Новости МСУ стана членка на CIMAM
EN

МСУ стана членка на CIMAM

 

Музејот на современата уметност – Скопје стана дел од Меѓународната комисија на музеи и колекции на модерна уметност – CIMAM, во која членуваат директори и куратори од светски познати музеи, колекции и архиви за модерна и современа уметност.

 

„МСУ – Скопје стана дел од фамилијата на CIMAM! Напорната работа, исклучителната посветеност и грижа за колекцијата, излегувањето од нашите граници на меѓународната сцена, богатата програма и „Големото Стакло“, беа препознаени од страна на CIMAM, единствената меѓународна заедница, која ги застапува интересите на професионалците во музеите на модерната и современата уметност и која ги нуди ресурсите и можностите за размена, кои се неопходни за развој на оваа дејност. Ова членство дополнително ја зацврстува позицијата на МСУ помеѓу најреномираните музеи на современа уметност во светот“, вели Мира Гаќина, директорка на МСУ – Скопје.

CIMAM е дел од Меѓународниот совет на музеи – ICOM (ИKОМ), кој е мрежа на повеќе од 35.000 членови – музејски професионалци, кои ја претставуваат глобалната музејска заедница.

 

Основана во 1962 година, визијата на CIMAMе свет во кој се препознава и почитува придонесот на музеите, колекциите и архивите на модерната и современата уметност за културната, социјалната и економската благосостојба на општеството. Целта на ЦИМАМ е да поттикне глобална мрежа на музеи и музејски професионалци од областа на модерната и современата уметност со цел да се подигне свеста и да се одговори на потребите на овие музеи. Со генерирање дебата и охрабрување на соработка помеѓу уметничките институции и поединци во различни фази на развој, ширум светот, CIMAM игра клучна улога во растот на секторот.

 

Членовите на оваа глобална мрежа еднаш годишно одржуваат конференција на која дебатираат за теоретски, етички и практични прашања поврзани со организирање изложби, креирање програми, споделување искуства и посети на најистакнатите уметнички институции на современата уметност во светот. Првата годишна конференција на CIMAM се одржа во 1962 година во Хаг. Оттогаш, Комитетот прослави над 50 конференции, кои се одржаа во 30 различни градови низ светот.

 

CIMAM се залага за воспоставување на професионални кодекси на пракса и етички стандарди за институциите, кои се членки.

„Museum Watch“ е програма на оваа мрежа – алатка која ќе им помогне на професионалците во модерната и современата музејска уметност, како да се справат со критични ситуации, кои влијаат на способноста на музеите и поединците да ги задржат своите професионални кодекси на практики.

CIMAM во рамките на својата програма обезбедува и грантови за патувања што подразбира поддршка на кураторскиот и истражувачки развој на поединци преку нивното присуство на Годишната конференција. Од 2005 година до денес, CIMAM поддржа повеќе од 300 млади кустоси и директори на музеи, кои имаа прилика да присуствуваат на Годишната конференција.