24/10/2025 - 19/11/2025
Отворање: петок, 24 октомври 2025 година /20 часот
Во пошироките рамки на сеприсутната и важна филозофија на веќе ургентната потреба на симбиоза на природата и човекот, меѓузависност, комплементарност, соработка и учество на мноштвото видови во општеството на работ на изумирањето (Ана Цинг, Дона Харавеј, Мареј Букчин), откриена е идејата за важноста на напуштените простори наспроти култивираните простори, како простори на регенерација што на некој начин и ja опримеруваат неуништливата бунтовна енергија на природата. Според теориите за третиот пејзаж или четвртата природа, токму овие нарушени земјишта што ако не се занемарат како остатоци или плевел, се нови екосистеми што отвораат простор за да се преиспита зачувувањето на природата и на природниот диверзитет, но и нудат примери за поинакви принципи на организација врз принципи на взаемна помош, солидарност и соработка, како двигатели на еволуцијата. Третиот пејзаж според концептот на познатиот пејзажен архитект и градинар Жил Клемен се просторите што обично се третираат како занемарени – неодлучените простори, лишени од функција, тешки за именување.
Токму тоа е фокусот на последната фаза од развојната уметничка линија на Оливер Мусовиќ (1971), еден од најактивните уметници од земјава, кој е присутен на сцената од крајот на деведесеттите години, а оттогаш и активно се претставува на светските уметнички сцени. Во последните две години тој развива фотографски серии што ги обработуваат просторите на „третиот пејзаж“ населени со рудерални екологии, односно растенија што растат на урнатини (етимологијата е од латинскиот збор rudus, урнатини), кои ги предизвикуваат конвенционалните поими за ботаничката убавина и достојност, а според уметникот се и неопеани херои на опстанокот и инспирираат почит со нивната приспособливост, а кои често се отфрлаат како „плевел“.
Мусовиќ ја наоѓа својата истражувачка пасија во овие растенија, и преку својот уметнички ангажман им дава можност да блеснат, да добијат заслуга за својата работа, како еден вид славење на издржливоста на животот на маргините и интригантната привлечност на „третиот пејзаж“. Односно, овие самоорганизирани заедници без човечки интерференции не само што говорат за моќта на природата туку и за неочекуваните моменти на шансата да се формираат поинакви заедници. Но, исто така, Мусовиќ бележи охрабрување и од филозофиите за социјалната екологија на американскиот социјален теоретичар и политички филозоф Мареј Букчин, која, всушност, е повик за општествена реконструкција по еколошки линии, која во широки термини означува дека еколошките проблеми произлегуваат од длабоките проблеми во општеството или доминацијата врз природниот свет.
Во таа насока се формира и изложбата „Билни прилагодувања“ во која се вклучени сериите „Обраснато“ од 2023 година, „Рудерален хербариум“ од 2023-2025 година, „Рудерален хербариум на Сингапур“ од 2024 година, „Микроклими“ од 2024 година и „Атлас од сингапурски папратВИ“ од 2025 година, како и една серија од две фотографии, и единечна фотографија. Станува збор за истражувачки потфат манифестиран во неколку групи на фотографии, некои од нив придружени и со текст, во кои уметникот ги бележи природните феномени најчесто во форма на современи ботанички каталози, како и една дигитална публикација, целосно илустрирана и коавторирана со напредни јазични модели на ВИ, која е поставена на компјутер, за слободно разгледување. Тоа се дела што се создадени кога уметникот престојувал на уметнички резиденции во Австрија, Сингапур, Германија и Франција а кои веќе биле претставени пред тамошната публика (во Кунстраумакраде во Моeдлинг, Австрија, и во Уметничкиот музеј на Сингапур), а кои по прв пат се претставуваат во земјава.
Со овие серии претставени во рамките на изложбата „Билни прилагодувања“ се заокружува една истражувачка целина на авторот што забележала различни растителни видови и адаптации во различни клими низ светот.
Со „Билни прилагодувања“ уметникот Оливер Мусовиќ обележува и 30 години активно творештво, односно 30 години од неговата прва самостојна изложба во Уметничката галерија, Битола, во 1995 година. Оваа изложба се случува 18 години од неговата претходна самостојна изложба „Уметникот“ во Музејот на современа уметност – Скопје во 2007 година.
Извадок од текстот за изложбата на кураторката Ивана Васева
Оливер Мусовик (1971, Скопје) е визуелен уметник кој работи во повеќе медиуми, но најчесто фотографија и визуелно раскажување.
Неговата практика го истражува пресекот на природата, урбаниот простор и општествената динамика, со посебен фокус на адаптацијата и отпорноста во транзициски средини. Неговото дело го поставува пејзажот како социо-еколошка конструкција обликувана од луѓето и останатиот (non-human) живот, придонесувајќи кон дијалози за еколошка отпорност, одржливост и улогата на уметноста во поттикнување критичка свест.
Неговите дела се претставени на меѓународно ниво, меѓу другото во SAM – Музејот на уметноста во Сингапур (2025), Музејот на современата уметност, Загреб (2023), Музејот на современата уметност – Скопје, +MSUM Метелкова, Љубљана (2021, 2018), MACRO – Музеј на современата уметност, Рим (2004), Camera Austria, Кунстхаус Грац (20024), Фридерицианум – Касел (2003), Манифеста 4 (Франкфурт, 2002) и Истанбулското биенале (1999).
Делата на Мусовиќ се дел од јавни колекции како што се n.b.k. Берлин, МСУ Скопје, Fondazione Fotografia Модена и +MSUM Љубљана.
Неговите дела се публикувани во повеќе публикации – прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература, како „Autobiography” (Thames and Hudson, 2004), „Vitamin Ph – New Perspectives in Photography”, (Phaidon, 2006), „Photo Art, Photography in the 21st. Century”, (Aperture, 2008). Мусовиќ е активен учесник на повеќе резиденцијални програми низ Европа, Азија и САД.
Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.
Пријател на МСУ – Скопје Тиквеш.