Изложби Тековни Следни Минати
EN

НЕФИГУРАТИВНИТЕ ТЕНДЕНЦИИ ВО 1960-ТЕ

24/11/ 2016 - 26/03/ 2017

 

 

За карактерот на изложбава се битни неколку моменти. Пред сè, изборот на експонатите, што ја одредува концепцијата, е направен исклучиво од колекцијата на Музејот, во кој се депонирани најмногу дела од 60-тите години.

Релевантни за вака осмислениот преглед на ситуацијата во овие години, односно на дел oд апстрактните движења, се скулптурите и објектите што тогаш беа презентирани во постојаната поставка (на А.Калдер, Р.Јакобсен, Р.Адамс, Б.Нил, З.Кемени, Е.Кола, Ѓ.Апвиани, Е.Ажди, М.Пан, Н.Карино, В.Рихтер, О.Јевриќ, Д.Џамоња). Затоа првата варијанта на изложбата се реализираше преку примери, чии пластични квалитети не автономните тенденции на деценијата, на пример амбиенаталната скулптура, примарните структури, сиромашната уметност итн. Главен акцент е ставен на проблемот, актуелен и инициран и од самите автори, профилиран како констатација дека скулпyрата или сликата излегуваат од конвенционалните рамки и се конституираат како објект, што е последица на многубројните експерименти и на промени во овие медиуми, особено во скулптурата.

Модерниот сензибилитет на светската сцена, пренесен преку овие уметници, чија реакција на случувањата на ова поле и чија стварност е одраз на личните сознанија и чувства, е манифестиран во духот на времето со креирање на сопствен ликовен симбол и на универзалното, истовремено. Нивните дела се интегрирани со искуствата на новата скулптyра во која се случија радикални измени во проблемското средиште, не само со напуштањето на антропоморфизмот, туку и со менувањето на нејзиниот онтолошки статус – со доближување до другите ликовни дисциплини. Една од реакциите е и појавата на слободниот облик, преминувањето на отворена и динамична форма или површина, факт што дозволува широки композициони можности, при што е значаен и говорот на материјалот.

Релацијата меѓу фигуративното и апстракното е веќе дефинирана, но од некои примери се гледа дека рамнотежата меѓу пластичното и иконографското не е воспоставена, бидејќи фигуративното често преминува во асоцијативно, а асоцијативното во чист пластичен поредок. Напорите за напуштање на кодифицираните модели, но не и на суштинските ознаки, уште во 50-тите години, а и порано, раѓаат една стилска дифузија, особено ако се констатира потеклото на промените.

Во модерната скулптура се тргна од принципот на морфолошка редукција, преку искустватана кубизмот и на од него поттикнатиот онструктивизам (правци кои што први раскинуваат со традиционалните вредности), во натамошната еволуција ја има логичката консеквенца на асоцијативна и на крајот апстрактна Форма. Понатаму, нејзината орентација се насочува кон психолошки или чисто естетски содржини, без напнатост кон ликовни и пластични односи кои делуваат сами по себе. Облиците веќе не се проекција на митското или архетипското. Нивната симболичка и знаковна порака постепено се заменува со оптичко-тактилното искуство на денешнината, со поставувањето на чисто пластични проблеми (но не само како формалистичка игра), произлезени од барањето на оваа внатрешна рамнотежа во класичната геометриска апстракција.

Проширувањето на границите на модерниот сензибилитет се гледа и во влијанието на материјалот врз карактерот на формата приспособен на функцијата и значењето на самата идеја. Доминираат творбите изработени во метал, кој лесно се конструира, извлекува, витка или кове, потоа на оние од дрво, од готови и синтетички материјали. Примената на овие материјали е желба да се надминат важечките формули, а тоа се однесува и на идејата за фронталност. Оддалечувањето од скулпyралниот принцип, на делото како изолиран објект на постамент, му е „одземена“третата димензија и е приближено до сликарството. Истовремено и сликарството се допира до релјефот и волуменот. Но не со цел да се дојде до нивна синтеза, тоа едноставно се настојувања за визуелно-тактилен впечаток и реален простор. Всушност, она што ја одликува повоената ситуација, посебно во скулпyрата е решителноста да не се припаѓа на ниедно движење, да се остане уметнички “слоболен мислител” (Х.Рид) … ја отежнува класификацијата која е принудена да се задржи на дескриптивното. Тоа важи и за изложените дела.

Прикажан е поширок спектар на изразни можности – од затворен волумен, преку слободно ширење на масите во просторот до нивна дезинтеграција и претворање на формата во линија и ритам. Го применуваат редуктивниот метод, главно со геометриска транспозиција и со чисто пластични склопови на елементите. Без разлика на материјалот во кој се реализирани, тоа се апстрактни облици. Организирани се мошне прцизно, претворени во конструкции или тродимензионални структури по углед на колажните решенија и на релјефот. Често тие се едноставни композиции, орнаменти на разни површини и ритмови, еднодимензионални или плошнати објекти со мазна или груба, најчесто монохромна фактура. Додека кај некои дела асоцијативното значење е одредено, кај другите тактилната градба ја задоволува оптичката и кинетичката сензација, резултати на конструктивизмот и на современата технологија на новите изразни средства. Со отворањето на дотогаш неизразените пластични димензии, кои привидно ја напуштаат класичната дефиниција и класичното начело на неподвижна скулптура, впечатоците настануваат како асоцијација на движењето или потекнуваат од изворот на светлоста. Тие не се затворени и не се сместени во строго оцртан простор. Тоа се уметници што ја одразуваат уметноста во која се преминуваат границите на платното или волуменот на скулпторското дело. Намерата на оваа изложба е да се презентираат некои настојувања на седмата деценија настанати како рефлекс на наведените карактеристики, што самите нив ги дефинира во рамките на „објектуалните“ тенденции.

 

Кустос: Марика Бочварова Плавевска

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

Албан Муја - Линијата што избледнува: Приказни за работ на легалноста

07/06/2024 – 28/08/2024

Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил

28/05/2024 - 02/09/2024

Аквизиции – Донации 2022-2023

18/05/2024 - 25/08/2024

Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје

21/03/2024 – 29/09/2024