Во време кога сликите, информациите и дигиталните искуства циркулираат со досега невидена брзина, Имерзивна трансформација на глаголицата на Лазе Трипков отвора простор за побавно, подлабоко и покритичко промислување. Поставена во Музејот на современата уметност – Скопје, изложбата не и пристапува на технологијата како на спектакл, туку како на медиум преку кој културната меморија, идентитетот и човековото присуство можат повторно да се преиспитаат во современите дигитални средини.
Во центарот на проектот се наоѓа глаголицата, најстарото словенско писмо. Во уметничкото истражување на Трипков, таа не се третира само како историски артефакт, туку како жива структура на значења преку која повторно се активираат прашањата за меморијата, идентитетот, духовноста и дигиталната субјективност.
За кураторката Ленка Сикорова, оваа трансформација го поместува глаголичкиот знак од историска визуелна форма кон „живо наративно искуство“. Нејзиниот кураторски пристап го разгледува начинот на кој типографијата може да ги активира меморијата и идентитетот, како и потенцијалот на имерзивните технологии да им овозможат на културните кодови да останат релевантни преку нови форми на доживување.
Изложбата ја трансформира буквата од статичен знак во активно искуство. Преку плакати, тридимензионални објекти, анимација, проширена и виртуелна реалност, просторен звук, хаптичка повратна информација и интерактивни средини, глаголичките знаци излегуваат од рамната површина. Посетителот повеќе не е само набљудувач; телото влегува во делото и станува дел од процесот во кој се создава значењето.
Изложбата се развива низ постепена драматургија: од печатениот плакат и просторните објекти, кон анимацијата и мултисензорните имерзивни средини. Наместо едноставна хронологија на медиумите, ова движење постепено ја укинува дистанцата меѓу човекот, писмото и просторот.
Кокураторот Владимир Јанчевски го поставува овој дијалог во она што го опишува како „сликата низ процепите на архаичното и новото“. Формулацијата ја доловува една од клучните тензии на проектот: глаголицата е длабоко вкоренета во историјата, но нејзините форми поседуваат силна визуелна автономија што им овозможува убедливо да функционираат и во современи дигитални средини.
Издвоени од страницата на ракописот, зголемени, анимирани и внесени во простор, буквите стануваат средини, портали и одзивни дигитални тела. Тие истовремено делуваат древно и современо, сугерирајќи дека културното наследство не опстојува само преку негово непроменето зачувување, туку и преку постојана реинтерпретација.
Иако изложбата користи напредни дигитални технологии, нејзиниот фокус останува суштински човечки. Имерзијата тука не се разбира само како сетилно дејство, туку како културна и емоционална состојба — начин да се влезе во меморијата, да се преиспита идентитетот и наследството да се доживее како нешто живо и во постојан развој.
Преку дијалогот меѓу уметничкото истражување на Трипков, акцентот на Сикорова врз „живото наративно искуство“ и промислувањето на Јанчевски за „архаичното и новото“, изложбата ја поставува културната меморија како нешто динамично — наследено, отелотворено, преиспитувано и постојано одново создавано.
Глаголицата, на тој начин, не се враќа како остаток од историјата, туку како активен современ медиум способен да создава нови значења во сегашноста.
Да се започне, уште еднаш
За почетокот и крајот не мoже да се зборува без да се западне вo длабока расправа oколу кoнтекстот и мрежата на релации. Ако крајот е на почетокот, тогаш ние навистина немаме што друго освен да продолжиме. Почетокот на 20 век го одбележаа редица драматични настани и пресвртни моменти во политичка и технолошка, но и во уметничка смисла, правејќи ја очигледна нивната неизбежна меѓузависност. Наместо во служба на владејачките елити, модерниот концепт за уметникот отвори простор за индивидуално изразување надвор од контролата на метанаративот на моќта.
Визуелната култура во проширеното поле, денес неизбежно се разгледува во контекст на појавата на фотомонтажата и масовната дистрибуција на печатените медиуми – неговата употреба во јасно и прецизно дефиниран политички коментар, најчесто сфатена како визуелни (не)уметнички интервенции. Преку повеќе сегменти кои се фокусираат на различни тематски целини и периоди е насочена да актуелизира некои од дебатите за моќта и функцијата на сликата и улогата на визуелната култура. На увид се специфичните процеси на контрола на визуелните содржини и нивната интерпретација, а особено на начините преку кои креативните процеси на сликотворење можат критички да се ангажираат во насока на регенерирање на општествената сфера и заштита на заедничкото јавно добро во специфични комплексни историско-политички моменти.
