Филмска програма МСУ 2025
Во создавање: Изведи | Исцрпи
Кустос: Софиа Григориаду
Среда, 10/12/2025, 18:30–20:30 ч.
Кино сала на Музејот на современата уметност
Оваа филмска програма истражува аспекти на креативното творештво, аспекти што често остануваат незабележани. Таа обединува дела од различни формати (краток игран филм, уметничко видео и долгометражен документарен филм) за да отвори прашања поврзани со креативноста, родот, истрајноста, прегорувањето, меѓузависнота (човечка и не-човечка), стремежот и (не)видливоста.
Програма:
ЗАЈАК
Ханис Багашов · 2025 · Бугарија, С. Македонија · 20 мин.
Во овој духовит и сатиричен портрет, Ева, млада режисерка, се обидува да го развие својот прв филмски проект, додека го балансира и својот личен живот – сето тоа протолкувано од фиктивниот лик во нејзиниот филм.
Со Сара Климоска, Феликс Марито, Нура Ал Кадри (глас). Монтажа: Касијана Ангелова. Камера: Косара Иванова. Звук: Дарко Спасовски, Марко Рикалоски.
Ханис Багашов (роден во 1999) има завршено филмска режија на НАТФИЗ во Софија. Бил двоен учесник на Berlinale Talents, а учествувал и на Sarajevo Talents и на IDFA Academy. Негови фототографии беа изложени во Музејот за современа уметност – Скопје во 2017 год. Како актер, игра во „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска, „Сестри“ на Дина Дума и ,,Беле раде” на Гвозден Илиќ. Селектор е на студентската програма на ИФФК Браќа Манаки.
* * * * *
ДОМАЌИН ИЛИ ПАРАЗИТ: ВРЕЛО ТЕЛО
Елена Чемерска и Ивана Мирчевска • С. Македонија • 2023-24 • 8 мин.
„Домаќин или паразит: врело тело“ е инсталација што го истражува испреплетувањето на Земјиното загревање и човековото прегорување, како нуспојава на тековните динамики на пазарот на трудот. Согледувајќи како планетарното вриење се поклопува со исцрпувањето на виталноста од страна на неолибералниот капитализам, се вртиме кон последиците на телесниот умор. Бараме како да се издуваме оптоварени од постојаното максимизирање на нашите телесни капацитети. Ако го разбираме телото како извор на бескрајни капацитети и можности кои не можат да бидат целосно подјармени, на кој начин тоа да им се противи на динамиките на подјармување? Домаќин или паразит: врело тело влегува во личен и спекулативен свет, каде што нашите тела и пештерата Врело близу Скопје стануваат сцена на која се одигруваат релации на гостопримство, непријателство, соживот и нерамноправни размени. Одбивајќи да се изведува според однапред зададените норми и ориентации – идеосинкратски движења, ромонливи пораки, нискофреквентни шумови и растопени површини создаваат пат отаде тврдата, индивидуалистичка и антропоцентрична оска, кон растреперена меѓузависност. Видеото е дел од инсталација што го носи истото име.
Звук: Јован Близнаковски. 3Д анимација: Маја Цибрева.
Елена Чемерска е интердисциплинарна уметница и истражувачка која ја истражува меморијата и улогата на преживеаното искуство на телото во реконструкцијата на фрагментираната историја. Преку сликарство, слики во движење, инсталација и соработки, таа се интересира за личниот и колективниот трансформативен капацитет. Таа е добитничка на Prince Claus Seed Award (2021) и наградата ДЕНЕС за млад/а визуел(е)н/а уметни(к) чка. Елена моментално го продуцира својот прв документарен филм “Урнатини”.
Ивана Мирчевска (1992, Скопје) е интердисциплинарна уметница и истражувачка која работи со слики во движење, скулптура, текст, звук и инсталација. Нејзината практика се заснова на истражување на материјалноста на сликите и нивната технолошка мутација, вклучувајќи ја хаптичката перцепција и меѓутелесноста како процеси на создавање слики, сетилно истражување и соработка. Во нејзините дела, телата, сликите, површините, пејзажите и нечитливите „други“ соработуваат низ призма на грижа, прекарност и делување, пружајќи интимен отпор кон андроцентричните и антропоцентричните визуелни перспективи. Мирчевска е добитничка на Prince Claus Seed Award (2024), стипендијата WHW Akademija Fellowship (2023) и наградата ДЕНЕС за млад/а визуел(е)н/а уметни(к)чка во Северна Македонија (2022).
