Panic Room (Соба за паника)

Музеј на современата уметност

02. октомври – 05. ноември, 2020

Panic room (Соба за паника)
Или: скок во мислењето

22 април, Ден на планетата Земја. Овој ден се одбележува веќе 50 години со цел да се подигне свеста на луѓето за важноста од зачувувањето на здравата животна средина. А што успеавме да направивме во овие 50 години? Успеавме, наместо да се грижиме за природата, да го забрзаме процесот на нејзиното уништување. Успеавме сосема да го игнорираме укажувањето на научниците дека загадувањето и уништувањето на природата и на животните услови на Земјата значат одење по работ на онтолошката провалија. Се покажа дека онтолошката провалија има поголема привлечна сила отколку обврската да се биде одговорен пред иднината: иднината, што според некои согледувања, веќе сега ни се случува.
Концептот на изложбата Panic room е да се понудат можни начини на редизајнирање или ресетирање на нашиот однос кон природното и социјалното опкружување. Односно, да се мислат поинакви пристапи на поврзување и солидарност меѓу луѓето и нивната околина (наспроти вообичаениот начинот на којшто животните услови се земаат здраво за готово, како нешто што се подразбира, како нешто што ни е дадено и што ни припаѓа). Воедно, изложбата е и остра критика на неолибералната финансиска, технолошка, биополитичка, односно некрополитичка стратегија на манипулирање и колонизирање на сите сфери на просторното, биолошкото и симболичкото постоење, како и критика на скриената логика на функционирањето на глобалниот пазар: што повеќе катастрофи (војни, политички, економски и еколошки кризи), толку повеќе профит.

Panic room не подразбира некакво безбедно место каде би можеле да се скриеме (како во филмот на Дејвид Финчер, од којшто е позајмен насловот), туку се однесува на интимниот, внатрешниот простор како место на одлука за одлучен пресврт во мислењето: наместо резигнирано да прифатиме дека е многу полесно да се замисли крајот на светот отколку крајот на капитализмот, да направиме скок, скок во мислењето и да го замислиме крајот на капитализмот, повикувајќи „нова земја, нов народ“ (Жил Делез, Феликс Гатари), отварајќи, при тоа, нови можности на заедништво, на солидарност, еднаквост и правда во светот и со светот. Наместо екологија на стравот, екологија на мислењето.
Ако уметноста сè уште поседува некаква моќ, ако сè уште може да иницира креативни и критички места од коишто би се развивале потенцијалните линии на отпор и промена, тогаш таа мора сета своја креативна сила да ја насочи кон разградување на воспоставените клишеа на мислење од коишто постојано ги храниме нашите предрасуди и нашите ресентимани.

На изложбата со свои дела ќе се претстават уметниците: Нехат Беќири, Матеј Богдановски, Искра Димитрова, Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Верица Ковачевска, Нада Прља, групата ОПА (Слободанка Стевческа, Денис Сарагиновски), Никола Узуновски и Јане Чаловски.

П.С. Вирусната пандемијата што веќе неколку месеци ги погодува и ги блокира нашите животи, освен со негативните аспекти (процент на заразени, процент на смртност, вонредна состојба, полициски час, страв, паника) нѐ соочува и со одредени показатели кои, кога сето ова ќе заврши, не смеат да се занемарат, туку треба да се земат во предвид во сета своја сериозност и ургентност. Имено во обидот да се спречи ширењето на вирусот многу човечки активности се ставени во „карантин“ што доведе и до намалување на загадувањето на атмосферата, почвата и водата како и на емисиите на стакленички гасови. Ако сме сите заедно „сплотени“ почитувајќи ги препораките за социјална изолираност и дистанцираност со цел да го спречиме ширењето на пандемијата, исто така мораме заедно да се „сплотиме“ и во однос на предупредувањата за глобалните климатски промени, уништувањето на биодиверзитетот, но и за глобалната социјална неправда и нееднаквост.
Пред нас е предизвикот на големиот скок.

* Фотографија од изложбата „Адан во градот на огинот“, на Нада Прља,„Дневник на катастрофи“, МСУ, 2019