На изложбата можат да се видат авторски дела на голем број автори како Џон Хартфилд и неговите современици Жозеп Ренау, Мануел Монлеон, Борис Клинч, но и следната генерација претставена од Хектор Католика, Клаус Штек, Питер Кенард, Клод Белажон… Вклучени се и дела на повеќе анонимни автори, преку плакати, весници и списанија, како и литература поврзана со темата.
Покрај нив можат да се видат и дела на значајни современи уметници како Армандо Лулај, Групата ОПА, Игор Тошевски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Томато Кошир, Дритон Селмани, The Yes Men… На изложбата, исто така се вклучени и дела од колекцијата на МСУ-Скопје, кои најчесто не биле изложувани во контекст на нивната специфична автентична реакција на општествено политичка ситуација како оние на Хоан Рабаскал, Квак Дак-Џун, Лино Фиoки, Петар Лубарда и други.
* Избор од колекцијата на кураторот Владимир Јанчевски која вклучува: книги, постери, списанија, картички, фотографии, графики и други печатени изданија.
Куратор и текст: Владимир Јанчевски
Координатор на продукција: Љупчо Иљовски (кoнзерватoр МСУ)
Соработници за МСУ колекција: Ива Димовски, Благоја Варошанец
Изложбен дизајн: Игор Тошевски и Владимир Јанчевски
Координација: Фанољ Адеми
Техничка реализација: Јордан Арсовски (МСУ), Марјан Ѓорѓиев (НГ), Марко Петрушевски
Гафички дизајн: Илиана Петрушевска
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија
Изложба на Игор Тошевски и ОПА (Опсесивно посесивна агресија)
__операција: Конечно!
Оперативни дејствија врз постојаното зјапање во ѕидот на историјата
Интересно е што денес, иако често го слушаме тврдењето дека „ништо не може да се направи“, всушност сè продолжува да функционира. Институциите работат, изложбите се отвораат, делата се намножуваат, музеите собираат и презентираат, кризите се продлабочуваат, воените конфликти се разгоруваат, а историјата изгледа закочена. Проблемот повеќе не е крајот на историјата, туку чувството дека бесконечно бесцелно продолжуваме. Таа состојба е повознемирувачка и од изгледите за дефинитивна катастрофа. Како да се наоѓаме во чуден бекетовски круг.
Веќе долго време ги слушаме барањата современата уметност да биде политички ефикасна, општествено ангажирана, етички одговорна, економски одржлива и институционално релевантна, без притоа темелно да ги преиспитува условите во кои функционира. Во сегашната криза на легитимитетот тие барања стануваат сè попарадоксални, бидејќи уметноста повеќе не може да ја врати романтичната позиција на автономното дело како место на вистината. Ниту целосно да се потпре на Брехтовиот чекан што треба да го обликува светот. И што се случува кога тој чекан ќе престане да функционира? Повторно сме пред прашањата за вистината и функционалноста.
Сепак, некои уметници опстојуваат. Не затоа што мислат дека ќе го спасат светот, туку затоа што самата упорност станува начин за тестирање на границите на претпоставената неизбежност, на бесконечното истрошување што Марк Фишер го опиша како „капиталистички реализам“. Ако уметноста денес сè уште има улога, таа можеби лежи во прекинувањето на оперативните рутини преку кои сегашноста бесконечно се репродуцира. Дури и најмалото двоумење, (не)намерното погрешно преведување, поместување или прекин на очекуваното може да отвори пукнатина во реалноста во која се инсистира дека нема алтернатива.
Но денес како самиот свет да станува огромен оперативен механизам. Што да се прави кога сликите повеќе не служат да бидат видени, туку да управуваат дронови, да тренираат алгоритми, да анализираат тела и лица, да носат одлуки? Алгоритамската логика има тенденција да ги надмине сите аномалии, а со тоа просторот за уметноста се стеснува. Прашањето повеќе не е дали уметноста ќе стане алатка или оружје, туку како да ги направи видливи механизмите што веќе непречено работат. Можеби денес уметноста повеќе не е ниту огледало, ниту чекан. Таа не наликува ниту на темна комора во која постепено се појавуваат скриените слики на светот. Тоа што Валтер Бенјамин го нарече „оптичко несвесно“ на фотографијата, можеме да го прошириме кон едно современо оперативно несвесно: тавтолошка конструкција од протоколи, институционални рутини, јазици, бази на податоци, алгоритми и економии на вниманието што незабележливо ја обликуваат перцепцијата. Во таа смисла, изложбата „Прекин во тек“ се појавува во вистински момент, бидејќи уметниците не се занимаваат ниту со претставување на реалноста ниту со нејзино директно менување, туку со нејзината оперативна мрежа. Не со тоа што работите значат, туку како функционираат.