* * * * *
ТАА Е ДРУГИОТ ПОГЛЕД (Sie ist der andere Blick)
Кристијана Першон • Австрија • 2018 • 90 мин.
Таа е дгругиот поглед претставува низа интервјуа со пет визуелни уметнички: Ренате Бертлман, Линда Кристанел, Лоре Хојерман, Карин Мак и Марго Пилц. Повеќето од овие уметнички ги започнале своите кариери во 1970-тите години, во Виена, а филмот ја истражува врската помеѓу нивната практика и феминизмот. Додека ги гледаме како работат во своите студија, како настапуваат пред камера или коментираат некои од нивните дела, тие се сеќаваат на тешкотиите, ограничувањата и отпорите со кои се соочиле на почетоците од нивните патишта. Таа е другиот поглед поседува единствен тон (минималистички, потопен во белина, без музика), но секој сегмент го гради како посебна соработка помеѓу уметничката и режисерката, во интергенерациски дијалог чии траги се видливи на екранот. Освен тоа, секоја од претставените уметнички има уникатен пристап и специфична уметничка визија, но на еден или на друг начин, нивните траектории се обликувани од жените прашања: борбата против патријархалните структури, недостатокот на видливост, интимниот однос кон предметите од секојдневниот живот во домот, тешкотиите при усогласувањето на семејниот живот со уметничките амбиции. (Вијенале 2018, Кристина Алварес Лопез)
Кристијана Першон: Родена во 1978 година во Баден, близу Виена. Уметничка и режисерка. Студирала на Академијата за ликовни уметности во Виена и работела во Австриската радиодифузна корпорација (ORF), во Австрискиот аудиовизуелен архив, а била и кураторка во Австрискиот музеј на филмот. Нејзините филмови освоиле бројни награди и биле прикажани на меѓународни фестивали (Internationale Kurzfilmtage Oberhausen, Visions du Réel, Festival International de Cinéma Nyon). Sie ist der andere Blick (Таа е другиот поглед, 2018) е нејзин прв долгометражен филм.
28.11.2025 (петок) – Најава за предавање на Себастијан Цихочки (13 часот) и Отворање на поглавјето 1.2 на 15. Биенале на млади уметници во Музеј на Македонија во 19 часот.
Себастијан Цихочки, гостин на Факултетот за ликовни уметности е Себастијан Цихочки, етаблиран и меѓународно признат куратор кој живее во Варшава. Тој работи како главен куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава и предава и на Универзитетот за уметности во Познањ.
Себастијан ќе одржи предавање во 13:00 часот, во Библиотека и предавална ФЛУ, Кампус „Педагошка“, на 28.11.2025 (петок).
Настанот е поврзан со 15-то Биенале на младите уметници (види: 15. Биенале на млади уметници: „Утрото започна вчера“) организирано од Музејот на современата уметност Скопје, каде што Себастијан Цихочки е кокуратор.
Поглавјето 1.2 на 15. БМУ ќе се отвори истата вечер во Музеј на Македонија во 19 часот.
Во соработка со ФЛУ – Скопје, а по повод одржувањето на самостојната изложба на Ибрахим Махама во Музејот на современата уметност Скопје, со голем интерес и внимание беше проследено претставувањето на неговото дело. Студентите од сите студиски години на ФЛУ, како и пошироката публика, имаа можност да го проследат инспиративното и аргументирано излагање на Махама, кое беше проследено со прашања и дискусија.
ПРЕДАВАЊЕ: Томаш Фудала (Музеј на современата уметност во Варшава)
„Музејот како нов сосед во маалото”
Предавањето ќе започне со кратко обраќање на Н.Е. г. Мариуш Бримора, Амбасадор на Република Полска во Сверна Македонија.
Томаш Фудала, кустос и историчар на уметноста и архитектурата, доаѓа од новоизградениот Музеј на современа уметност во Варшава (MSN Warsaw) – институција која по речиси две децении работа во привремени простори, конечно доби своја трајна зграда во центарот на градот, на Plac Defilad. Во предавањето, Фудала ќе зборува за развојот на музејот како институција, за архитектурата на новиот објект и за неговата врска со урбаната трансформација на Варшава. Ќе се осврне и на фестивалот Warsaw Under Construction, кој MSN го организира од 2009 година како платформа за критичко размислување за градот, просторот и планирањето.
Настанот се одржува со поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје и е дел од програмата на XXII Биенале на македонската современа архитектура.
