Определбата на 15. Биенале на млади уметници, ко-курирано од Себастиан Цихочки и Нада Прља, се фокусира на важноста на самиот процес на настанување на уметничките практики. Оваа определба делумно произлегува од историјата на Музејот на современата уметност – Скопје, каде што Биеналето на млади уметници започнува во 1987 година, воспоставувајќи институционална платформа за дијалог и експериментирање. Сосредоточувањето на самиот процес ја подразбира важноста на истражувањето, експериментирањето, дијалогот со публиката како и општествените контексти што ги откриваат состојбите во кои размислуваат и делуваат уметниците.
15то Биенале ќе започне на 29 октомври 2025 година, и преку серија изложби и настани, на повеќе локации во Скопје и пошироко, ќе продолжи до финалната фаза во октомври 2026. Секој нов настан во рамките на Биеналето ќе создаде платформа за нова група на учесници. Концептот на ова Биенале го напушта форматот на претходните биеналиња (изложба во МСУ – Скопје и доделување награди), овозможувајќи динамична платформа за развивање на практики и дела во дијалог со кураторите и другите учесници во процесот. Новина е, исто така, дека 15. Биенале ќе биде дисперзирано и ќе се одвива на различни локации во Скопје и други градови со цел креирање на уметнички и културни изложбени модели кои нудат поврзување со различни социјални и урбани контексти.
15-то издание исто така ја преиспитува формата на Јавниот повик на Биеналето. Овој пат, учеството не е ограничено со возраст (до 35 години). земајќи во предвид дека праксата е нова, ниту само на учесници со формално образование (професионални уметници). Повикот е отворен и за дизајнери, архитекти, перформанс-уметници, писатели, студенти и други. Овaа промена во формата на повикот ги одразува и современите начини на работа, но претставува и рефлексија на некои од првичните импулси на Биеналето, кои се залагале за проширување на слободата на изразувањето.
Сите заинтересирани се поканети да испратат селекција на реализирани, но и проекти кои се во нивната почетна скицираност, односно во самата иницијална фаза на процесот на создавање, укажувајќи на форми кои се карактеристични за рани фази на творештво (Early Works) – како цртежи, макети, акции во јавен простор, графити, интервенции, перформанси, Concrete poetry, кратки видеа или радио-поткасти, итн., но исто така и дела кои се реализирани во „поконвенционални“ формати, како слики и скулптури. Кураторите потенцираат: „Заинтересирани сме за дела кои се елементарни, дури и „недовршени“ во својот изразен формат, но авангардни, автентични и радикално визионерски на идејно и концептуално ниво“.
Во согласност со овој повик, заинтересираните можат да ги испратат портфолијата или линковите до веб-страници и профили (Instagram итн.) со своите дела на mocaskopje.team@gmail.com, најдоцна до 24.08.2025. Ако делата се со идеја да бидат изведени на специфична локација (улица, јавна институција, итн.), наведете ја истата.