Изложбата „Прекин во тек“ е сочинета од дела на Игор Тошевски и ОПА (Опсесивно посесивна агресија), кои го покажуваат континуитетот и комплементарноста на нивните практики, односно продолженото траење на делата низ реконтекстуализација и преобмислување.
„Леонардо или Микеланџело?“ (2012) е проект на ОПА претставен преку серија фотографии и еден чуден осврт, што го истражуваат јавниот режим на видливоста и исклучувањето во светот на уметноста. Наместо изложба, ОПА конструира настан чиј вистински предмет се медиумската циркулација, ексклузивноста, поканата и гласините, играјќи си со желбата да се биде присутен и фрустрацијата да се биде исклучен. Делото се случува како комуникациски протокол, откривајќи дека симболичката вредност се создава и без непосредна средба со него. Денес фотографиите остануваат спорни траги од настанот и повторно отвораат простор за шпекулација околу она што (не) се случило. „Драги Јехона и Владимир, оваа кутија содржи 5000 денари“ (2018) е објект во кој се вкрстуваат подарокот, парите, довербата и личниот однос. Наместо да ја претставува економијата на вредноста, преку самиот објект ја изведува. Делото, досега неизложено, го поставува прашањето каде се наоѓа уметничкото дело и покажува дека вредноста не е содржана само во објектот, туку се создава низ неговата потенцијалност и мрежата на односи што гестот ги активира, како ироничен коментар за поврзаноста меѓу светот на парите и светот на уметноста.
Со „Помеѓу II“ (2026) Игор Тошевски го продолжува истражувањето започнато со проектот „Помеѓу“ (2016), но го поместува кон уште поневидлив слој на музејот. Наместо оригиналните дела и нивното прикривање, појдовна точка стануваат инвентарните описи на избрани дела од Музејот на современата уметност во Скопје. Тие административни текстови, создадени да документираат, преку моделите на вештачка интелигенција произведуваат нови слики. Проектот не ги реконструира опишаните дела, туку ги истражува несовршените, но продуктивни преводи помеѓу јазикот и сликата. Она што се појавува е нов визуелен објект создаден од недоразбирањето помеѓу човечкиот опис и машинската интерпретација. Во инсталацијата „Секој исказ гради соба“ (2011/2016) Тошевски укажува дека јазикот повеќе не произведува само слика, туку простор. Насловот, инспириран од Витгенштајн и неговото разбирање дека јазикот не е огледало на светот, туку услов за неговото појавување, ја придружува инсталацијата составена од црвен тепих под кој останува сокриен непознат предмет. Секоја реченица отвора можност за смисла, но истовремено создава и сопствена слепа точка. Под секоја артикулација останува нешто што не може целосно да биде кажано.
Најновата интервенција на ОПА, „Излет од историјата“, е фотографија во голем формат што прикажува едвај забележлив детал: вертикална рачка на влезна врата и едноставниот двојазичен натпис „влечи“. Одвоена од целината, фотографијата го претвора функционалниот елемент во место на неизвесност. Императивот повикува на дејство, но без јасна насока. Во контекст на изложбата и музејот, „Излет од историјата“ не означува бегство од историјата, туку нè соочува со апсурдот на нејзиното автоматско одвивање. Делото го поставува прашањето дали е можно да се отстапи од однапред зададената траекторија. И како? Особено кога пред нас има ѕид.