Фотографии од Маја Виркус
Летното кино на МСУ за 2025 година го претставува филмскиот фестивал насловен „Има ли пустина среде градот?“, кој се движи низ урбаните пејзажи и областите на гентрификација што постојано се менуваат, (шпекулативниот) урбанизам, недвижностите и туристичката индустрија во услови на глобален капитализам. Филмовите истражуваат како ваквите феномени ги обликуваат градските пејзажи и им нанесуваат лузни, претворајќи ги градовите во места во кои луѓето се натпреваруваат за просторот. Филмската програма ги спојува нишките што ги поврзуваат висококатниците, постојано растечките трговски центри и хотели, оградите, скелињата, бојата и пукнатините во ѕидовите, фабриките од модерноста и нивните урнатини со животите на оние што се засегнати од урбаните промени и коишто учествуваат во нив во Бејрут, Шангај, Перник, Лисабон, Атина, Марсеј, Хаора и на други места.
Избраните филмови се и документарни, секој во различна мера. Тие ја следат „сеизмичката“ гентрификација и туристификација, но и формите на отпор или преживување во градовите што се преобразуваат во огромни преноќишта за посетители. Се занимаваат со осиромашувањето и прекарното вработување во градежништвото и во туризмот, со дискриминацијата, раселувањето и затвореноста во ограничен простор. Внимателно ја испитуваат естетиката и материјалноста на феномените што ги снимаат, преку звук, градски пејзажи и пронајден материјал. Паралелно со процесите и политиките на сеќавање и заборавање во јавните простори, филмовите се осврнуваат и на прекинати, честопати интимни, сеќавања на други места, времиња и луѓе. Кои се секојдневните реалности отаде реториката на напредок, удобност и експанзија? Како глобалниот капитализам ги гради – и ги разградува – градовите во коишто живееме? Како ги преобликува урбаните пејзажи, трудот и секојдневниот живот?
Кустос: Софија Григоријаду
Четврток, 10/07/2025, 20:30 – 21:40 ч.
ШАНГАЈ, АТИНА, ЛИСАБОН

Шангај
Премин • режија Ди Ху • Кина • 2016 • 11 мин
Филмот го прикажува архитектонското и урбано истражување на одредена област во Шангај. Мостот што го гледате во овој филм е реновиран пред Шангајскиот Светски саем во 2010 година. Тој е не многу добра копија на мостот „Александар III“, покрај кој се наоѓа супермаркетот „Карфур“, кој неколку години претходно бил украсен со огромен мурал со сцени од парискиот живот и се наоѓа на местото на Големиот дворец. Причината зошто одбрав да го снимам овој дел е тоа што многу наликува на населбата во околината на Големиот дворец во Париз. Од емоционална гледна точка, длабоко сум приврзана кон двата града, бидејќи живеев и во двата многу години. Од попрактична страна, го направив овој филм за да ја изразам мојата загриженост во врска со безумната глобализација на Шангај, која го трансформираше градот во пејзаж сличен на научна фантастика преку мешање на социјалистички и хипермодерни елементи.
Ди Ху е уметник-истражувач кој живее и работи во Даблин и Шангај. Неговата работа на полето на филмот, видеото и фотографијата го истражува наследството на киното преку толкување на формите, кодовите и наративите на филмовите. Неговата уметничка практика, исто така, ги испитува и последиците од доминацијата на технологијата во општеството. https://www.hudi-art.com

Атина
Заспан град • режија Димитра Кондилату • Грција • 2023 • 10 мин
Фиктивна кратка приказна за град кој се претвора во преноќувалиште. Секојдневните активности исчезнуваат во овој град, каде што посетителите (преноќувачите) пристигнуваат да спијат, а жителите остануваат будни, за да работат во преноќувалиштето. Кога, од различни причини, сите го губат сонот, се јавува конфузија околу функцијата и идентитетот на градот. Визуелната нарација на видеото се состои од слики, релевантни за брзата експанзија на туристичката активност во Атина: документација на фасадите во центарот на градот и на зградите што се претвораат во хотели, архивски материјал од Грчкиот книжевен и историски архив (ELIA), рекламни спотови на Националната туристичка организација (EOT), статии и видео перформанси.
Димитра Кондилату живее во Атина. Работи на креирање видеа, монтажа, пишување и хостирање. Заинтересирана е за границите на уметноста и нејзината поврзаност со туризмот и секојдневниот живот. Нејзината методологија почива на информираност и ги минува границите и на други дисциплини, преку нејзиното учество во уметнички резиденции и колективни проекти, како и презентација на нејзината работа на фестивали, изложби, конференции и публикации.

