на светската солидарност, се обидуваме да ги лоцираме значајните координати на еден сон кој стана опиплива реалност на еден процес на континуирано проектирање на современоста.

 

Овогодинешниот јубилеј одново нѐ потсетува дека Музејот преку заложбите и напорите на иницијативниот одбор, и секако првиот директор Проф. д-р Борис Петковски (1964-1976) и Соња Абаџиева Димитрова (1977-1984) станува важен дел од локалната и глобалната културната историја, а следните генерации продолжуваат во изградбата на траен споменик на творештвото на над 1900 уметници – донатори од 70 земји од светот, кои по земјотресот од 26 јули 1963 година со своите донации на уметнички дела и со чинот на солидарноста, го почестија градот Скопје и граѓаните на целата земја.

Во текот на својата историја, стручниот тим на МСУ-Скопје, посветено работел на чување, заштитa, презентација и проучување на сите тие бројните донации на уметнички дела, на целата документација поврзана со нив, но и на историскиот контекст, создавајќи ја историографијата на современата уметност која резултира со богата и вредна библиографија.

Примарната цел на музејот, е и воедно да поттикнува и презентира најнови современи уметнички тенденции, а притоа историјата на сите овие напори е неразделно врзана со развојот на музеологијата, графичкиот и изложбениот дизајн, или најопшто сфатени како важни сегменти во мултидимензионалната историја на визуелната култура.

За тоа, покрај исклучителното значење на уметниците и кураторите, заслужни се бројни автори кои придонеле во дефинирање на визуелниот идентитет на МСУ-Скопје како Драгутин Аврамовски-Гуте, Димитар Малиданов, Стефан Георгиевски, Јован Шумковски, Ладислав Цветковски, Михајло Мотески, Илиана Петрушевска, Неда Фирфова, Приватен Принт, Ариане Шпаниер и др.

Низ богатата изложбена историја на Музејот која опфаќа стотици самостојни и групни изложби на домашни и странски уметници, неизоставен дел се изложбите „Млада генерација“ од 1967 година кои прераснуваат во „Биеналето на Младите (1987-денес), потоа едукативната и филмската програма, богатата издавачка дејност, која опфаќа монографски публикации, како и списанието за современа уметност, култура и теорија, од првиот до најновиот број.

На изложбата покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, ќе биде претставен избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои оние на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат.

Оваа изложба проследува една хронологија на настаните почнувајќи од 1963 година како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964 година, изградбата и отворањето на Музејот во 1970 година, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници. Таа е само еден обид, преку мапирање на бројните настани и нивниот визуелен комуникациски аспект, да се даде поттик во размислувањата за важноста на МСУ-Скопје во процесот на проектирање и оформување на сликата за современоста.

Изложбата е дел одбележувањето на шесетгодишнината од основањето МСУ – Скопје кое ќе продолжи во текот на целата 2024 година со повеќе значајни настани, изложби и предавања, работилници.

 

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Континуитети: француски уметници во збирките на МСУ Скопје

07/12/ 2023 - 22/02/ 2024

Иднината како проект: Доксијадис во Скопје

21/09/ 2023 - 23/04 2024

Сè што ни е заедничко

20/10/ 2023 - 12/05/ 2024

Пејзаж на вознемиреност: 11 критични жешки точки во Р.С. Македонија

04/10/ 2023 - 09/10/ 2023