Оттука и одлуката изложбата да биде поставена токму во фоајето на Музејот на современата уметност, местото каде што институционалниот механизам започнува да функционира уште пред да се влезе на изложба. Фоајето, или ако преферирате лобито, неизбежно асоцира и на лобирање – невидливите механизми на влијание, преговарање и создавање вредност. Музејот овде не е неутрален простор, туку речиси невидлив оперативен систем. Изложбата не го зазема главниот изложбен простор, туку се појавува пред неговиот праг – токму на местото што не може да се одмине. Во овој оперативен простор, делата на ОПА и Игор Тошевски се одделни целини, но и пунктови за истражување на механизмите преку кои современата уметност добива видливост, вредност и значење. Заедно, овие пет дела исцртуваат мапа на операции поврзани со видливоста, размената, преводот, прикривањето и исчекувањето. Тие не ја илустрираат теоријата, туку ја придвижуваат. Затоа во овој текст можат да се препознаат одгласите на Мартин Хајдегер и неговиот „скршен чекан“, Брехтовиот чекан, Валтер Бенјамин, јазичките светови на Лудвиг Витгенштајн, институционалната критика на Ханс Хааке и Андреа Фрејзер, оперативните слики на Хито Штаерл и машинските визии на Тревор Паглен. Но овие имиња не се повикани да ги оправдуваат делата. Тие се точки на ориентација во полето каде што уметничката практика повеќе не се стреми само да ја претставува реалноста или да ѝ се спротивставува, туку да ги открива, прекинува и повремено да ги пренасочува операциите преку кои таа постојано се конституира.
Сигурно е дека „Прекин во тек“ не означува дефинирана состојба. Прекинот и текот не само што не се извесни, туку можеби се содржат еден во друг. Тоа е ироничен коментар на состојбата во која постојано очекуваме нешто конечно да се случи, додека механизмите непречено продолжуваат да работат. Вредноста на овие дела е токму во тоа што го прават видливо она што најчесто останува во позадина: начините на кои се продуцираат сликите, функционираат институциите, се создаваат вредностите и се обликуваат условите на нашето гледање. Ако денес уметноста сè уште има критичка улога, таа не е само да го одрази светот, ниту да го промени со еден голем удар. Не треба да биде ниту огледало, ниту чекан, ниту темна комора, туку динамично поле што нè поттикнува да ги забележиме невидливите оперативни системи. Уметноста има смисла ако барем понекогаш успее да создаде мал прекин во безмилосно непрекинатиот тек на нештата.
Владимир Јанчевски
Игор Тошевски ја третира уметноста како функционална алатка за деконструкција на структурите на моќ, преиспитувајќи го сложениот пресек меѓу политичкиот авторитет, постсоцијалистичкиот контекст и слободата на изразување. Преку проектите како „Досие“, „Обврзување“ и „Територии“, тој систематски ги проблематизира државната пропаганда, цензурата и границите на институционалното изложување. Често ги користи масовните медиуми за да го преиспита концептот на оригиналност и сопственоста над колективната визуелна историја, лоцирајќи го значењето во релацијата помеѓу информацијата (текстот) и нејзиниот визуелен носител (сликата).
ОПА (Опсесивно посесивна агресија) е уметничка соработка основана од визуелните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Поаѓајќи од интересот за контекст-специфичното, потенцијалите на јавниот простор, јавната сфера и јазикот на маркетингот, практиката на ОПА се развива преку интервенции, тактички медиуми, мокументарци и стратегии на субверзивна афирмација, со цел критичко преиспитување на општествените, идеолошките и институционалните механизми на моќ. Низ дел од своите проекти ОПА ја користи уметноста како платформа за јавна дебата, создавајќи ситуации во кои границите меѓу фикцијата и реалноста, уметноста и политиката, стануваат намерно нестабилни.
Насловна илустрација: ОПА, „Излет од историјата“, 2026, дигитален отисок
Наспроти силата на нужноста што го организира доминантниот општествен и политички поредок, оваа изложба предлага да (го) мислиме со телото како анархично – како жива, динамична и мислечка материјалност што не може да се сведе на стабилен идентитет, функција, судбина или форма. Наместо индивидуализирано и приватизирано единство, телото овде станува процес: фрагментирано, прекршено, изложено на други тела, технологии и средини, во постојано постанување. Новосоздадените дела на уметниците го истражуваат токму ова поле на нестабилност. Телото се појавува како релација, како афект, како глич, како линија, како дипла, како отворена структура што одбива да се затвори во себе. Наместо репрезентација, овие дела нудат апстракции на телесноста. Не како оддалечување од телото, туку како негово распрснување во повеќекратни можности на (со)појавување.
Инспирирана од квир, феминистички и деколонијални перспективи, изложбата евоцира помалку познати, подзаборавени или, пак, ризични архиви, фигури и форми на живот, вклучувајќи ги: дивото, и нарушувањето на желбата во еден постприроден, простетички и антителеолошки свет; различните транс* тела, дисидентите на полово-родовиот систем, дилдо контрасексуалноста и телесните родови експерименти; екстравагантноста и ексцесивноста на либидиналната економија отаде модерната сексуална класификација; своеглавите и инаетливи тела на непослушните деца, девојчиња и лезбејки; црните изопачености во расистичка Америка, или, пак, прекрасните експерименти на слободно живеење и секојдневната анархија на обичните црни девојки и жени како отпатни животи отаде антицрниот свет на белиот полициски либерализам и респектабилност.