Лисабон
Терамотуризам • режија Ротација налево • Португалија • 2016 • 43 мин
Во режија и продукција на колективот „Ротација налево“ (Left Hand Rotation), „Терамотуризам“ е субјективен портрет на еден град и неговата трансформација во текот на последните 6 години. На 1 ноември 1755 година, земјотрес го уништи градот Лисабон. Неговото влијание беше такво што го истисна човекот од центарот на креативната изградба. Неговите урнатини го озаконија Просветлениот деспотизам. Лисабон денес повторно трепери, потресен од туристички земјотрес што го трансформира градот со брзина на крстарење. Овој земјотрес ги истиснува жителите од центарот на градот. Кои нови апсолутизми ќе го најдат своето алиби тука? Додека правото на жителите на градот се урива, удавено во дискурсот на идентитетот и автентичното, градот крцка најавувајќи го колапсот и итноста од потребата да почнеме на нов начин да гледаме на нас, да реагираме на трансформација, овој пат предвидлива, која очајот на капитализмот лажно ја прикажува како неизбежност.
„Ротација налево“ е уметнички колектив активен од 2005 година кој развива проекти што артикулираат интервенција, апропријационизам, снимање и видео манипулација. Секоја акција на колективот е силно свесна за важноста на аудиовизуелниот запис, како за неговата вредност како сурова снимка, така и за потенцијалот на секој видео клип да стане јазична единица чија комбинација и манипулација овозможуваат пренесување на сложени пораки засновани на секојдневни детали. www.lefthandrotation.com
Вторник, 15/07/2025, 20:30 – 22:30 ч.
МАРСЕЈ, БЕЈРУТ

Марсеј
Среде градот имаше пустина • режија Јоаким Гати и Гаел Марсо • Франција • 2019 • 13 мин
Филм што ги спојува краткиот расказ од Елио Виторини, објавен во 1941 година, и секојдневниот живот во Ла Плен, населба во Марсеј која е во процес на реконструкција. Подигнат од градскиот совет за да се спречи секаква окупација, огромен ѕид ја отсекува населбата од нејзиното срце и ја опседнува одвнатре. Во подножјето на ѕидот, зборовите на италијанскиот поет и борец на отпорот наоѓаат нова и чудна резонанца.
Јоаким Гати е уметник чија пракса обединува документарно искуство, милитантно истражување и колективно креирање. Тој развива проекти засидрени во различни контексти – соседства, паркови, здравствени центри, итн. Неговото творештво зазема повеќе форми: видео, радио, пишување, дрворез.
Гаел Марсо, политиколог и режисер, ги истражува пресеците помеѓу уметноста и политиката. Неговите филмови, честопати сместени во урбани контексти како што се Марсеј и Сантијаго кои се менуваат со голема брзина, ги испитуваат граѓанските мобилизации, трансформациите на јавните простори и предизвиците во поглед на зачувување на сеќавањата.

Бејрут
Вкус на цемент • режија Зиад Калтум • Сирија, Обединети Арапски Емирати, Германија, Либан, Катар • 2017 година • 85 мин
Во Бејрут, сириски градежни работници градат облакодер, додека, во исто време, нивните куќи во Сирија ги гранатираат. Либанската војна заврши, но сириската сè уште беснее. Работниците ги заклучуваат на градилиштето. Не им е дозволено да го напуштат по 19 часот. Либанската влада воведе ноќен полициски час за бегалците. Единствениот контакт со надворешниот свет за овие сириски работници е отворот низ кој излегуваат наутро за да започнат нов работен ден. Отсечени од својата татковина, тие се собираат ноќе околу мал телевизор за да ги дознаат вестите од Сирија. Измачени од чемер и вознемиреност, додека страдаат од лишеност од најосновните човекови и работнички права, тие продолжуваат да се надеваат на поинаков живот. Добитник на Златниот сестерец за најдобар долгометражен документарец на фестивалот „Визии на реалноста“ (Visions du Réel) 2017 и номиниран за наградите на Германската академија за 2018 година.
Зијад Калсум е сириски режисер, сценарист и филмски консултант кој моментално живее во Берлин. Во 2012 година, тој започна да работи на својот прв долгометражен филм „Бесмртниот наредник“ (премиера на Филмскиот фестивал во Локарно, 2014 година) додека ја отслужуваше задолжителната воена служба. Одбивајќи да се бори против сопствениот народ, тој дезертираше од сириската армија во 2013 година и избега во Бејрут, каде што почна да работи на „Вкус на цемент“. Моментално работи на својот долгометражен филм „Последно патување“.
