27/09/ 2018 - 25/02/ 2019
Изложбата „Конекции во колекциите – италијанско-македонски паралели“ се обидува да прикаже можни ликовни врски меѓу делата од италијански и македонски автори застапени во колекцијата во Музејот на современата уметност-Скопје. Повеќето од овие дела во себе носат различни социјални, економски, културни предзнаци и историски белег од времето кога се создадени, но една од универзалните карактеристики на модернизмот е подеднаквиот ентузијазам со кој уметниците од двете земји пристапуваат кон раскинување на врските со дотогашните ликовни предлошки и приклучување на панорамата на стилските развои во светската уметност.
Во изложбата се вклучени две значајни колекции во Музејот на современата уметност: италијанската, која ги вклучува делата на Алберто Бури, Енрико Бај, Корадо Каљи, Ренато Гутузо, Ѓузепе Капогроси, Еторе Кола, Никола Карино, Лука Патела, Виторе Барони, Франко Фонтана и други; и македонската колекција меѓу кои се делата на Петар Мазев, Душан Перчинков, Петар Х. Бошков, Симон Шемов, Танас Луловски, Ордан Петлевски, Кирил Гегоски, Ирена Паскали, Борис Шемов и др.
Оваа транс-историски конципирана изложба, заснована на индивидуален кураторски избор, прави и извесни исчекори од модернизмот, следејќи ги подоцнешните дела од колекцијата според одредени ликовни аналогии и контекстуализации. Во нив делата на места резонираат себе-објаснувачки и врската меѓу нив е брза и отворена, но за некои од нив е потребно попроникливо читање на тематската или стилската поврзаност.
Куратор: Бојана Јанева-Шемова
14. Биенале на млади уметници | БУДЕЊЕ
06/04/ 2023 - 26/05/ 2023
Пејзаж на вознемиреност
09/03/2023 - 06/04/2023
Петар Лубарда: Дела во збирките на МСУ Скопје
01/03/ 2023 - 31/03/ 2023
Дритон Селмани: Лаењето на облаците не ги вознемирува кучињата
04/11/ 2022-25/02/ 2023