Изложбата ѝ пристапува на телесноста како нешто што не мора да биде целосно видливо и читливо. Напротив, инстира на правото на непроѕирност. Во таа смисла, квир перспективата не се јавува само како прашање на идентитет, туку како поетска и политичка сила што ги разградува нормите и класификациите на родот, сексуалноста и телесната кохерентност, отворајќи простор за дивата сила на плотта, за множественост и непредвидливост. За прекрасни импровизации и изведбени експерименти, за реконфигурации на сензибилното, и одбивање на управувањето.
Да се мисли со анархични тела значи да се прифати да бидеме нецелосни. Не едно, туку распрснати во кореграфиите и еротизмот на бегството, во цик-цак линии кои се измолкнуваат на линеарноста на оваа изложбена поставка.
Куратор: Славчо Димитров
Застапени уметници: Дарко Алексовски, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ, Христина Иваноска, Јован Јосифовски, Александра Петрушевска и Тереза Лазарев, Јане Чаловски
Изложбата е дел од Фестивалот за квир уметност, култура и теорија – Skopje Pride Weekend 2026
Насловна фотографија: Ѓорѓи Десподов, „Проба за тело.обј“, 2026, релјеф, 65×30 см, 3-Д печатена пластика (PLA) со примена на флокирање, гравиран акрил (фотографија: Жарко Чулиќ)
ТАПЕТИ: Уметнички дела и тапети од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје и ЕВН колекцијата од Австрија.
Со доаѓањето на модернизмот, просторот се сведува на позадина, станувајќи неутрален, тивок, речиси невидлив. „Белата коцка“ беше обична сцена за уметност која се стреми да се ослободи од орнаменти и декор. Истовремено, во 20 век се појавија архитектонски изрази во стилот на павилјони со стаклени фасади кои дозволуваат погледите да се одвиваат, а ентериерот и екстериерот да се прелеваат еден во друг.
МСУ во Скопје како и седиштето на EVN во Марија Енцерсдорф во близина на Виена, Австрија ги делат таквите архитектонски карактеристики на модернизмот. За ходниците на австриската зграда од 1960-тите, беше развиен исклучителен концепт, започнат во 2018 година: уметниците беа ангажирани да создадат наменски дизајнирани тапети за разни ѕидови, создавајќи острови за изложби на избрани дела од корпоративната колекцијата. Таа постои од 1995 година, курирана е од Уметничкиот советодавен одбор и го става својот фокус на меѓународната современа уметност. За изложбата во 2026 година во МСУ во Скопјe, оваа поставка за прв е пренесена во поинаква средина. На приземјето на музејот поставени се мобилни ѕидови, со избрани тапети и уметнички дела од евн колекцијата, во комбинација со дела од колекцијата на МСУ. Тие го пробиваат не само планот на зградата, туку и модерната претстава за неутралност и објективност. Преклопните паравани се претставуваат во просторот како скулптури и истовремено, како носачи на слики. Тие се отвораат и затвораат, откриваат и прикриваат.
Ова создава транзиции наместо граници, дијалог наместо разграничување. Се среќаваат различни гласови, бои и текстури, времиња и начини на размислување. Некогаш строгата јасност се трансформира во лавиринт од впечатоци – повеќеслојни, отворени и во постојана промена.
„Тапети“ ги спојува уметничките дела од различно потекло. Темите, субјектите и уметничките ставови од неколку генерации се пресекуваат и се информираат, правејќи ја видлива универзалноста на уметноста и уметничкото производство.
