Настани Кале – културна тврдина
EN

Кале – културна тврдина

07/10/ 2016

Свртувајќи го вниманието на неоткриените вредности содржани во големото и речиси потполно запуштено пространство, кое лебди над крововите и панорамата на Скопје, Музејот на современата уметност сака да предупреди на опасностите од кои Калето би можело многу брзо да прерасне во уште една жртва на агресивниот турбо капитализам, но и да трасира идеи и насоки за уредувањето на овој извонредно драгоцен јавен простор во името на општиот интерес на граѓаните на Скопје.

“Кале, културна тврдина” се занимава со архитектонско-урбанистичките аспекти на централното скопско брдо во потегот од тврдината до француските гробишта. Во постоечката ситуација, Калето го обележуваат две големи културни зданија: Средновековната тврдина и Музејот на современата уметност. Но и покрај нивните потенцијали за комплексна културна, едукативна, туристичка и рекративна понуда, Калето и овие зданија постојат во меѓусебно изолирани простори, со големи површини на дива и непристапна зелена површина, неадекватни привремени градби и со еден збор без соодветно урбанизирана содржина. Проектот Кале, културна тврдина е насочен кон барањето идејни решенија кои би ги поставиле основите за трансформација на Калето во едно гравитациски силно културно средиште.

Проектот се состои од:

> конференција > петок, 07.10. 2016, од 10,30 – 15,30 (програмата е во продолжеток на информацијата);

> изложба на магистерски и додипломски трудови на оваа тема одбранети на Арх. Факултет во Скопје > 07. – 17. 10. 2016;

> меѓународен конкурс за помлади архитекти за идејни решенија на оваа тема > ноември 2016 – февруари 2017

Вториот проект посветен на скопското Кале, насловен е “Скулптурално” и опфаќа осум скулпторски и site-specific инсталации во околината на Музејот на современата уметност. Како што упатува насловот, изложбата поаѓа од скулпторскиот медиум и истражувањето на неговите можности за интеракција и за обликување на отворениот јавен простор. Проектот е во извесна смисла потсетување на успешните и популарни “Интервенции во простор” кои во неколку наврати беа организирани во МСУ во средината на 1980-те години под водство на Симон Шемов и Кочо Фидановски. Целта на “Скулптурално” е да го иницира користењето и во иднина како редовна манифестација или во вид на поединечни проекти музејскиот парк и поширокиот простор на Калето за ефемерни скулпторски, архитектонски или мултимедијални проекти.

На изложбата се застапени следните уметници: Петар Хаџи Бошков; Симон Шемов; Јован Шумковски; Нада Прља, арх. Даниел Серафимовски; арх. Дејан Ивановски; Игор Тошевски и парот ОПА, односно Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска.

ПРОГРАМА на конференцијата:

7-ми октомври 2016 год.

10.30 – 10.35 Лазе Трипков, директор, НУ Музеј на современата уметност; (поздравно обраќање)

10.35 – 11.00 Зоран Петровски,НУ Музеј на современата уметност;
„Кале, културна тврдина“

11.00 – 11.30 Влатко П. Коробар, Архитектонски факултет – Скопје, УКИМ;
„Калето – град помеѓу градови“
(локалитетот Кале и неговиот простор во планската
документација на градот Скопје; место, улога и значење)

11.30 – 11.45 Дамјан Цингарски, архитект, вработен во Општина Центар;
„Локалната самоуправа и просторот на Калето“
(актуелните општински политики за просторот на Калето)

11.45 – 12.00 Аљоша Шопар, архитект, вработен во Град Скопје;
„Калето на градот“
(актуелните градски политики за просторот на Калето)

12.00 – 12.15 пауза за кафе / освежување

12.15 – 12.45 Ана Ивановска Дескова, Архитектонски факултет – Скопје, УКИМ;

„За вредноста на објектот на МСУ и неговата околина“

Музејот на современата уметност е еден од симболите на светската солидарност кон разурнатото Скопје – поради колекцијата на подарени уметнички дела од преку 40 земји во светот, но и поради изградбата на објект кој нив би ги вдомил, повторно во духот на меѓународата солидарност.
Позицијата на „храм на уметноста“ сместен на своевиден Акропол високо над градот, а во непосредна близина на средновековната тврдина, сведочи за неговата улога на статусен објект, која музеите на современа уметност и ја добиваат во втората половина на 20-тиот век. Позицијата на изолиран објект сместен во поширок зелен простор ги следи/претставува континуитет со постулатите на Модерната од една страна, а од друга отвара простор и упатува кон можноста за анимирање на околината во парк на модерната и современа скулптура. Денес, објектот е сеуште доволно флексибилен да вдоми различни поставки, а околината сеуште недоволно артикулирана да одговори на првобитната замисла. Оттука се наметнува потребата од нејзина ревитализација и ставање во функција на музејот, но и на една поширока културна и уметничка целина.

