Едукативна програма Училиште МСУ Предавања Работилници МСУ Водич
EN

Работилници

 

“УШТЕ ЕДЕН ЗДОДЕВЕН ВОРКШОП”

 

Во периодот од 27. септември до 1. октомври 2022 г., членовите на уметничката група ОПА (Опсесивно посесивна агресија), Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски, одржаа работилници насловена „Уште еден досаден воркшоп“ со фокус на дел од современите уметнички практики.

Во текот на работилницата, реализирана преку „досадни“ дискусии, презентации и практична колаборативна работа, ќе се навлезе во процес–ориентираните и практиките базирани на специфични (општествени) контексти. Методите и стратегиите кои ќе бидат разработувани се однесуваат на конципирање и развивање дела кои се надвор од традиционалните медиуми и практики, а се базирани на партиципативност, колаборативни пракси и/или тактички медиуми (дела кои комуникацијата со публиката ја остваруваат во јавниот простор или јавната сфера).

Работилницата е наменета за студенти и/или „млади“ луѓе (над 18 годишна возраст) со интерес за современата уметност и современите уметнички практики. Средбите ќе се одвиваат секој ден (од вторник 27.09 до сабота 1.10.) од 17 до 19 часот во Музејот на современата уметност – Скопје.

ОПА (Опсесивно посесивна агресија) е соработка основана во 2001 г., меѓу визуелните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Пристапот на ОПА е контекст-специфичен, вклучувајќи псевдо-документарци, тактички медиуми, стратегии на оверидентификација, субверзивна афирмација, итн. ОПА има остварено голем број на самостојни изложби и уметнички престои во повеќе европски градови, САД и Македонија, и има учествувано на бројни групни изложби и фестивали, меѓу кои и: „Трансмедиале“ (Берлин), „Трансеуропа – Европски театарски и перформанс фестивал“ (Хилдесхајм), „Freewaves – Биенале на нови медиуми“ (Лос Анџелес), „Биенале на современи уметности“ (Москва), „Арс Електроника“ (Линц), итн. ОПА е соосновач и активен член на Иницијативата Кооперација (2012-2015). [www.o-p-a.org]