Кураторски тим: Брижит Хак, Хајке Мајер-Рипер, Маркус Шинвалд, Томас Д. Трумер, Благоја Варошанец;
Кураторска помош: Ива Димовски, Мартин Ембахер, Никола Мартиновски
Концепт за дизајн на изложбата: Маркус Шинвалд
Продукција и реализација: Мартин Ембахер, Лиси Зајнингер
Визуелизација на дизајни на тапети: Кристин Шмауцер
Организација: Наталија Мејанџиева, Никола Мартиновски
МСУ Скопје – графички дизајн: Албана Бектеш
Асистенција за евн колекцијата: Бенџамин Кос
Мобилни ѕидови: Монозеро ДООЕЛ-Скопје
Печатење: ИДЕА Плус 360° Комуникации
На насловната фотографија: Во преден план скулптура од Насо Беќаровски, Победник, 1974, метал, од збирките на МСУ Скопје; во позадина: Елизабет Бакамбамба Тамбве, Денот кога го убив Елвис (Тапет), 2020, тапет, повторена шара, дигитално монтирана од монтирана фотографија како извор; нарачка за збирките на ЕВН, 2020
Фотографија: Маркус Кротендорфер
Изгледи од изложбата: https://www.tapeti.at/en/exhibition-views/
Патувачката изложба на Јапонската фондација претставува 80 објекти, градежно-инженерски проекти и пејзажи од сите 47 префектури во Јапонија, кои се претставени преку фотографии, текст и видео. Таа претставува еден ретко прикажуван аспект на Јапонија, земајќи ја изградената средина на различните региони на земјата која е географски разновидна и често погодена од природни катастрофи. Целта е да се разгледа искуството од тоа како Јапонците се вклучиле во справувањето со природната средина и како продолжиле и создале локалитет.
Претставувањето на изложбата во Македонија е реализирано во соработка на Музејот на современата уметност, Јапонската фондација и Јапoнската амбасада во Северна Македонија.
Насловна фотографија: Индустриска област на Кеихин. Фотографија: Кен Охајама
„МСУ ремек-дела за сите“ – иницијатива посветена на поголема пристапност до современата уметност.
Mултисензорната еднодневна изложба „Музеј во куфер“ e составена од тактилни реплики на 11 внимателно избрани дела од колекцијата на МСУ, реализирана во рамките на проектот „МСУ ремек-дела за сите“ – иницијатива посветена на поголема пристапност до современата уметност. Проектот беше реализиран преку серија на меѓусебно поврзани активности насочени кон подобрување на пристапноста и инклузивноста на МСУ за посетителите со оштетен вид и слух. Имплементацијата вклучуваше соработка меѓу персоналот на музејот, национални и меѓународни експерти, партнерски институции и целни групи корисници, осигурувајќи дека кон музејската инклузија се пристапува целосно и одржливо.
Проектот вклучува изработка на „МСУ Студија за пристапност“ во соработка со експерти од областа на музејска инклузија: Д-р Ирена Ружин (С. Македонија) и М-р Жељка Сушиќ (Хрватска), „Обука на музејски кадар за зголемена музејска пристапност“ во МСУ-Скопје од страна на Д-р Ирена Ружин, М-р Жељка Сушиќ, М-р Жељка Боснар-Салихагиќ од Тифлолошкиот музеј, Загреб (Хрватска) и м-р Јове Парговски (С. Македонија). Изработен е и “музеј во куфер“, составен од тактилни реплики на дела од МСУ колекцијата, НФЛ тагови од м-р Јове Парговски, со звучни описи на Брајово писмо и видеа со знаковен јазик за сите дела. Вклучени се и 3 уметнички дела во 3Д инспирирани од тактилните слики.
Партнери на проектот се Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ – Скопје и Здружението на лицата со телесен инвалидитет на Скопје „Мобилност“.
На настанот свое обраќање имаше кустосот Бојана Јанева, која со својата посветена работа во полето на инклузијата отвори ново поглавје во дејноста на Музејот на современата уметност.
Проектот е поддржан од Балканската музејска мрежа преку Хедли фонд за културно наследство на југоисточна Европа, Велика Британија, како и од Министерството за култура и туризам.
Фотографии од Филип Лафазановски.
Изложбата обединува австриски и македонски уметници кои ја истражуваат врската меѓу човекот и природата во ерата на антропоценот.
Планетарната климатска криза денес се манифестира со сè поголема загриженост. Екстремните временски појави и нивните разорни последици трајно ја менуваат нашата романтичарска претстава за „чистата природа“. Како реакција на овие промени, мултимедијалната изложба Допри ја природата ги обединува австриските и македонските уметници кои заземаат јасен став кон последиците од Антропоцената. Нивната работа не се ограничува само на документирање и артикулирање на отпор кон експлотацијата на природата, туку создава и поттикнувачки стратегии за суштинска промена на погледот кон светот. Преку нивните дела, уметниците нудат визии исполнети со надеж, нови можности за однос меѓу човекот и светот, засновани на внимателност, почит и одговорност кон животната средина.
