Новости ЕКО Проект: „Пејзаж на вознемиреност“
EN

ЕКО Проект: „Пејзаж на вознемиреност“

Згурата од Топилница во Велес се уште еден од најсериозните проблеми за животната средина

МСУ – Скопје започна со реализaција на проектот „Пејзаж на вознемиреност“ (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени).

Дел од тимот на МСУ заедно со локалните активисти беа во посета на Велес и тоа на Езеро Младост, Топилницата и во Градскиот Парк, а потоа одржаа и работилница, каде ги сумираа впечатоците.

 

 

Депонијата со згура (отпад при топење руда) на Топилница во Велес се уште е еден од најсериозните проблеми за животната средина, не само во Велес, туку и во целата држава и регионот. За важноста на решавањето на прашањето со Црниот рид апелираат со години локалната велешка организација „Вила Зора“ но се уште прашањето останува нерешено. Црниот рид, во кој се проценува дека има над 1,8 милиони тони отпад, сѐ уште стои, и зафаќа простор од 33.000 кубни метри и проценето е дека има околу 10 проценти цинк, еден процент олово како и други опасни метали како кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.

Тимот на МСУ, заедно со локални активисти се уверија за сериозноста од последиците на Топилницата Велес, кои не се решени со нејзиното затворање. Тихомир Топузовски (раководител на проектот) Ивана Васева (кураторка) Кирил Арсовски (биолог и еколог) Денис Сарагиновски и Слободанка Стевчевска (ОПА, уметнички колектив) Ивана Мирчевска (уметницa) Дарко Алексовски (уметник), Зорица Зафировска (уметница) како и членови на Еколошко друштво од Велес „Вила Зора“, разговараа за можни соработки, користење на уметнички пристапи и методлогии преку кои ќе се влијае до засегнатите институции за итно решавање со овој ургентен проблем.

Оваа активност е дел од проектот „Пејзаж на вознемиреност“ (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени) кој се однесува на климатските состојби и еколошки предизвици, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлотација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.

Основната цел на проектот е да создаде услови за квалитетна размена на знаења, соработки, едукација и уметничка продукција, преку која уметниците, истражувачите, еколозите, активистите и граѓаните во Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени. Проектот е целосно финансиран од ФООМ (Фондацијата Отворено општество – Македонија).

Во претстојниот период, проектот продолжува со серии работилници во Скопје, Битола и Преспа.