Настани МСУ и проектот ЕУ-Балкан во Парис
EN

МСУ и проектот ЕУ-Балкан во Парис

30/06/2023 - 01/07/2023

Музејот на современата уметност Скопје, како партнерска институција на проектот „Долгорочни културни партнерства за дијалог Западен Балкан – Европа – Култура“, финансиран од програмата Креативна Европа е дел од првата серија трансдисциплинарни семинари, кој се одржа на 30 јуни и 1 јули во Парис, Франција. Освен МСУ, останати партнерски институции и организации во проектот се: Ecole nationale supérieure des arts de Paris, Фондацијата Art Explora (Франција / Албанија) и Иницијативата за орална историја на Косово.

Семинарот е посветен на културната сцена на Западен Балкан, во чии рамки, предавање на тема „Солидарност, доблест на 21-от век“ имаше директорката на МСУ – Скопје, Мира Гаќина. На иницијатива на МСУ и како дел од програмските активности на музејот на семинарот презентации имаа и македонските уметници: Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ и Наташа Неделкова. Модератор на предавањата беше кустос Јованка Попова од МСУ. “Приказната за МСУ и донацијата на дела од светски познати уметници по скопскиот земјотрес во 1963 година започнува во Њујорк, но нејзиниот оперативен почеток е тука, во Париз“, рече Гаќина. „Франција ја покажа на дело солидарноста кон Скопје и од културен аспект. Додека останатите донации од светот беа главно помош за станбени капацитети, здравствена заштита и образование, Скопје доби Француски културен центар кој половина век ја збогатува нашата културна сцена. Во исто време Жан Касу, тогашниот директор на Музејот на современата уметност на Град Париз, му помогнал на првиот млад директор на МСУ – Скопје, др. Борис Петковски да воспостави контакт со париската сцена од тоа време. Така, Калдер, Пикасо, Вазарели и Сулаж беа меѓу првите уметници, кои воспоставија контакт со нашиот музеј и подарија дела, а листата е обемна и импресивна“, истакна Гаќина. Уметничкиот колорит на делата, кои се дел од колекцијата на МСУ, како резултат на светската донација, се потврда за хетерогеноста на светската уметничка сцена. „Денес, МСУ има за цел уште еднаш да ја преиспита својата општествена улога и важноста на колекционирање и ангажирање светски познати и реномирани уметници, како нов современ бран на солидарна акција. Солидарноста како мотив, повторно е неопходна во глобалното општество на 21 век“, заклучи директорката на МСУ.

Целта на овие настани е да се поттикне циркулацијата на уметници, истражувачи и двигатели од сферата на уметноста меѓу Западен Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и истражувања. Проектот насловен „EUBalkans“ претставува уметнички дијалог помеѓу партнерите од ЕУ и од Западен Балкан со цел да се креира иновативна културна програма заснована на меѓународна соработка.

Дводневната програмата на настанот се состои од: средби со уметници, перформанси, конференции, работилници, проекции и читања, кои се однесуваат на  решавање на главните општествени, територијални и климатски прашања како: урбани и климатски трансформации, прашања поврзани со територии, граници и миграциски процеси, видливост на маргинализираните заедници и зачувување на нивното знаење, собирање и пренос на усни и писмени архиви и поддршка и ширење на современите уметнички практики. Следејќи трансдисциплинарен пристап, „EUBalkans“ ќе ја зајакне циркулацијата на уметниците, уметничките практики и меѓународното творештво и во рамките на Западен Балкан, во Европската унија и другите делови од светот, во согласност со целите на повикот Креативна Европа, овозможувајќи уметничко истражување и дисеминација, уметнички резиденции, магистерска и истражувачка програма за Западен Балкан, фестивал за перформанс и трансдисциплинарен семинар, програми и активности на Западен Балкан со долгорочна перспектива. Проектот спроведен од фондацијата Арт Експлора, Националното училиште за уметности од Париз-Серги, Музејот на современа уметност – Скопје и Иницијативата за орална историја – Приштина, предвидува реализација на семинари кои ќе се одржуваат до 2025 година во Париз, Приштина, Тирана и Скопје.

МИНАТИ НАСТАНИ

МАТИНЕ

13/04/2024

Повик за учество на работилницата „Харизматични објекти“

Пријавување до сабота, 30 март 2024

Подготовка на изложбата „Ниедно чувство не е конечно“ во Прага

ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА РАБОТИЛНИЦА ЗА ВЕБ-ПОРТФОЛИО

Пријавување до Недела, 11 Март 2024