Човештвото одамна ја загуби илузијата дека стои над природата и владее со неа. Луѓето не можат да се разберат како одделени од својата околина, туку само преку нивните сложени односи со другите живи битија. Уметниците го истражуваат ова преплетување преку традиционални медиуми сликарство, цртеж, фотографија, видео и скулптура, но и преку нови практики како био-уметноста, која вклучува активно учество на не-човечки организми во процесот на создавање. Тие сè почесто излегуваат од традиционалните изложбени простори, поврзувајќи ја својата работа со групи за живитната средина како и еко-феминистички движења. Така настануваат еко-уметнички проекти што ги спојуваат уметничкото истражување и еколошкиот активизам. Овие проекти често се резултат на интердисциплинарна соработка со научници од различни области, кои се занимаваат со теми како економската
експлоатација на земјиштето, прекумерното урбанизирање, глобалното влијание на потрошувачките навики, ширењето на епидемиите и истражувањето на живите организми и генетиката. Серијата изложби Допри ја природата, која досега е претставена на 13 австриски културни форуми во соработка со галерии и музеи од Европа и од САД, се надоврзува на увидите на Александар фон Хумболт, пионер на еколошката мисла и основоположник на климатологијата, екологијата и океанографијата. Во 1810 година тој му ги напиша на Јохан Волфганг фон Гете славните зборови: „Природата мора да се почувствува.“
Куратор: Сабин Фелнер
Асистент на кураторот: Лоренц Фелнер
Уметници:
Џудит Вагнер, Нада Прља, Петре Николоски, Ирена Паскали, Михаел Ендлихер, Донја Алипур, Елена Кристофор, Аника Ешман, Марен Јелеф – Kлаус Пихлер, Моника Л. Локашо, Алфред Хрушка, Принцпод, Елизабет фон Самсонов, Нивес Видауер, Едгар Хонетшлегер, Моника Пихлер, Мариелис Сеjлер, Анета Светиева
15. БМУ е двогодишно, process-based биенале, курирано од уметницата и кураторка Нада Прља и кураторот и едукатор Себастијан Чичоцки. Биеналето ќе се отвори на 18 ноември 2025 година (во МСУ – Скопје) и на 28 ноември 2025 година (во Музејот на Македонија и ОУ Ј.Х. Песталоци), развивајќи се низ четири поглавја што ги одразуваат промените на годишните времиња.
Поглавје 1
Утрото започна вчера
Куратори: Нада Прља во соработка со Себастијан Чичоцки
Поглавје 1.1
Локација: Музеј на современата уметност – Скопје
Отворање: 18.11.2025 at 19:00 со перформанси на Сергеј Калеников, Јулија Кастелучи и Кристина Таневска
Траење на изложбата: 18.11.2025 – 28.11.2025
Учесници: Џемилиана Абдулова (Скопје), Бетул Аксу (Измир/Лондон), Ренеа Беголи (Приштина), Ангела Бошевска (Битола/Скопје), Ѓорѓи Десподов (Прилеп/Хаг), Наталија Гучева (Скопје/Гент), Драгана Заревска (Кратово/Прага), Јулија Кастелучи (Белград/Милано), Сергеј Калеников (Скопје), Габриела Кичор-Бентковска (Варшава), Ана Лазаревска (Скопје), Изабела Левенска Миљаниќ (Скопје), Милчо Манчевски и 1AM Group (Скопје) [потсетување на првото БМУ од 1987 година], Јана Николоска (Скопје), Марина Саковска (Познањ), Душан Стефановски (Скопје) и Кристина Таневска (Скопје).
Изложбата ги истражува начините и процесите преку кои емоциите и интимноста се создаваат, изразуваат и доживуваат во рамките на визуелната и социјалната естетика на современиот живот. Таа се фокусира на тоа како новите кодови кои циркулираат во младинската култура го обликуваат нашето поимање на поврзаноста и личното изразување денес. Оттаму, преку дела кои црпат инспирација од детството или адолесценцијата, вклучувајќи музика, гејминг, аниме и други форми на пост-дигитални визуелни јазици, уметниците го испитуваат начинот на кој современите млади генерации ги конструираат и дефинираат чувствата во секојдневието. Изложбата обединува различни гласови кои ги предизвикуваат стереотипите и воведуваат нова слика на реалноста, реалност која веќе започна, и тоа вчера.