Четврток, 17/07/2025, 20:30 – 23:00 ч.
ЊУЈОРК, ХАОРА, ПЕРНИК

Портите на фабриките
Работниците ја напуштаат фабриката • автор Харун Фароки • 1995 • 36 мин
Работниците ја напуштаат фабриката – тоа беше насловот на првиот филм што некогаш бил прикажан јавно. Во текот на 45 секунди, оваа сè уште постоечка секвенца ги прикажува работниците во фабриката за фотографски производи во Лион, во сопственост на браќата Луј и Огист Лимиер, како брзаат, збиени, надвор од сенките на фабричките порти и кон попладневното сонце. Само тука, при заминувањето, работниците се видливи како социјална група. Но, каде одат? На состанок? На барикадите? Или едноставно дома? Овие прашања преокупираа генерации документарни режисери. Затоа што просторот пред фабричките порти отсекогаш бил сцена на социјални конфликти. И покрај тоа, оваа секвенца стана икона на наративниот медиум во историјата на киното. Во својот документарен есеј со ист наслов, Харун Фароки ја истражува оваа сцена низ целата историја на филмот. Резултатот од овој напор е фасцинантна кинематографска анализа во медиумот на самата кинематографија, која по опфат се протега од „Модерни времиња“ на Чаплин до „Метрополис“ на Фриц Ланг и „Акатоне!“ на Пјер Паоло Пазолини. Филмот на Фароки покажува дека секвенцата на браќата Лимиер веќе го носи во себе зачетокот на еден предвидлив општествен развој: евентуалното исчезнување на оваа форма на индустриски труд (Клаус Гроненборн).
Харун Фароки (1944-2014) беше германски режисер и предавач по филм, автор на над 90 филмови, продукции и бројни инсталации. Тој беше писател и уредник на списанието „Филмкритик“ во Минхен. Неговите дела беа изложени во „Карнеги Интернешенел“, Музејот на уметност „Карнеги“, „Документа 12“ во Касел, „Тејт Модерн“, Музејот на модерна уметност во Њујорк, и на други места.
Проекцијата на филмот е овозможена со љубезна дозвола на Гете институтот во Скопје
![]()

Њујорк, Хаора
Излиени во Индија • режија Наташа Рахеја • Индија, САД • 2014 • 26 мин
Амблематични и сеприсутни, илјадници капаци за шахти се расфрлани по улиците на Њујорк. Оживувајќи ги секојдневните предмети околу нас, овој краток филм фрла поглед на работниот живот на мажите зад капаците за шахти во Њујорк. Во „Излиени во Индија“, Наташа Рахеја отвора прашања околу различните услови што ги обликуваат географиите на производство на секојдневните урбани предмети. Каква работна инфраструктура се крие зад изградената инфраструктура на Њујорк?
Наташа Рахеја е Асистент Професор на одделот по Антропологија на Универзитетот Корнел. Има докторат по Антропологија, како и диплома по Култура и Медиуми на Универзитетот во Њујорк, каде што има завршено и тренинг по правење филмови, на Уметночката школа Тирш. Нејзините истражувачки интереси се од областите на миграција, материјални текови и припадност.

Перник
Пукнатини • режија Димитра Кофти • Германија • 2018 • 55 мин
Блескави супермаркети стојат покрај дотраените фабрички згради во бугарскиот град Перник, една од некогаш најважните индустриски области на Балканот. Филмот ги истражува секојдневните животни искуства и сеќавања во град обележан со историја на индустријализација и деиндустријализација, каде што коегзистираат повеќе епохи и телеологии на модерноста. Животот на луѓето минува низ филтрите на индустрискиот подем и пад на Перник и на преминот од социјалистичката во постсоцијалистичката ера. Наративот се фокусира на работниот живот на луѓето, преку кој се одвиваат приказните: тековни работни практики, сеќавања од напуштените фабрики, приказни за миграција, наративи за прекаријат, штрајкови, дневни стратегии за справување. „Пукнатините“ се очигледни во урбаните пејзажи и во наративите. Во филмот се употребени како метафори што ги нагласуваат точките во кои се сретнуваат повеќекратни темпоралности; пукнатините впишуваат промени и епохи, а воедно и ги поврзуваат.