12.45 – 13.15 Јован Ивановски, Архитектонски факултет – Скопје, УКИМ, проследено со кратки излагања на студентите учесници во истражувањето;

„Проектански стратегии за Калето“

Во текот на речиси 70 годишната образовна и истражувачка активност на Архитектонскиот факултет во Скопје, повеќе генерации наставници од различни катедри и во повеќе наврати се занимавале со проучување на просторот на скопското Кале. На покана и во соработка со Музејот на современата уметност од Скопје, последните истражувачки проекти за овој простор се работени во рамки на темата насловена „Архитектонско репроектирање на објекти, места и простори“, a како завршна задача на студентите од вториот циклус на студии во учебните 2013/14 и 2014/15 година. Актуелната состојба на просторот на Калето, кој ниту е поврзан ниту е функционален и во кој не се ускладени односите помеѓу природниот пејзаж, архитектурата и јавниот простор, претставуваше поттик за негово ново читање, толкување и обликување. Основна цел на овие истражувања преку проект(ирање) беше да се тестира цел спектар на архитектонски стратегии (од прагматични до радикални), кои би биле насочени кон изнаоѓање на нови содржини и облици во кои постојните елементи на просторот истоверемено би биле и заштитувани (конзервирани) и развивани (менувани). Една поширока дискусија и интерпретација на добиените резултати е замислено да претставува појдовна точка за разговор во врска со можните иднини на овој вреден градски простор.

13.15 – 13.30 пауза за кафе / освежување13.30 – 14.00 Мароје Мрдуљаш, архитект, уредник на магазинот за архитектура и култура – ОРИС; Загреб, Р. Хрватска;

„За културните институции и нивните контексти во Хрватска“

Од втората половина на 20. век до денес, зградите за култура во Хрватска и посебно музеите се често градени како дел од стратегијата на урбаниот развој и ревитализацијата. Но, гледиштата за нивното учество во урбаниот живот се менуваат. Во периодот на модернизацијата, симболичко-културното значење на музеите ги следеше амбициозноста на архитектурата, а реализацијата на музеите често значеше и “завршен збор“ или “довршување“ на урбаната физиономија. Тие акции кои кулминираат со Музејот на современата уметност во Загреб не го поставуваа прашањето на елитистичкиот карактер на изложбените институции. Со преминувањето во пост-индустриската фаза, која во Хрватска коинцидира со пост-социјалистичкиот период се појавуваат нови пракси на урбаната ревитализација насочени кон рециклирање на напуштени, отфрлени или недовршени комплекси. Тие пракси се редовно проследени и со нов однос кон карактерот на институциите кои се осмислуваат структурно и архитектонски како понагласено инклузивни системи. Предавањето на оваа тема нема амбиција за градње на синтеза, туку нуди синоптички преглед на модерната и современата институција и на нејзините контексти.

14.00 – 14.30 Лучезар Бојаџиев, ликовен уметник кој работи со лични толкувања на општествените процеси, со градската визуелност и интервенции во јавниот простор, а се изразува преку инсталации, фотографии, објекти, цртежи, видео и перформативни предавања; Софија, Р. Бугарија;
„Места на мудроста“

Теоријата вели дека во еден град (земја, култура итн.) постојат места на заедничка меморија. Ова може да бидат музеите, спомениците, плоштадите, храмовите, светите места, местата на трагични настани и што уште не. Овие локации може да се обележани или необележани, означени од фолклорот или историјата; со помош на зборови, бајки или објекти: со помош на документација на уметнички настани итн. – тоа зависи од културата, градот и заедниците. Но иако местата ги споделуваме, меморијата за тие “места“ не мора да значи дека се споделува. Напротив, меморијата е различна и може да биде потполно спротивна. Во град со конфликтна меморија на заедниците, малцинствата, групите и колективите, фамиллите или индивидуалците ја сочинува всушност урбаната материја. Ова е основа за дијалог и преговарање во користењето на јавниот простор на еден град. Секој нов настан, секоја нова позиција, секое ново уметничко дело и секоја нова интервенција во јавниот простор претставува нов слој поставен врз другата “меморија“.

14.30 – 15.00 Отворена дискусија;
(медијатор – Зоран Петровски, МСУ)

15.00 – 15.30 – заклучоци од конференцијата;
– најава на меѓународниот архитектонски конкурс;
– најава на изложбата/настанот Скулптурално;
– затворање на конференцијата.

15.30 – 16.00 коктел

8ми – октомври 2016 год.

12.00ч СКУЛПТУРАЛНО – изложба

13.00ч “Christo & Jeanne-Claude: Beauty is Yours, Money is Ours, Publicity is for All”, предавање на Лучезар Бојаџиев за уметноста на Кристо и Жан-Клод по повод отворањето на изложбата Скулптурално институција и на нејзините контексти.

 

Организатор / локација: НУ Музеј на современата уметност, Скопје

Куратори: Зоран Петровски и Јован Ивановски

 

МИНАТИ НАСТАНИ

Повик за учество на работилницата „Харизматични објекти“

Пријавување до сабота, 30 март 2024

Школа за пропаганда: АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА

Сабота, 2 март 2024, во 12:00 часот

Филм: ,,ЦРНАТА УМЕТНОСТ: ВО ОТСУСТВО НА СВЕТЛИНАТА"

Вторник, 20. февруари 2024, во 19ч.

Ѓорѓе Јовановиќ: Публикација, разговор, перформанс

Петок, 16 февруари, 2024, во 20,00 и 21,00