Изложби Тековни Следни Минати
EN AL
Изложби Тековни Следни Минати

Жени, животни, постколонијалци, бактерии, Други и вознемирените води

16/11/2026 - 21/03/2026

Интернационална групна изложба

Отворање: 16 ноември / 20:00

 

Многу од современите кризи и општествени нееднаквости произлегуваат од логиката на капиталистичкиот патријархат, систем заснован врз доминација, експлоатација и контрола над жените, Другите и природата. Ваквата испреплетена политичка хиерархизација ги поставува правата на оние кои не се дел од канонот на пониско рамниште. Од друга страна, веќе освестената доминација на патријархалните и бели расистички ставови кои ги инфериоризираат другите „поради нивните непроменливи основни природи“, претпоставува и поттикнува иницирање и создавање заедница што се грижи за состојбата на светот и условите во него, со намера да интервенира во нив. Филозофката Роси Браидоти повикува на оддалечување од антропоцентризмот кон разбирање на животот како мрежа од меѓусебно поврзани човечки, нечовечки и технолошки сили. Односно, борбата за правата на жените, гледајќи од перспектива на постхуманистичкиот феминизам, претендира кон деидентификација и потрага по друго човештво, кон нови етички афирмативни релации што ја прекинуваат хиерахријата меѓу луѓето и Другите и ја зацврстуваат меѓузависноста, препознавањето на еднаквоста на видовите и посоработливото чувство на меѓузависност меѓу луѓето и животните, растенијата, Земјата и планетата како целина. Односно, како што вели Браидоти, меѓу сите останати: жените, ЛГБТ, животните, црните луѓе, постколонијалните, бактериите, Другите, вонземјаните[1], дел од мноштвото исклучени од официјалната историја и култура.

„Жени, животни, постколонијалци, бактерии, Други и вознемирените води“ e, всушност, изложбен есеј што тргнува од претпоставка и презентација со заложба за нови форми на еколошка и етичка одговорност и колективна грижа, кои што се прошируваат надвор од човечкото. Претпоставката која ја поставува е дека за подобар свет се потребни нови етички релационалности што ќе ја нарушат хиерархијата меѓу луѓето и Другите и ќе ја зацврстат меѓузависноста. Заложбата, пак, е визуелно оформена рамка на дела од уметници од различни времиња, периоди, географии и родови кои, тргнувајќи од она што ни е заедничко, како тела составени од вода, односно нашата воденост (wateriness) која нè прави повеќе-од-луѓе, и на материјално и на концептуално ниво, се обидуваат да зборуваат за експлоатацијата на водата не само како еколошки проблем, туку и како криза на релации, одговорност и целокупна организација на животот. Односно, според Астрида Неиманис, сите сме ние водени тела[2], што може да се разбере како политичко, еколошко и етичко прашање кое ја предизвикува идејата за човечките суштества како автономни субјекти што стојат одвоено од природата. Приватизацијата, комодификацијата, загадувањето и прекумерната екстракција на водата говорат за генералниот третман на живиот свет како неограничен ресурс, за моќта и за социјалната нееднаквост. Наспроти оваа логика, изложбата нè повикува да гледаме на водата како на споделена и релационална состојба на постоење, како медиум на меѓузависност и како материјална сила што ги поврзува човечките и повеќе-од-човечките светови.

Обединувајќи ги уметничките практики на Урсула Биман, Каролина Кајчедо, Верица Ковачевска, Минерва Куевас, Ивана Мирчевска, Даринка Поп Митиќ и Робертина Шебјаниќ, оваа изложба ги истражува многубројните начини на кои водата станува простор на еколошка, општествена и политичка борба. Преку видео, инсталација, звук, истражувачки практики и визуелни интервенции, уметниците ги разгледуваат експлоатацијата и претворањето на водата во стока, инфраструктурите што го контролираат нејзиното движење, како и последиците од деградацијата на животната средина врз човечките и не-човечките заедници. Нивните дела ја разоткриваат испреплетеноста на екстрактивните економии, колонијалното наследство и капиталистичките системи, истовремено доведувајќи го во прашање антропоцентричното сфаќање на природата како ресурс достапен за неограничена потрошувачка. Наместо да ја третира водата како пасивен пејзаж или неисцрпна стока, изложбата нè повикува да ја преиспитаме како живо, меѓусебно поврзано и ранливо тело. Таа поставува прашања за тоа како би можеле да ги слушнеме нејзините истории, да ја препознаеме нејзината активна улога и да замислиме алтернативни облици на соживот, втемелени врз меѓузависност, одговорност и грижа.

Во делата на Каролина Кајчедо и Минерва Куевас се говори за експлоатацијата на водата како јавно добро. Кајчедо во своето видео дело „Ние реката“ раскажува за екстрактивните индустрии и еколошките катастрофи предизвикани од изградбата на неколку хидроелектрични централи во Бразил, како и за различните движења на отпор на многубројните домородни заедници што живеат во нивната околина. Куевас во својата инсталација насловена „Егалите“ зборува за приватизацијата и комодификацијата на јавните ресурси, наспроти идејата за јавно добро наменето за сите. Во оваа инсталација, таа го трансформира брендот за флаширана вода Евиан, заменувајќи го неговото име со зборот égalité. Урсула Биман, пак, во видеото „субатлантик“ ги потенцира топењето на глечерите предизвикано од глобалните климатски промени, сериозниот дисбаланс на екосистемите, но и потенцијалот што го носат за нови генетски иднини. Робертина Шебјаниќ, пак, во својата инсталација „Ехо од бездната“ зборува за критичното, а сепак често занемарувано прашање на хемиското оружје фрлено на морското дно што го нарушува биодиверзитетот, хемискиот состав на водата и еколошката рамнотежа.