Димитра Кофти е антрополог заинтересирана за работењето, прекаритетот, променливите темпоралности и филмот. Има спроведено истражувања за променливите работни односи, во контекст на флексибилизација на трудот во постсоцијалистичка Бугарија. Таа е доцент на Одделот за антропологија на Универзитетот Пантеон за социјални и политички науки (Атина, Грција).
МСУ Скопје им изразува благодарност за помошта во реализацијата на програмата на Гете институтот во Скопје, Делфин Лекас, Видеоарт Миден, Живко Грозданоски.
МСУ-Скопје Ве поканува на предавањето: „Една изложба: Fantastic Art, Dada, Surrealism, МоМА, Њујорк, 1936-37“ што ќе го одржи акад. Влада Урошевиќ во кино-салата на Музејот, на 29 април 2025, во 19 часот.
Влада Урошевиќ е редовен член на Македонската академија на науките и уметностите и редовен професор (во пензија) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Покрај другите книги, ги објавил: „Чуда и чудовишта – за фантастиката во сликарството“ (2001) и „Измислени светови – за надреализмот во сликарството“ (2003). Во 2023 година ја објавил, заедно со Лидија Капушевска-Дракулевска, книгата „Птици во аквариум – надреализам 1924 – 2024“, наградена со Наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија. Низ повеќе написи го следел творештвото на повеќемина сликари. Во ликовниот салон на МАНУ имал две изложби (во 2013 и во 2025) на кои излагал дигитални колажи.
Музејот на современата уметност во Скопје како дел од интердисциплинарната програма го најавува меѓународниот симпозиум кој ќе се реализира во Понеделник на 10 Јуни, 2024 година со почеток од 10 часот.
Симпозиумот насловен ,,ЗЕМЈАТА КОЈА СЕ ПРОМИСЛУВА ПОСТОЈАНО – КРЕАТИВЕН ГЕОФИЛОЗОФСКИ ПАТОПИС’’ преку комбинирање на научни и уметнички пристапи ќе ги преиспитува комплексните релации и траектории на земјиниот систем, подразбирајќи ги како бесконечна серија на локални и транслокални интегрираности кои дејствуваат кон одржливост. Централна точка на симпозиумот е УЛОГАТА НА УМЕТНОСТА во насока на создавање модели на перцепција кои информираат, спознаваат и откриваат делови на земјата кои за многумина се невидливи, менувајќи ги разбирањата за неа и за нејзиниот опстанок. Оттаму, соочувајќи се со актуелните еколошки кризи и егзистенцијални закани, произлегува неопходноста за уметност, како што тврдат Делез и Гатари која треба да биде нашиот инструмент за опстанокот и преиспитување, или за една нова „филозофија на земјата“.
ПРОГРАМА
10.00 Воведно обраќање
10.30 Прва сесија (10 минути презентации + 10 минути дискусии)
10:30 Мутирачки тела – Кристиан Алонсо (Центар за современа култура, Барселона, Шпанија)
10:50 Тајгата и нејзините шуми – Кристина Коскентола (Визуелен Уметник, Финска)
11:10 Единствената темница – Рик Долфијн (Универзитет Утрехт, Холандија)
11 :30 Флуидните пејсажи од нашата ситуација – Тихомир Топузовски (МСУ – Скопје и Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје )
11:50 – 12:10 Кафе Пауза
12:10 Втора сесија (10 минути презентации + 10 минути дискусии)
12:10: Земјата како необјективен свет – Алекс Таек-Гванг Ли (Универзитет Кјунг Хи, Јужна Кореа)
12:30 Повторно сензитивирање на животот во мочуриштата, Ирена Чаврилска (Универзитет Гдањск, Полска)
12:50 Промислување за архипелагот, басените и потонатите земји – Тошија Уено ( Универзитет Вако, Токио, Јапонија)
13:10 Трета сесија – Студентски презентации
13:30 -14:30 Ручек пауза
14.30 Четврта сесија, Tрансверзални концепти (5 минути излагање + 10 минути дискусија)
13:30 Мутација – Кристијан Алонсо
13:45 Отелотворување – Кристина Коскетола
14:00 Транскодирање – Рик Долфијн
14:15 Пејсаж – Тихомир Топузовски
14:30 Немоќна технологија – Алекс Таек-Гванг Ли
14:45 Чувство на грижа – Ирена Чаврилска
15:00 Солидарност – Тошија Уено
15: 00- 15:20 Кафе Пауза
15: 20-17: 00 Завршна Дискусија