Изложбата во МСУ – Скопје (поглавје 1.1) е структуирана првенствено од дела на уметнички, кои се осврнуваат на теми карактеристични за женските искуства: несигурната и подредена положба на жените во патријархалното општество, рефлектирано во делото на Марина Саковска, или отпорот кон Grind Culture* прикажан во инсталацијата на Заревска и Десподов, до искуството на созревање во заедниците занемарени од „другите“, реферирано во делото на Абдулова. И покрај очигледниот пристап кон покласичните уметнички техники, како што се сликарството и цртежот, делата се спротивставуваат на конвенционалните структури и вредности, прифаќајќи ја емоционалната нестабилност и неизвесноста како нераскинливи состојби на современоста.
Како што вели една од учесничките, Наталија Гучева, опишувајќи го своето перформативно дело: „Создадено за да ги предизвика традиционалните општествени норми, делото нуди алтернативи во градењето на светови втемелени во шпекулацијата, создавајќи нова основа за колективно размислување“ кое го остварува и самата изложба.
Поглавје 1.2
Локација: Музеј на Македонија
Отворање: 28.11.2025 во 19:00 часот, со перформанси на Крсто Глигорјадис и Сергеј Калеников и со колаборативен проект на Марија Трпеска и Стефан Анчевски
Траење на изложбата: 28.11.2025 – 12.12.2025
Учесници: Крешник Арифи (Приштина), Ѓорѓи Десподов (Прилеп/Хаг), Естебан Девињо (Сен-Етјен/Париз), Мила Гавриловска (Скопје), Крсто Глигорјадис (Скопје), Ана Ликар (Љубљана/Франкфурт на Мајна), Милчо Манчевски и 1AM Group (Скопје) [посетување на првото БМУ од 1987], Марија Трпеска (Скопје) и Стефан Анчевски (Куманово), Марго Саркисова (Покровск/Грац) и Марина Саковска (Познањ).
Поглавјето 1.2 од 15. БМУ, организирано од Музејот на современата уметност – Скопје, е поставено во Историскиот оддел на Музејот на Македонија. Темелот на овој дел на биеналето произлегува од односот со времето, со минатото и со историјата. Во секое избрано уметничко дело, историското место станува субјект – кој бара повторно да се посети, да се погледне одново или да се преслуша, додека истовремено го отвора за дијалог со сегашноста или иднината. Преку ова „реанимирање“ на историски локалитети, објекти и наративи, изложбата го позиционира Музејот не како архивски простор на фиксирани значења, туку како простор каде времето се поместува, преклопува и проширува.
Делата на уметниците во изложбата произлегуваат од свесноста за притисоците и пукнатините што го обликуваат современиот живот: економска неизвесност, ослабени социјални односи, историска амнезија и ерозија на културното и материјалното наследство. Уметниците одново ги доведуваат во прашање воспоставените значења и вредносни системи, сфаќајќи го историското наследство како терен што еволуира. Во исто време, тие признаваат дека во отсуство на временска машина, историјата не може да се коригира или избрише, но сепак бараат симболични ресурси кои ни овозможуваат да продолжиме, бидејќи утре веќе започна вчера.
Поглавје 1.3
Локација: ОУ Ј.Х. Песталоци
Изложбата е наменета исклучиво за учениците и не е отворена за јавноста.
Траење: 28.11.2025 – 12.12.2025
Учесници: Ренеа Беголи (Приштина), Елена Димоска Николоска (Прилеп), Никола Ефремов (Скопје), Саре Ќерими (Скопје) и Марго Саркісова (Покровськ/Грац).
Поглавје 1.4
Долгорочни проекти на различни платформи и во јавни простори
Траење: 28.11.2025 – 28.11.2026
Учесници: Колектив „Бостание“ (јавна градина), Мила Гавриловска (фото архива), Изабела Левенска Миљаниќ (јавна и онлајн архива) сите од Скопје и ДНЛМ (јавна уметност) од Љубљана.
Поглавје 2
Лекции по не-воспитување
Водено од Себастијан Чичоцки во соработка со Нада Прља.
Aприл 2026 година.
. . .
Визуелeн идентитет: Естебан Девињауд
Фотографии: Мила Гавриловска
Учесници на 15-то Биенале на млади уметници
Проектот го реализира Музејот на современата уметност – Скопје, со поддршка на Министерството за култура и туризам. Пријатели на МСУ – Скопје: Австриска амбасада – Скопје и Тиквеш, Кавадарци.