 

Верица Ковачевска, Речно време (фотографија од видео, објава со љубезна дозвола на уметничката)

 

Верица Ковачевска во својата видео-поема насловена „Речно време“ го истражува времето преку нашиот однос со сопствените тела, природата и домородната мисла, повикувајќи на забавување како обратен процес на забрзаниот капиталистички ритам преку нејзината средба со реката Уругвај. Даринка Поп Митиќ во муралот насловен „Дидара“, преку животната приказна на призренката Дидара Дукаѓини Ѓорѓевиќ, учителка, а подоцна и професионална политичарка и функционерка во покраинските и федералните власти во Југославија, зборува за реката Љомза/Бистрица во Призрен и за важноста на реката за градот. Имено, водата што од планините течела низ мрежа од заеднички канали низ градот била предмет на колективната грижа на граѓаните за овој заеднички ресурс, внимателно и во корист на сите. Инсталацијата на Ивана Мирчевска, насловена „Сплавот на Мимликвиите“, од некоја идна перспектива шпекулира за „влажната иднина“, односно за импликациите од климатските промени, како што се интензивирањето на хидролошките циклуси, зголемувањето на врнежите од дожд, топењето на мразот и проширувањето на мочуришните системи кои ги редефинираат пејзажите, биодиверзитетот и човечката инфраструктура. Преку замислените облици на телесна интелигенција, наречени Мимликвии, таа го отвора прашањето за тоа како се менуваат нашето телесно искуство и нашите релации кога светот околу нас и во нас станува воден.

Од друга страна, дел од изложбата се и неколку дела од колекцијата на МСУ – Скопје, ставени во целината „пејзажите не се веќе само пејзажи“, односно waterscapes, во кои водата е примарен фокус, а нивни авторки се претежно уметнички. Внесувајќи ги историските претстави на водни пејзажи и пејзажи од жени уметници во дијалог со современите уметнички практики, изложбата ги следи променливите перцепции за водата низ различни историски и политички контексти. Движејќи се меѓу водата како предмет на естетско размислување и водата како оспорувана територија, обликувана од екстракција, приватизација и еколошко насилство, таа испитува како нашиот однос со овој суштински елемент е конструиран и трансформиран. Оваа историска споредба, исто така, отвора феминистичка перспектива кон претставувањето на природата, преиспитувајќи ги родовите асоцијации помеѓу жените, телата и природниот свет, а истовремено ги обновува уметничките истории што честопати останувале на маргините на доминантните наративи. Наместо да претставува линеарен премин од живописниот пејзаж кон еколошката криза, изложбата внесува различни темпоралности и форми на знаење во меѓусебен дијалог, прашувајќи како водата носи истории на експлоатација, сеќавање, отпор и меѓузависност.

[1] Rosi Braidotti, Posthuman Feminism, (Polity Press, 2022); https://www.youtube.com/watch?v=drLsM1T_Zm0

[2] Astrida Neimanis, Bodies of Water: Posthuman Feminist Phenomenology (Bloomsbury Academic, 2017)

 

Кураторка: Ивана Васева

Уметнички: Урсула Биман (Швајцарија) | Каролина Кајчедо (Обединето Кралство | САД / Пуерто Рико) | Верица Ковачевска (Северна Македонија / Швајцарија) | Минерва Куевас (Мексико) | Ивана Мирчевска (Северна Македонија) | Даринка Поп Митиќ (Србија) | Робертина Шебјаниќ (Словенија), како и дела од колекцијата на МСУ – Скопје, од уметничките Кате Антипа, Алесандра Бонели, Тоња Дендриноу Николаидис, Катја Евтимова, Ен Меккол, Анета Светиева

Изложбен дизајн: Димитар Милев во соработка со Ивана Васева

Дизајн-соработничка: Илиана Петрушевска

Соработници во продукцијата: Димитар Милев, Денис Сарагиновски, Невенка Николиќ, Ива Димовски, Ана Трајковска, Мартин Манев

 

Изложбата е дел од годишната програма на Музејот на современата уметност, поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

 

МИНАТИ ИЗЛОЖБИ

ПИКАСО, СЛИКАТА НА МУЗЕЈОТ: Избор на дела од колекцијата на МСУ - Скопје

14/10/2026 - 28/10/2026

СОЛИДАРНОСТА КАКО ИДНИНА

29/09/2026 - 28/10/2026

БЛАГОЈА МАНЕВСКИ: 40 години творештво

23/09/2026 - 08/11/2026

ЛАЗЕ ТРИПКОВ: Имерзивна трансформација на глаголицата

21/08/2026 – 05/09/2026