Новости Голема донација на дела од Симон Узуновски
EN

Голема донација на дела од Симон Узуновски

Музејот на современата уметност доби голема донација – збирка од 55 цртежи, колажи и слики, дела од македонскиот уметник Симон Узуновски, која е резултат на донации од неговите синови Никола и Марко Узуновски.

Ова е една од поголемите и позначајни донации за МСУ од периодот на уметноста во седумдесетите и осумдесеттите години.

Минатата година, Музејот организираше голема ретроспективна изложба „Патот за Волкодери“ со дела од Узуновски на која беа изложени повеќе од 100тина дела, објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Узуновски. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвираше широк круг пријатели, колеги, познаници и публика да партиципираат во создавањето или изведбата на повеќе негови дела беа претставени со обемна фото документација, која истовремено го прикажа и времето на 70те години и ентузијазмот и енергијата со кои Узуновски успеваше заразно да ја шири идејата за демократизација на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.